1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Само чудо може да ја донесе Бербок на премиерското место

9 јули 2021

Многуте скандали поврзани со кандидатката за канцелар им нанесоа тежок удар на Зелените во Германија. Сега партијата треба да игра со отворени карти, оценува Јенс Турау.

https://p.dw.com/p/3wG3Z
Bundesparteitag der Grünen | Annalena Baerbock
Фотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Дали е отсонуван сонот на Зелените за канцеларската функција? Многу нешта одат во прилог на тоа. Низа ситни пропусти, невистини, плагијати и претерувања на кандидатката за канцелар, Аналена Бербок, веќе изградија претстава дека таа не е доволно веродостојна. Секој помал скандал сам по себе може и да биде простен, особено што речиси и да немаат допирна точка со политичките позиции на Зелените. Но, проблемот е што се многу на број. Човек тешко може да си замисли како кандидатката и партијата мислат да ја поправат штетата на само неколку недели пред изборите закажани за крајот на септември годинава.

Но, да тргнеме по редот на нештата: првом во јавно објавената биографија Бербок има наведено погрешни податоци околу нејзиниот својот пат и членство во реномирани организации. Грешките се секогаш ситни, но одат во ист правец: Бербок се претставува подобра и поатрактивна, поуспешна отколку што е во реалноста. А, всушност она што го има постигнато во своите 40 години е само по себе доволно впечатливо. Таа студирала во Лондон, била пратеник во Бундестагот, прв човек во покраината Бранденбург и на чело на партијата. Несфатливо зошто воопшто имала потреба да ја разубавува биографијата. Но, Бербок ја призна грешката. И тоа е нешто.

Thurau Jens Kommentarbild App
Јенс Турау

Обвинувања за плагијат

Потоа напиша книга - сосема вообичаено за многу политичари. Нејзината книга не е научно дело, туку збир од нејзините искуства со ставови за различни теми, поради што и не мора да ги цитира изворите. Во принцип политичарите пишуваат вакви книги не толку во надеж дека некој ќе ги прочита, туку повеќе да останат присутни во јавноста. Најчесто тиражот е мал, но на промоциите доаѓаат многу луѓе и медиуми. Но, Бербок на премногу места во книгата користела туѓи мисли. Слично е како со нејзината биографија - се чини во преден план е како ќе се претстави, а не содржината.

Партиската централа на Зелените реагираше нервозно и сѐ повеќе запаѓа во дефанзивна позиција.  Ангажира и адвокати да се справат со наводите за плагијат. Но, со тоа само се подгреа хистеријата во дебатата околу грешките на нивната кандидатка. Сега повторно почнаа да го фалат партиското дуо - Бербок и ко-претседателот Роберт Хабек.

Но, оваа последна точка укажува на големата и можеби пресудна грешка на Зелените, која во најмала рака ја олесни појавата на другите: пролетоска, кога Зелените се одлучија Бербок да биде нивни кандидат, имаа 27% поддршка во анкетите.

Требаше да им биде јасно дека во изборна година тоа означува нова ера во поранешната протестна партија и дека веќе нема колектив, туку само една жена на врвот, број еден. Оттогаш веќе немаше колектив, туку една жена на врвот, број еден. Од неа луѓето не очекуваа толку политички ставови, колку што сакаа доказ дека ќе може да ѝ ја доверат земјата.

Зелените требаше да го предвидат тоа

Многумина во Германија сметаа дека може, многумина - не. Особено во бизнис круговите, во кои доминираат мажи, преголема беше недовербата кон релативно младата 40-годишна Бербок од Потсдам без никакво владино искуство. Зелените морале претходно да ги проверат јавно достапните податоци за нивната кандидатка и на најмала можна грешка морале да го спречат и објавувањето на набрзина составената книга. И морало да им биде јасно дека најголемиот таблоид во земјата „Билд“ ќе ја има Бербок на нишан.

Но, Зелените како да се изненадени од настаните и повторно се во ситуација во која речиси никој и да не зборува за нивната агенда.

Од друга страна, од политичката партиска програма и онака не останува многу кога ќе се дојде на канцеларската позиција. Најголемите предизвици на Ангела Меркел - пандемијата, бегалската криза, укинување на атомската програма, финансиската криза - ништо од ова не беше предвидено во програмата на ЦДУ!

Луѓето сакаат да знаат дали може да ѝ веруваат на личноста што се стреми кон врвот, дали е психички издржлива, дали умее да остане мирна и разумна. Накусо - сакаат што е можно поконкретно да ја осознаат личноста што ќе ја води Германија. И дали може да ѝ се верува.

Добар резултат е сѐ уште можен

За Зелените ѐе уште не е предоцна. Да му се даде кандидатскиот статус на Роберт Хабек наместо на Бербок, како што сугерираат некои медиуми, е глупост. Зелените како партија не би го преживеале таквиот потег. За да се добие канцеларската позиција веројатно веќе нема простор, но има за добар изборен резултат.

Предуслов за тоа е Зелените и нивната кандидатка да увидат дека направените грешки одат на нивна сметка, а не на нечија туѓа и тоа јавно да го признаат. Така сигурно ќе останат доволен број луѓе во Германија кои ќе сметаат дека не е лоша идеја да се даде поголема одговорност на една млада жена со свежи идеи.