Неизвесна трка четири недели пред изборите за Бундестагот
31 август 2021Каква противречна слика: од една страна тече здодевна предизборна кампања, досега без напнати и итересни дебати, без вистинска поларизација меѓу политичките табори. Од друга страна исходот на изборите од сегашен аспект е понеизвесен од ретко кога: ниту може да се предвиди кој ќе ја наследи Ангела Меркел во канцеларското биро, ни пак кои партии ќе ја формираат новата влада.
Актуелната канцеларка не стои на располагање за реизбор, тоа го немало во досегашната историја на Сојузна Република Германија. Но, самото тоа не ја објаснува целосно неизвесната трка. Ова потсетува многу на претседателските избори во САД минатата година: голем дел од народот не е одушевен од расположливиот избор на кандидатите за врвната функција и порадо никого од нив не би видел во канцеларката фотелја.
Ќе биде комплицирано
Унијата (ЦДУ/СЦУ) со Армин Лашет и Зелените со Аналена Бербок со недели бележат постојан пад во анкетите на јавното мислење. Олаф Шолц, кој долго време се сметаше за „отпишан“ и не му се даваа никакви шанси, се претвори во изненадување на летото и со неговите Социјалдемократи во најновите анкети ја надминува дури и Унијата, што не е забележано во последните 15 години!
Но, со оглед што секоја од овие моментно најсилни партии „кубури“ нешто малку над или нешто малку под 20 проценти, тоа нема да биде доволно за ниедна од практикуваните коалиции од две партии во изминатите 25 години. Традиционално наречената „голема коалиција“ од Унијата и СПД одамна не е веќе голема. Значи, се навестува дека ќе биде комплицирано. Политички можни се вкупно четири коалиции составени од три политички партии – ниедна од нив не би била брак од љубов.
Формирањето влада пред четири години веќе беше навестување: Унијата, Зелените и Либералите преговараа со недели и на крајот стигна - неуспех. Така, може да се случи да имаат право оние кои на минатогодишната новогодиша ноќ прогнозираа дека Ангела Меркел ќе има и 17-то новогодишно обраќање. Не затоа што би се премислила околу одамна најавеното повлекување од политиката, туку затоа што би останала технички да ја врши функцијата доколку нема избор на нејзин наследник.
Фрагилна коалиција со слаб канцелар
Германците не треба да се загрижени, државата многу добро функционира неколку месеци и без вистинска влада: полицијата, судовите, службите, училиштата и универзитетите и покрај тоа си ја продолжуваат работата, службениците, пензионерите и другите и натаму си примаат плата. Ваквата ситуација во никој случај не е споредлива со „шатдаун“ во САД. Но, без дилеми најмногу би страдала ЕУ, во која без ефикасна Германија вообичаено малку нешто се придвижува.
Крајно, многу порешавачки е следното: сеедно која коалиција со било кој канцелар на чело да произлезе на крајот на ваков мачен процес, таа ќе биде кревка. И, шефот или шефицата ќе го преокупира првенствено со внатрешни теми, со напори за задржување на владата. Притоа, Путиновците, Ердоганите, Ши Џинпингсите и Бајдените од овој свет имаат многу изострено чувство за ваков случај. И тоа и ќе ѝ го покажат на Германија. Лоши изгледи за јак и меѓународно влијателен канцелар како наследник на Ангела Меркел.