1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови права

Фон дер Лајен ѝ се закани на Унгарија поради ЛГБТИ-законот

ЖА / агенции
23 јуни 2021

Претседателката на Европската комисија го смета унгарскиот закон за хомосексуалците за срамота. По спорот околу осветлувањето на стадионот во Минхен во боите на виножито, Виктор Орбан нема да патува во Германија.

https://p.dw.com/p/3vQLe
EU-Parlament | Ursula von der Leyen
Фотографија: Olivier Matthys/AP Photo/picture alliance

Тој ги дискриминира луѓето врз основа на нивната сексуална ориентација, со што се коси со фундаменталните вредности на ЕУ, изјави Урсула фон дер Лајен денеска во Брисел. Од таа причина таа побарала од надлежните еврокомесари да испратат писмо до Унгарија, во кое се содржат правните сомнежи на ЕК, пред законот да стапи во сила.

Законот против „рекламирање“ на хомосексуалноста беше донесен минатата недела во унгарскиот парламент, а со него се забрануваат хомосексуални содржини во образованието и во јавните медиуми, а официјалното образложение гласи – заштита на малолетниците.

Унгарскиот закон е против човечкото достоинство, принципот на рамноправност и основните човекови права, истакна фон дер Лајен. „Кај овие принципи, не сме спремни за никакви компромиси“, рече претседателката на ЕУ, залагајќи се за разноликост во Европа, во која секој треба да живее онака како посакува. Урсула фон дер Лајен најави покренување на сите средства кои ѝ стојат на располагање на ЕК заради обезбедување на правата на сите граѓани на ЕУ.

Германија и 13 други членки на ЕУ во заедничка декларација упатија јавен протест против унгарскиот закон и побараа ЕК да преземе она што е потребно, вклучувајќи како крајна етапа и постапка пред Европскиот суд.

Повеќе:

УЕФА забрани виножито-осветлување на стадионот во Минхен

Новиот главен непријател на Орбан - ЛГБТИ

Унгарија: Секс-скандалот го потресува системот на Виктор Орбан

Револтот против унгарскиот закон за хомосексуалците се пренесе и во други сфери, како фудбалот. Откако УЕФА го отфрли барањето на минхенскиот градоначалник, Алијанц Арена, во која вечер се одигрува фудбалскиот натпревар меѓу екипите на Германија и Унгарија во рамките на ЕУРО 2020, да биде илуминиран симболички во боите на виножитото, десетици други стадиони најавија шарено осветлување  за време на мечот како знак на солидарност со ЛГБТИ-заедницата.

Ungarn Ministerpräsident Viktor Orban
Виктор Орбан нема да присуствува на фудбалскиот натпревар меѓу селекциите на Германија и УнгаријаФотографија: Toms Kalnins/EPA/dpa/picture alliance

Унгарскиот премиер Виктор Орбан пак го откажал планираното патување за Германија заради следење на натпреварот, а вклучувајќи се во дискусијата, во изјава за германската новинска агенција ДПА апелирал до германската политика да ја почитува одлуката на УЕФА.

„Дали фудбалскиот стадион во Минхен или некој друг европски стадион ќе биде осветлен во боите на виножито, не е државна одлука“, изјавил Орбан. Според него, „се разбира дека боите на виножитото се присутни и на улиците во Будимпешта.“

Орбан го брани донесениот закон во Унгарија: „Во комунистичка Унгарија бил вршен прогон на хомосексуалците. Денес државата не само што ги гарантира нивните права, туку и активно ги штити. Личната слобода има највисока вредност“, изјавил Орбан за ДПА, но според него државата има обврска да ја штити и задачата на родителите при воспитувањето на децата.