Кој пребарува порно филмови во надбискупијата во Келн?
19 август 2023Не е забрането да се гледа порнографска содржина, дури и според црковниот закон. Но, според секуларните закони, тоа е казниво ако станува збор за таканаречена детска порнографија - односно злоупотреба на децата на интернет.
Затоа со случајот во големата и богата надбискупија во градот Келн во западна Германија се занимава и обвинителството. Имено, таа надбискупија потврди дека собрала податоци за обиди на службените компјутери да се пристапи до интернет страници со насилна или порнографска содржина.
Како што велат, тие страници не се отворени од службените компјутери - затоа што има инсталиран филтер што спречува такво нешто.
Медиумите дознаваат дека има добри причини за сомнеж дека станувало збор за детска порнографија, а меѓу пријавените има и високорангирани свештеници.
Надбискупијата соопшти дека нејзиниот прв човек, кардиналот Рајнер Марија Велки, не бил меѓу оние кои барале порнографска содржина.
Барале видеа со тинејџери
Обвинителството во Келн на прашање на медиумите соопшти дека има информации и ги проверува, но засега нема основано сомневање дека некој сторил кривично дело. Односно дека сакал да пристапи до детска порнографија.
Меѓутоа, локалниот весник Келнер штатанцајгер има пристап до списокот на вработени во надбискупијата кои наводно се обиделе да пристапат до порнографија. Весникот тврди дека на списокот има и вработен чиј кабинет и дом биле претресени од полицијата летово, поради сомнение дека поседува детска порнографија.
Тоа веќе станува сериозно - затоа што архиепископијата дури сега му го предаде списокот на обвинителството, односно откако веќе беше извршена една рација?
Весникот, исто така, открива дека од компјутерите на надбискупијата биле пребарувани термини како „младо порно“ или „тинејџер“, што предизвикува сомневање дека некој конкретно барал видеа за сексуално насилство врз деца.
„Проповедаат вода, а пијат вино“
Покрај потенцијалната кривична одговорност, повторно се разговара за двојни стандарди. Порнографијата во Католичката црква се смета за изопаченост што ја избегнува „чистото срце“, како што рече папата Франциско.
Јоаким Франк, главен дописник на Келнер штат-анцајгер, вели дека списокот до кој дошла неговата редакција содржи и имиња на „високорангирани“ свештеници. Блокирани се „повеќе од илјада“ пребарувања „првенствено“ од доменот на порнографијата.
Франк, новинар кој студирал теологија, вели дека ова е дел од големиот проблем на Католичката црква. „Зарем ова не е случај на проповедање вода, а пиење вино?“, се запрашува тој.