1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Четирите најголеми проблеми на ЕУ

Бернд Ригерт
15 септември 2021

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, во Европскиот парламент ќе зборува за состојбата на ЕУ. Проблемите се речиси исти како и минатата година: пандемија, клима, конјунктура и длабоки конлфикти меѓу членките.

https://p.dw.com/p/40IfJ
Frankreich Straßurg Europatag Flaggen Europaparlament Gebäude
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. von Ditfurth

Евробарометарот, истражување на јавното мислење во ЕУ, даде јасни резултати - за граѓаните на ЕУ најважни теми за кои треба да се грижи Унијата се заштитата на климата, пандемијата, здравствената заштита, економската состојба и социјалната нееднаквост.

Затоа, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска (15 септември) во својот втор говор во Европскиот парламент за состојбата на ЕУ, ќе ги зафати токму овие теми, ќе извлече биланс и ќе ги најави новите чекори.

Ursula von der Leyen's Rede zur Lage der EU
Урсула фон дер Лајен за време на својот прв говор за состојбата на ЕУ, во септември 2020 годинаФотографија: Reuters/Y. Herman

Пандемија

Европа сега има доволно вакцини против Ковид-19, но бројот на вакцинирани луѓе пред почетокот на есента е сѐ уште мал. Целта пропагирана од Урсула фон дер Лајен за 70 проценти вакцинирани од возрасната популација во ЕУ е достигната, но тоа сепак не е доволно со оглед на многу позаразниот Делта-сој на коронавирусот. Освен тоа, бројот на вакцинирани значително варира од земја до земја: од речиси 90 проценти во Малта до 20 проценти во Бугарија.

Европската комисија мора да работи на ова во наредните месеци, изјави за ДВ еврокомесарката за здравство Стела Киријакидес. Фон дер Лајен го охрабри формирањето на нова европска институција, ХЕРА, која треба да одигра позначајна улога во борбата против болестите. Со ХЕРА би требало да се ограничат некоординираните постапки на 27-те земји членки на Унијата, кои во борбата против пандемијата на коронавирус применуваат различни стандарди и мерки.

Deutschland | Coronakrise: Schulstart mit Maske
Како натаму во борбата против пандемијата, меѓу другото и во европските училишта?Фотографија: INA FASSBENDER/AFP

Економија

Директна последица на пандемијата беше невидениот економски пад, на кој Урсула фон дер Лајен сака да се спротивстави со исто така досега невидена програма за закрепнување и обнова. Фокусот на економската политика на ЕУ во наредните години ќе биде фонд за обнова тежок 750 милијарди евра, финансиран за првпат со заедничко задолжување на членките на Унијата.

Со оглед на тоа што мнозинството граѓани на ЕУ велат дека поради короната претрпеле економска штета, очекувањата од економската програма се големи. Но, планот крие и ризици, бидејќи води кон поголема задолженост на земјите членки и зголемена инфлација. Веќе започна дебата за справувањето со зголемената задолженост на земјите членки.

Повеќе:

Фон дер Лајен и Јанша: ЕУ мора да го исполни ветувањето за Западен Балкан

Климатски промени

Европската комисија сака поголем дел од парите од фондот за обнова да ги употреби за „зелени“ инвестиции. „Зелениот договор“ на ЕУ има за цел до 2050 година да ја направи Европа прв климатски неутрален континент без значителни емисии на јаглерод диоксид.

Таа амбициозна цел ја истурка Урсула фон дер Лајен. Сега, со пакет закони и мерки треба да се организира премин кон обновливи извори на енергија, електромобилност и модерни дигитални работни места. Сѐ уште не е јасно која земја-членка колку штетни гасови мора да „заштеди“ и како да се постигнат поставените цели.

Lausitzer Braunkohlerevier
Треба да се организира премин кон обновливи енергииФотографија: picture alliance/dpa/dpa-Zentralbild

Заедништво

Во ЕУ владее сѐ поголемо неединство. Полска и Унгаријасѐ повеќе се спротивставуваат на обидите на Европската комисија и Европскиот суд за запирање на нагризувањето на владеењето на правото во тие земји. Разбирањето на европските вредности и основните права веќе не е исто во сите земји-членки. Ова е особено видливо на примерот на хомофобните политики во Полска, Унгарија и некои други земји-членки.

Не е решено ниту прашањето за европска солидарност во миграциската политика. Распределбата на мигрантите и барателите на азил, кои во иднина би можеле да пристигнат во поголем број од Авганистан, предизвика длабоки поделби во општествата на земјите-членки. Европската комисија се откажа од очекувањата дека ќе биде договорен механизам за распределба на бегалци и сѐ повеќе се фокусира на затворање на надворешните граници и спречување миграција. Сѐ уште не е познато какви нови предлози тука може да даде Урсула фон дер Лајен.

EU ringt um Finanzpaket I M. Morawiecki -und V. Orban
Полска и Унгарија сѐ повеќе се спротивставуваат на обидите на ЕК и Европскиот суд за запирање на нагризувањето на владеењето на правото во тие земји (фото: унгарскиот и полскиот премиер, Орбан и Моравјецки, 11.09.2020)Фотографија: Czarek Sokolowski/AP/dpa/picture alliance

Се чека Германија

Ако ја споредиме состојбата на ЕУ овој септември со првиот говор на претседателката на Европската комисија во септември минатата година, тогаш фрапантно е што темите останаа практично исти. Проблемите се огромни. Фон дер Лајен ќе се обиде да ги претстави договорените цели на климатската политика, фондот за закрепнување од економските последици од пандемијата и дигитализацијата на економијата, како чекор кон подобра иднина.

По говорот на претседателката на Европската комисија, треба да има дебата во Европскиот парламент. Тоа, по летната пауза, претставува почеток на политичката сезона во Брисел и Стразбур. Но, конкретен напредок во законодавството ќе дојде дури откако по изборите во Германија, на 26 септември, ќе се формира нова коалициска влада во Берлин.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија