1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пеколот на детската порнографија

Рихард Фукс | агенции
7 март 2019

Долги затворски казни за четворица обвинети во судскиот процес околу платформата за детска порнографија „Елизиум“. Доказите за пеколот со фотографии и видеа од сексуално злоставување деца се застрашувачки.

https://p.dw.com/p/3Eaww
Deutschland Kriminalität l  Prozess im Fall der kinderpornographische Plattform Elysium
Фотографија: picture alliance/dpa/A. Dedert

Затворските казни за обвинетите во судскиот процес околу платформата „Елизиум“ се во траење од три години и десет месеци до девет години и девет месеци. Четворицата обвинети мажи од германските покраини Баварија, Хесен и Баден Виртемберг изградиле мрежа за детска порнографија на т.н. Даркнет, односно оној дел од интернетот во кој што благодарение на специјални браузери, како на пример „Тор" се можни анонимни комуникации. Осудените, меѓу другото, беа обвинети за набавување, поседување и ширење детска порнографија. 

111 илјади корисници од цел свет имале пристап

Случајот предизвика меѓународно внимание, меѓу другото и заради содржината. Кога полицијата ја деактивираше платформата во јуни 2017 година, таа во тој момент имаше преку 111 илјади кориснички профили. Со оглед на големината на мрежата, се смета дека ова е најголем удар против мрежа за детска порнорафија досега. Од Германија мрежата снабдувала педофили од цел свет со фотографии и видеа од најтешки облици на злоставување деца. Четворицата беа обвинети за групирање во банда за ширење на порнографија и во некои случаи за поттикнување на злоупотреба на деца. Сите четворица главно ги отфрлаа обвинувањата.

На Даркнет двајца корисници преку различни техники на кодирање може наменски да направат сигурна врска за комуникација и да разменуаат податоци без да може да ги читаат и трети лица. За илегалната детска порнографија и оние кои ја продаваат особено атрактивно е што тие приватни мрежи може да бидат проширени и со други корисници и што секој дополнителен контакт исто така останува надвор од класичниот интернет. Значи не постои еден Даркнет, туку многу мали и големи такви мрежи.

Deutschland Kriminalität l  Prozess im Fall der kinderpornographische Plattform Elysium
Четворицата обвинети на возраст од 40 до 62 години денеска беа осудени на долги затворски казниФотографија: Imago/onemorepicture

Секоја перверзија има своја категорија

58-годишниот обвинет Јоахим П. важи за архитектот на платформата за детска порнографија која била крстена според островот на светците од грчката митологија. Наводно ја отворил како замена за платформа која била затворена во Австралија во 2016 година. Серверот за „Елизиум“ наводно се наоѓал во работилница за поправка на автомобили на еден од другите обвинети. Платформата нудела за секоја перверзија посебна категорија: најмлади деца и бебиња, машки и женски, фетиши со садомазохистички фотографии и слично. Иследниците се сигурни дека ова е само мал дел од злосторствата. Според полициската криминалистичка статистика, минатата година во Германија 13.500 деца и младинци биле жртви на насилство поврзано со сексуално злоставување и злоупотреба. Темната цифра е многу поголема. Проценката на Светската здравствена организација е дека во Германија се погодени околу еден милион момчиња и девојчиња. Тоа се во просек по две деца во клас.

На 22. Европски полициски конгрес во февруари во Берлин државниот секретар во Министерството за внатрешни работи Гинтер Крингс бараше радикални решенија. Тој се заложи за забрана на софтверот за Тор-браузери. „Разбирам потреба од Даркнет во автократски системи, но во слободни и отворени демократски системи, според мене, нема легитимна причина и полза од нив", аргументираше Крингс.

Роланд Блес, експерт за Даркнет на Институтот за технологија во Карлсруе приговара на тоа: „И демократии имаат потреба од такви канали за да може сензитивни содржини да се комуницираат на безбеден начин", вели Блес во разговор со ДВ. Тој посочува на примерот со Едвард Сноуден, чии откритија биле есенцијални за сите слободни и отворени демократии: „Борбата против детска порногафија не може да успее со забрана на една сама по себе неутрална технологија, туку мора да биде поврзана со поголеми надлежности за иследниците.“

Symbolbild Darknet
На Даркнет двајца корисници преку различни техники на кодирање може наменски да направат сигурна врска за комуникација Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Dedert

Иследниците да користат „мамци“

Токму тоа неодамна го побараа партиите на Унијата (ЦДУ и ЦСУ), чиј член е Крингс. Тие направија листа од ад-хок мерки за борба против детска порнографија и побараа проширување на овластувањата на истражните органи. Со ова во иднина треба да им се дозволи да употребат и да шират преку Даркнет лажни слики кои изгледаат верно, за да прибираат докази против клиентите и операторите. Досега истрагите пропаѓаат поради правни пречки, бидејќи истражните органи не смеат да стават во оптек инкриминирачки материјали, со што би стигнале до виновниците.

Сојузниот ополномоштеник за прашања за сексуално злоупотреба на деца, Јоханес-Вилхелм Рориг, побара брзо спроведување на предлозите. Само така „конечно ќе се забрзаат нештата во борбата против злоставување деца", изјави тој за медиумите.

Но, експертката за Даркнет, Меропи Занекис од Центарот за криминологија на Универзитетот Есекс, во интервју за ДВ предупредува од слепо проширување на надлежностите на иследниците: „За следење на детска порнографија тоа е веродостојно, но што ќе се случи ако слични истражувачки методи се употребат и при помали деликти или граѓаните може да се шпионираат и во обичното секојдневие?"

И трката на иследниците да затворат што повеќе платформи, според истражителката на Даркнет, нема да придонесе за стигнување до целта: „Ако се затворат платформите, ќе се отворат нови, бидејќи побарувачката е сѐ уште тука."

Затоа, според нејзе, е важно справувањето со социјалните проблеми кои стојат зад феноменот на детската порнографија. Тоа е многу потешко, отколку да се потпреме на технички решенија, нагласува таа.