Фотографија на денот: Климатска неутралност
6 мај 2021Емисијата на штетни издувни гасови до 2030 година да се намали за 65%, а до 2040 година за 88% - гласи новата цел на германската влада. Земјата, според наводите на министрите за финансии и за екологија, Олаф Шолц и Свенја Шулце, до 2045 година би требало да стане климатски неутрална. Досега се планираше климатска неутралност да биде постигната до 2050 година. Според досегашниот закон за заштита на климата, Германија е обврзана на намалување на издувните гасови за 55% до 2030 година и за 70% до 2040 година во споредба со нивото во 1990-та.
Новиот предлог закон би требало да добие зелено светло од владата наредната недела и да биде донесен до изборите за Бундестагот наесен. „Ќе сториме сѐ за веќе во 2045 година да ја постигнеме целта за климатска неутралност“, рече канцеларката Ангела Меркел и најави „дополнителни мерки“ за исполнување на новите климатски цели. Зелените реагираат воздржано на најавите и велат дека е тоа „само почеток, ништо повеќе“. Шефот на пратеничката група на Зелените во Бундестагот, Антон Хофрајтер, бара намалување на емисијата на штетни издувни гасови за 70%, напуштање на добивањето енергија од јаглен до 2030 година и крај за моторите со внатрешно согорување од 2030 година.
Уставниот суд минатата недела прогласи за спротивни на Уставот делови од германскиот закон за заштита на климата, затоа што со него главниот товар за ограничување на загревањето на Земјата ѝ се префрла на помладата генерација. Судиите сметаат дека во законот за заштита на климата нема конкретни правила за намалување на емисиите на издувни гасови од 2030 година натаму. Судот му даде задача на законодавецот да направи поправки на законот до крајот на 2022 година.