1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Американската демократија е под закана

Инес Пол
6 јануари 2022

Можеби ќе звучи претерано и така треба: иднината на демократијата во САД е доведена во прашање. Она што се случи пред една година е само најава за она што ќе следува, коментира Инес Пол.

https://p.dw.com/p/45BlB
САД Вашингтон Капитол Доналд Трамп Упад
Една година од упадот во американскиот КапитолФотографија: Samuel Corum/Getty Images

Нападот врз американскиот Капитол во Вашингтон пред една година не требаше да биде изненадување. Дури и пред отворањето на гласачките места во трката за претседател на САД, тогашниот шеф на државата Доналд Трамп најави дека доколку ја загуби битката, за тоа ќе има само една причина: изборна измама. Тој, заедно со милиони негови поддржувачи, нема да прифати пораз. 

Блиску до пуч 

Трамп загуби. А неговите радикални поддржувачи упаднаа во Капитол на денот кога Конгресот требаше формално да го потврди изборот на Џо Бајден. Сликите од тој настан го шокираа светот и тогаш. Но, дури од пред неколку недели дознавме колку САД биле блиску до вистински државен удар. Само благодарение на смиреноста на неколкумина службеници било избегнато крвопролевање во Претставничкиот дом. Многу лесно можеше да се случи да имаме мртов потпретседател, убиен затоа што ги следел демократските правила, а не наредбите на претседателот. За тоа недостасуваше многу малку. 
Она што требаше да биде повик за будење за сите демократски сили, без оглед на партиската припадност, стана уште еден политички фудбал во деструктивниот спектакл на американската политика. До денес, Републиканците се обидуваат да го спречат расветлувањето на настаните од тој ден. Наместо да се вразумат и да му се вратат на политичкиот натпревар за поубедливи аргументи во кој фактите и почитта за различното мислење се важни, само се продлабочи рововската битка. 

Опасна поделеност на демократите 

Уште од првиот ден на ерата на Бајден, американските републиканци почнаа да се подготвуваат за следната претседателска кампања. Додека владејачките демократи се зафатени со меѓусебни пресметки на различните фракции, дури и Ковид кризата е тема за политичка експлоатација. Републиканците блокираат клучна сојузна финансиска помош за да ја спречат администрацијата на Бајден да освои поени за следната изборна кампања. 
Она што е уште поопасно е прецртувањето на изборните окрузи со што ќе се ограничат основните демократски права на црните и другите малцинства. Дополнително, постојат серија други пречки кои се насочени кон само една цел: да се спречат потенцијалните гласачи на демократите да гласаат. 

Инес Пол
Инес Пол, дописничка на ДВ од ВашингтонФотографија: DW/P. Böll

Основите на демократијата не се обезбедени 

САД беа заслужено горди на своите постигнувања во делот на граѓанските права. И покрај сите проблеми во државата, основните пилари на демократијата се чинеа безбедни со правото на секој граѓанин да гласа.
Но, тоа повеќе не е случај. Треба да се подготвиме за најлошото во земјата каде, благодарение на социјалните медиуми, се променија правилата на игра, па сега е полесно за расистичките теоретичари на заговор да доминираат на политичката сцена, одошто актуелниот претседател. Барем во моментов, никој се чини нема одговор на прашањето како да се сопрат популистите кои сакаат да го урнат системот со цел да си обезбедат неограничена моќ за себе. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема