Детска порнографија- дали Германија доволно ги штити децата?
13 јуни 2020Откако германската полиција повторно разоткри мрежа на професионално организирано сексуално злоупотребување на деца, шокот беше голем. Во една викенд-населба во Минстер со години се брутално силувани деца, неделата се снимани и продавани на даркнет. Мајката на главниот осомничен, воспитувачка во детска градинка, очигледно знаела што се случува, викенд-куќичката е нејзина.
Случајот од Минстер не е осамен. Во Германија се откриваат сѐ повеќе мрежи кои се занимаваат со детска порнографија. Судејќи според криминалистичката статистика, полицијата во 2019 година обработила преку 12.000 случаи, што е 65 % повеќе одошто во 2018 година. Пораснал и бројот на случаи на сексуално злоупотребување на деца за 9%, на вкупно 15.900 случаи.
Сѐ побрутални и сѐ повеќе случаи
Која е причината за пораст на регистрираните случаи на злоставување? Тоа што полицијата открива повеќе случаи од порано? Или денес децата навистина повеќе се злоупотребувани отколку порано? Полицијата, во однос на истражните постапки, е многу поопремена од порано. Капацитетите се зголемени и во сојузната покраина Северна Рајна Вестфалија, каде се наоѓа градот Минстер. Од друга страна, во ера на интернет многу поедноставно е продавањето порнографски материјали. Побарувачката расте. Трговијата со тие материјали стана „голем пазар, вистинска индустрија", како што изјави шефицата на ЦДУ, Анегрет Крамп-Каренбауер.
Повеќе:
Сексуалното насилство - основен ризик за децата во Германија
Пеколот на детската порнографија
Злоставување деца: Не го вртете погледот!
Таа за почеток предлага заострување на кривичните закони. За сексуално злоупотребување во Германија за тешки случаи на извршителите им се заканува затворска казна до максимално 15 години затвор. Истовремено, луѓето кои гледаат филмови или фотографии со сцени на злоставување не мораат да стравуваат од ригорозни санкции. „Не може обична кражба во продавница да се казнува поостро отколку кога некој ќе набави материјал со детска порнографија", критикува Крамп-Каренбауер.
Државата мора да биде поактивна
Сепак, кривичното законодавство е само еден аспект во спречувањето на сексуално злоупотребување. Многу поважна е заштитата на децата од извршителите во раната фаза. Често тоа се лица од непосредното опкружување: татковци, чичковци, вујковци, семејни пријатели. Тоа се случува понекогаш дури и со помош на мајките, а понекогаш тие не преземаат ништо. Како да се препознае и да се спречи тоа? Ова е примарна задача на преку 560 локални канцеларии за млади лица во Германија.
Тие мора да се активираат не само кога ќе се посомневаат во сексуално малтретирање, туку и кога ќе заклучат дека постои опасност од насилство односно запоставување на децата. Според наводите на Сојузната служба за статистика, во 2018 година тоа бил случај кај 50.400 деца, десет проценти повеќе од претходната година.
„Мајстори за измама"
Меѓутоа, луѓето вработени во канцелариите за млади не можат толку едноставно да препознаат дали е во прашање злоставување. „Често недостигаат препознатливи индиции кои упатуваат на сексуално насилство", вели сојузниот ополномоштеник за прашањата за злоставување деца, Јоханес-Вилхелм Рериг. „Децата и лицата од нивната околина кои знаат за злоупотребувањето често се под голем притисок да молчат за тоа. А и злоупотребувачите се мајстори за измами. Тие со сите сили се трудат нивната околина ништо да не дознае, односно да не бидат откриени."
Па дури и во случај да се појави сомнеж за злоставување, во Германија не е толку лесно да „се извлече" дете од некое семејство, привремено или трајно. „Со оглед на искуствата од периодот на националсоцијализмот, во нашиот устав стои дека негата и одгледувањето деца се природно право на родителите", објаснува Ханс-Јирген Шимке, пензиониран професор по право од Универзитетот Минстер. Тој е експерт за правата на децата и напоменува дека државата „не им го позајмила" правото на родителите да ги одгледуваат своите деца, туку тоа е едно од човековите права: „Тука државата нема што да се меша."
Германска специфичност
Тоа е специфичност, единствена во меѓународни рамки. „Во САД на пример, родителите го немаат тоа право, таму се многу попрагматични. Ако некој таму ги остави своите деца сами или не внимава на нив на игралиште, постои можност за казнување на тие луѓе", вели професор Шимке за Дојче веле. „Во Данска децата од самото раѓање ги следат и семејни болничарки, кои секако интензивно го следат однесувањето на родителите, од самото раѓање на детето." И во Франција односот на државата и родителите е сосема понаков: „Тие тоа го нарекуваат растење во јавна одговорност, а не приватна одговорност".
Во Германија, според Сојузната служба за статистика, во 2018 година околу 175.000 деца живееле во домови или згрижувачки семејства. Службите за грижа околу децата можат да побараат малолетник да биде префрлен во згрижувачко семејство, но крајната одука ја носи суд за семејно право. А правото на родителите таму има често поголема тежина од потенцијалната загрозеност на детето.
„Судиите мора да пронајдат причини за на родителите да им го одземат старателското право над децата, а судовите се склони да им веруваат на мајките кога тие тврдат оти се грижат за своите деца и им сакаат сѐ најдобро", раскажува од сопствено искуство правникот Шимке. Тој имено долги години бил претседател на Здружението за заштита на деца во Северна Рајна Вестфалија.
Препорака и одлука
Канцелариите за грижа за младинци и деца во голем број случаи соработуваат со некое семејство и многу добро знаат што се случува во него. „Но, кога ќе дојдат пред суд, родителите се добро подготвени и во придружба на адвокат. И тогаш судијата ви вели: ‘Па што сакате вие всушност, луѓето се баш фини'", опишува Шимке. „Најголем проблем е што судиите се често неискусни и не ги познаваат токму сите бездни на човековата егзистенција."
Така било очигледно и во случајот со педофилската мрежа во Минстер. Државната служба за млади сакала да ѝ го одземе на мајката старателството, зашто нејзиниот животен партнер им паднал в очи на властите поради поседување и дистрибуција на порнографски содржини. Без оглед на тоа што тој човек живеел во ист стан со неа, судот не сметал дека детето треба да го „извлече" од семејството, а на родителите да им го одземе старателското право.
Премногу работа, премалку капацитети
Ако судот донесе пресуда која се коси со препораката на канцеларијата за млади, на државата ѝ се врзани рацете. Канцеларијата навистина има право на жалба и обид да го префрли случајот на повисока инстанца, но тоа значи драгоцено време во текот на кое детето и натаму живее во кругот на семејството.
Со оглед на бројните случаи за кои се грижат вработените во канцелариите за млади, тие обично немаат време за пробивања низ судските лавиринти. Премалку службеници и хронична пренатрупаност со работа која мора да ја извршат доведуваат многупати и до тоа децата на крај да станат жртви на насилство во семејство или да бидат запоставени.
Заштита на податоците – заштита на извршителите?
Политичарите и ополномоштениците за заштита на децата апелираат до општеството, до обичните луѓе, повнимателно да гледаат што се случува во нивното опкружување и во случај на каков било сомнеж да ги информираат државните институции и организации за помош на децата.
Шефицата на ЦДУ Анегрет Крам-Каренбауер инсистира и на реформа на законите за заштита на податоци. Дистрибуцијата на детска порнографија на интернет најефикасно може да се сузбие со помош на пристап до телекомуникациските податоци, вели таа: „Знам дека темата превентивно чување податоци е многу лизгав правен терен. Но, ако постои нешто каде е апсолутно оправдано да се зборува – дека заштитата на податоци всушност е заштита на извршителите, тогаш тоа е детската порнографија."