Поддржувачи на Трамп упаднаа во Конгресот на САД
6 јануари 2021Полицијата се обидува да ги спречи демонстрантите со солзавец, а на конгресмените им се поделени гас маски. Стотици поддржувачи на претседателот Доналд Трамп успеаја да ги пробијат заштитните огради пред влезот во Конгресот и маршираат внатре во зградата каде пратениците требаше да ја потврдат победата на Џо Бајден на претседателските избори.
-повеќе на темата: Претседателски избори во САД 2020
Полицијата ја евакуираше зградата со конгресмените, а од Сенатот беше извлечен и потпретседателот Мајк Пенс. На неколку објавени фотографии од внатрешноста можат да се видат полицајци во цивил со пиштоли во обид да се одбранат од можниот влез на демонстрантите во салата за седници.
Хаотичните сцени се случуваат откако Трамп им се обрати на илјадници свои поддржувачи во близина на Белата Куќа, повторувајќи ги своите неосновани тврдења дека изборите му биле украдени со измама. Изборните претставници од обете партии, како и независните набљудувачи не најдоа никакви докази за измама на изборите одржани на 3 ноември минатата година, на кои Бајден победи со повеќе од 7 милиони гласови разлика.
Жалбите на Трамп до повеќе судови во земјата за изборите резултати беа одбиени како неосновани.
Процесот на утврдување на изборните резултати во Конгресот, кој вообичаено е формалност, беше очекувано да трае неколку часа поради обидите на некои републикански конгресмени да ги оспорат резултатите.