1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Децата и младите загрозени од порнографијата

8 април 2023

Алкохол? Забранет. Цигари? Забранети. Порнографија на интернет? Исто така забранета за деца, но премногу лесно достапна. А последиците се фатални...

https://p.dw.com/p/4Poqo
Детска порнографија на интернет
Детска порнографија на интернетФотографија: Andreas Franke/picture alliance

Можеби беше доволно само да бидат објавени полициските статистики за криминал, за Германија да сфати колку порнографијата е дел од секојдневниот  живот на младите луѓе, па дури и децата: уделот на малолетници во ширење порнографски содржини, во кои се гледа злоупотреба на малолетници, е дури 41 процент. Притоа, тие често и не знаат дека ширењето вакви слики на Ватсап, Инстаграм или Снепчет е казниво дело.

Овде мора да се направи јасна разлика: т.н. детска и тинејџерска порнографија се снимки кои прикажуваат сексуално насилство и кршење на границите кон децата или младите. Експертите затоа се склони да зборуваат за слики на злоставување на деца, а нивното правење, дистрибуција или овозможување на пристап до нив, е секогаш кривично дело. Од друга страна, порнографијата која прикажува сексуални дејства на возрасни е легална, но ставањето такви порнографии на достап на деца и млади, е казниво според закон.

Фрајтаг: Феномен на врвот на ледениот брег

Табеа Фрајтаг не е изненадена од статистиките. Таа е психолог и психотерапевт и шеф на специјалистичко одделение за зависност од медиуми во Хановер и тоа го нарекува „феномен на ледениот брег“. Затоа што на консумирањето, дистрибуција, па дури и ширење на т.н. детска порнографска содржина, претходи долг период на десензибилизација низ масивното мејнстрим консумирање на порнографија за возрасни. И тоа, како што истакнува Фрајтаг, е забрането со член 184 од Кривичниот законик – овозможување достапност на порнографски содржини на корисници помлади од 18 години.

Табеа Фрајтаг
Табеа Фрајтаг, психолог и психотерапевт и шеф на специјалистичко одделение за зависност од медиуми во ХановерФотографија: Privat

„Децата првпат доаѓаат во контакт со порнографија на просечна возраст од 11 години, често зашто веќе имаат паметен телефон, а обично се препуштени сами на себе во интернетот“, вели Фрајтаг и критикува:

„Имаме огромен, но табуизиран скандал на злоставување на деца во општеството, зашто соочување на децата со порнографија претставува облик на сексуално злоставување, кое има огромно влијание на нивниот психосоцијален и сексуален развој.“

Порнографијата создава искривени слики за сексот

Фрајтаг вели дека, според наводите на родители и школски социјални работници, девојки кои често консумирале порнографија во текот на пандемијата на коронавирус, се нудат како сексуални објекти, тие на мажи им испраќаат свои фотографии или снимки. Исто така, девојките и млади жени сѐ почесто доживуваат насилство во сексуалните односи, но истовремено чувствуваат огромен притисок, зашто сметаат дека тоа се очекува од нив.

„Порнографијата е направена првенствено за мажи. Искуството покажува дека погледот на момчињата на девојчињата се менува и другарките од одделението сѐ повеќе се доживуваат и вреднуваат како сексуализирани објекти“, вели Фрајтаг. „А девојките мислат дека мораат да прават некои работи, дури и ако ги сметаат за потполно болни, па дури и одвратни. Зашто, мислат дека тоа се очекува од  нив и се плашат дека ќе ги сметаат за премногу морални и можеби ќе ја загубат врската.“

Студиите зборуваат сами за себе: според студија на Детскиот комесаријат за Англија, 47 проценти од младите на возраст од 18 до 21 година од сите полови веќе доживеале насилство во текот на сексот, девојчињата многу почесто од момчињата. Дури 42 проценти од испитаниците веруваат дека тоа им се допаѓа на девојчињата. А 13 проценти од сексуално активните девојки меѓу 14 и 17 години, според истражување во САД, изјавиле дека биле давени во текот на секс, зашто порнографијата често пренесува слика дека тоа е дел од сексот.

„Моите помлади колеги од нашето специјалистичко одделение, кои работат во училишта на спречување на консумирање на порнографија, велат дека тинејџерите се многу благодарни што некој конечно го покренува тоа прашање.“

Хановер медиумска зависност
Превентивна работа во училиштата во Хановер за медиумска зависностФотографија: Fachstelle Mediensucht in Hannover

Префрлање на одговорноста врз децата

Со оглед на алармантната ситуација, некои стручњаци бараат забрана за мобилни телефони за деца помлади од 14 години. Други промовираат кампањи за подигање на свеста на социјалните мрежи, радио и телевизија. А некои истражувачи водат кампањи за јакнење на медиумската компетенција  на децата и младите, за подобро да се подготват за онлајн порнографија. Табеа Фрајтаг на ова само одмавнува со глава, зашто за неа терминот медиумска компетентност е излишен.

Таа истакнува дека тоа се користи кога „возрасните не сакаат да преземат одговорност“ за заштита на децата од порнографски содржини. „Тоа ја става целата одговорност на слабите плеќи на децата и зборува дека мора да научат да размислуваат за тоа сами, да се заштитат и да прават работи кои и возрасните не можат да ги направат. Тоа е како едно десетгодишно дете да го учите како функционира автомобилот, а потоа го ставате во возилото и го пуштате да вози по автопат“, критикува таа.

Фрајтаг изразува скепса дека децата и младите во иднина ќе бидат подобро заштитени од порнографски содржини. Пандемијата на коронавирус веќе покажа дека доброто на децата има многу низок приоритет, а над сѐ, темата е табу. Конечно, студии покажаа дека возрасните кои често консумираат порнографија, се помалку заинтересирани за заштита на децата.

Тобијас Шмит
Тобијас Шмит не се откажува од борба против насилна порнографска содржина на интернетФотографија: Landesanstalt für Medien NRW

Психотерапевтот Фрајтаг полага надежи во Тобијас Шмит, кој со години речиси сам се бори да обезбеди провајдерите на порнографија да не можат веќе да ги соочуваат децата и младите со насилна порнографска содржина. Шмит е директор на Управата за медиуми на покраината Северна Рајна Вестфалија во Диселдорф и им зададе сериозен удар на платформите во наводната борба меѓу Давид и Голијат.

Високиот управен суд на покраината Северна Рајна Вестфалија потврди дека бесплатно достапните содржини на најголемите провајдери не ги исполнуваат законските услови за заштита на деца и младинци во Германија. Со други зборови, веќе не е доволно, како што е случај актуелно, корисниците со еден клик да потврдат дека се полнолетни.

Тобијас Шмит вели: „Порнографијата сама по себе не е забранета, но мора да постои проверка на возраста. Моментално постои само едно копче кое вели: ‘Да, имам 18 години' . Тоа не е систем за проверка на староста, тоа е виц и секако не е доволно. Знаеме дека имаат потребни процедури веќе подолго време, само мораат да ги активираат“.

Тој се надева дека судската одлука ќе испрати сигнал за поголема заштита на децата и младите на интернет и тоа не само во Германија, туку и ширум Европа.

Шмит се залага за две работи во иднина: „Прво, да постои можност на провајдерите да им се наложи понудувачите на кредитни картички да ги прекинат своите услуги за такви платформи, како што е веќе случај со коцкањето и игрите на среќа на пример. И второ, можност за сериозни санкции, како што се парични казни.“

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема