1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Вакцинален јаз во ЕУ

Бернд Ригерт
10 јули 2021

Четирипати повеќе Белгијци отколку Бугари досега биле вакцинирани против Ковид-19. Кампањата за вакцинација во ЕУ не се одвива најдобро и не нуди заштита за сите. Но, Германија е над просекот на ЕУ.

https://p.dw.com/p/3w6Wq
BdTD | Belgien Brüssel | Maaaneken Pis mit Arztkittel
Фотографија: Getty Images/AFP/BELGA/N. Maeterlinck

Белгијците се можеби елиминирани од Европското првенство во фудбал, но затоа тие се европски прваци во една друга дисциплина - вакцинирање против Ковид-19. Белгија е водечка држава во ЕУ според стапката на вакцинирање, со 77,7 отсто од возрасното население кое досега ја примило првата доза. Министерот за здравство на Северна Фландрија, Вутер Беке, со гордост ги претставува најновите статистики на својата Фејсбук страница. Фландрија дури има и подобри резултати од остатокот од Белгија. Беке пресметал дека сите жители во неговиот регион, односно 100 насто од оние кои сакаат да се вакцинираат, треба да добијат прва вакцина до околу 11 јули.

Symbolfoto I Belgien - die Corona-Apotheke der EU
Фотографија: Dirk Waem/BELGA/dpa/picture alliance

Бугарија на дното на листата

Сликата во Бугарија е целосно поинаква. Најсиромашната земја во ЕУ на Црното Море може да се пофали со стапка на вакцинација од само 16,8 отсто. Оваа огромна празнина може да се објасни со фактот дека многу Бугари одбиваат да се вакцинираат. Земјата има огромни проблеми со организирање на кампањата за вакцинација и со добивање на вакцини. Бугарија на почетокот се потпираше само на АстраЗенека, која, меѓутоа, имаше големи проблеми со испораката во Европа.

Главниот здравствен инспектор во Бугарија, Ангел Кунчев, ги повикува своите сонародници да се вакцинираат. Одредувањето на приоритети е укинато. Секој може да добие прва доза, под услов Центрите за вакцинација да се снабдени со вакцини.

„Делта варијантата ќе поттикне нов бран до крајот на септември, освен ако некоја друга варијанта не биде побрза“, предвидува Кунчев за порталот „Еурактив“. Бугарија е тешко погодена со короната. Ако се земе предвид вкупната стапка на смртност од заболените која е 4 насто, Бугарија, според информациите на Универзитетот Џон Хопкинс, е меѓу лидерите во ЕУ.

Повеќе:

-Во Бугарија и Романија се уништуваат вакцини со поминат рок - мала заинтересираност за вакцинирање

-Последен круг против коронавирусот во Европа

-Вакцини и мерки - алфа и омега против Делта!

Познатите личности сега го креваат својот глас против тромата кампања на вакцинирање. Популарната оперска пејачка Александрина Пендачеанска, треба да учествува во промотивната кампања со која треба да се зголеми подготвеноста на граѓаните за вакцинација. Таа му припаѓа на „Социјалниот совет“ кој е составен од стручњаци, познати личности, новинари и претставници на црквата, а кои за првпат се сретнаа минатиот петок. Политичарите тоа не го можат сами, смета бугарскиот министер за здравство, Стојчо Кацаров.

Цел на ЕУ: 70 отсто вакцинирани

Во ЕУ во просек се вакцинирани 61,4 насто од луѓето над 18 години, наведува Европската агенција за болести ЕЦДЦ во Стокхолм. Цел на претседателката на Европската комисија и лекарка, Урсула фон дер Лајен, е да се достигне границата од 70 отсто до крајот на месецот. Нејзиното мото, кое го повторуваше на последниот самит на ЕУ на крајот на јуни, гласи: „Вакцинирање, вакцинирање, вакцинирање!“.

Меѓутоа, останува нејасно како Бугарија и Романија, чија стапка на вакцинирање изнесува само 30 насто, ќе помогнат во забрзување на кампањата. „Веруваме дека до крајот на месецот ќе можат да се испорачаат доволно вакцини за да можеме да ја постигнеме целта“, вели за ДВ гласноговорникот на ЕУ, Стефан де Керсмакер. „Исклучително е важно државите членки навистина да ги вакцинираат граѓаните со вакцините кои ги добиваат.“ Тој не сакаше да ги коментира условите во одделни држави членки. Надлежната комесарка на ЕУ, Стела Кирјакидес, ќе посети некои членки за да стекне увид во проблемите на терен, најави Керсмакер. „Тогаш ќе се покаже како Европската комисија ќе може да им помогне на државите членки во постигнување на целта од 70 отсто“. 

Фламанскиот министер за здравство Вутер Беке смета дека силната традиција на вакцинирање влијаела на успехот на вакцинирање во неговиот регион. Од друга стана, подготвеноста за вакцинирање во Бугарија е исклучително ниска, бидејќи 40 насто од луѓето во Бугарија сметаат дека опасноста од коронавирусот е преувеличена. Според досегашното темпо на вакцинирање, дури во пролетта 2022 година, во Бугарија би можел да биде остварен имунитетот на стадо од 70 отсто. Во Германија, пак, стапката на вакцинација е малку над просекот во ЕУ и во моментов изнесува 64,3 осто, со тоа што оваа бројка се однесува само на оние кои се вакцинирани со една вакцина.

Вакциналниот јаз треба да биде намален

На почетокот на кампањата за вакцинација, мотото на Европската комисија беше дека „сите може да биде безбедни, само ако има сите имаат еднаков пристап до вакцините“. Ова важи и за земјите надвор од ЕУ, но секако уште повеќе за земјите во ЕУ, меѓу кои има голем проток на луѓе. „Треба да напредуваме со вакцинацијата, за да се заштитиме“, рече Урсула фон дер Лајен минатиот петок. Некои експерти, сепак, предупредуваат дека имунитетот на стадото во ЕУ не може да се постигне со 70 проценти вакцинирани возрасни граѓани. Поради сојот Делта, кој се смета за позаразен, таа стапката всушност би требало да изнесува околу 85 проценти, вели Лајф Ерик Зандер, шеф на одделот за истражување на вакцини во берлинската болница „Шарите“.

За да се зголеми подготвеноста за вакцинација не само во Бугарија, туку и во Шпанија, Франција и во Германија, мора да се потпреме на фактите, односно на искрените и точни информации, вели портпаролката на Европската комисија, Дана Спинант. „Ова е многу важно за градење на довербата“, додаде таа, повикувајќи ги сите национални влади на земјите членки на ЕУ да учествуваат во информативната кампања. Грција (со стапка на вакцинација од 54 проценти), на пример, се нуди финансиски стимулации во својата кампања. Младите кои ќе се вакцинираат, добиваат ваучер вреден 150 евра.

Прошетка во Русија и вакцинирање

Бугарија, со крајбрежјето на Црното Море, е популарна дестинација за одмор на руските туристи. Во Русија има голем број на заразени лица. Постои зголемена загриженост дека варијантата Делта од „Златните песоци“ близу Варна може да премине и да се рашири низ ЕУ. Бугарија прима не само туристи кои биле вакцинирани со четирите вакцини одобрени од ЕУ, туку и оние кои примиле кинеска или руска вакцина. Бидејќи Светската здравствена организација (СЗО) ја нема одобрено руската вакцина Спутник V, Бугарија тука ги прекршува правилата на ЕУ. Грција, која исто така им дозволува на Русите вакцинирани со Спутник V да влезат во земјата, сега дополнително бара од нив и негативен тест на коронавирусот.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија