ЕУ ја засили борбата против злоупотребата на децата на интернет
10 јули 2011Ова го соопшти Советот на министрите на Унијата во четвртокот (30.06) во Брисел по преговорите со Европскиот парламент. Европските земји имаат потполна слобода да воведат забрани во интернет, меѓутоа притоа мора да користат транспарентни процеси и заштитни клаузули. Освен тоа министрите се договорија и за воведување на најниската казна во случај на злоупотреба на деца. Доколку некој принудува дете на сексуални дела во иднина ќе биде казнет со најмалку десет години затвор. Луѓето кои снимаат детска порнографија и ја ставаат на интернет ќе бидат казнети со најмалку три години затвор. Оној, пак, кој поседува ваков материјал или, пак, принудува дете да гледа при сексуални активности, ќе биде казнет со најмалку една година затвор. Остри казни се предвидени и за т.н. „груминг“, каде сторителот со лажен идентитет преку интернет целно бара малолетни жртви. „Не можеме да претераме со одлучноста кога станува збор за злоупотреба на децата“, изјави еврокомесарката за внатрешни работи, Сесилија Малмстром. Новата директива, по политичката согласност, формално мора да биде изгласана уште еднаш. Освен тоа, земјите-членки ќе имаат две години време да ја интегрираат во своето национално право.
Автор: БОМ/ГЧ/ епд
Редактор: Симе Недевски