Резолуција против сексуалното насилство
24 април 2019За резолуцијата против сексуализирано насилство гласаа 13 од 15 членки на Советот за безбедност на ОН. Русија и Кина беа воздржани. Германската влада го поднесе предлог текстот со цел да се овозможи поефикасно и побрзо постапување против силувањето во воените региони.
Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас оцени дека резолуцијата е „од клучно значење“. Меѓутоа, текстот на резолуцијата, под притисок на САД и други држави, беше „омекнат“. Германскиот амбасадор во ОН, Кристоф Хојсген, сепак рече дека е „многу среќен“: „Не постигнавме сѐ, но постигнавме многу.“
Повеќе:
Надја Мурад: борбата на една жена против Исламска држава
Косовска војна: Жртвите на сексуално насилство го прекинаа молкот
Пред гласањето на резолуцијата претходеа напрегнати преговори за одделни делови од текстот. По притисок на САД, Русија и Кина, исфрлени се барањата за утврден меѓународен механизам за следење на сексуални насилници, како и за создавање формална работна група во рамките на ОН за оваа тема.
На американските претставници, освен тоа, им пречеа формулациите за сексуалното здравје и репродуктивните права. Тие стравуваа дека тоа би можело да се сфати како охрабрување за абортус. Откако американската делегација се закани со вето, тие делови од текстот на резолуцијата беа преформулирани.
Во резолуцијата се предвидуваат и специјални санкции на ОН доколку се применува сексуално насилство во вооружени конфликти. Освен тоа, од погодените држави се бара и подобро згрижување на жртвите.
Францускиот амбасадор во ОН, Франсоа Делатре, жестоко ги критикуваше САД. Тој оцени дека е штета што за резолуција за сексуално насилство има закани со вето.
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш критикува што силувањето во многу кризни региони се користи како воена тактика. „Повеќето од овие злосторства никогаш не се пријавуваат, никогаш не се истражуваат, а за процесуирање во суд и да не зборуваме“, рече Гутереш. Вооружени групи, меѓу нив и ектремисти и терористи, го користат жените и девојчињата како робинки и за принудни бракови, рече Гутереш, кој ги повика сите влади на светот да сторат повеќе за заштита на жените во воените региони. ОН веќе го имаат критикувано сексуалното насилство во конфликти во повеќе резолуции. Сексуалното насилство во меѓународното право се третира како воено злосторство.