Вкупно четири самоубиства на полицајци по упадот во Капитол
3 август 2021Упадот на Капитол во Вашингтон на 6 јануари беше трауматичен настан за американската демократија. Поддржувачите на поранешниот претседател Доналд Трамп упаднаа во зградата каде Конгресот требаше да го потврди изборот на наследникот на Трамп, Џо Бајден. Во тоа време, безбедносните сили со крајни сили успеаја да спречат катастрофа.
Полицајците кои го бранеа Капитол тој ден доживеаја екстремна ситуација што продолжува да им тежи повеќе од шест месеци подоцна. „Можев да умрам тој ден, не еднаш, туку многу пати“, изјави неодамна една од вклучените безбедносни сили пред истражниот комитет на Претставничкиот дом.
Денеска, пак, беше објавено дека уште двајца полицајци вклучени во одбраната на Капитол за време на безредијата на 6 јануари извршиле самоубиство, со што бројот на самоубиства на полицајци кои тој ден го обезбедуваа Конгресот се зголеми на 4.
Повеќе:
-Независна истражна комисија за упадот во Капитол и одговорноста на Трамп
-Што значи упадот во Капитол за западните демократии?
-Во 220-годишната историја американскиот Капитол не видел вакво насилство
Полицискиот службеник Гантер Хашид е пронајден мртов во четвртокот во својата куќа каде извршил самоубиство, а уште еден полицаец, Кајл Дефрајтег, кој бил на должност на 6 јануари во Капитол, исто така, се самоубил на 10 јули, соопшти портпаролот на полицијата во Вашингтон.
Полицискиот службеник во Дистриктот Колумбија, Џефри Смит, и полицискиот службеник во Капитолската полиција, Хауард Либенгуд, кои го озбезбедуваа Конгресот за време на безредијата на 6 јануари, исто така, извршија самоубиства.
Стотици симпатизери на тогашниот претседател Доналд Трамп тој ден влегоа во зградата на Конгресот, во неуспешен обид да ја спречат потврдата за победата на демократскиот претседател Џо Бајден на изборите, а четири лица го загубија животот за време на насилството.
Наредниот ден почина еден полицаец во Капитол кого го нападнаа демонстрантите, а вкупно во насилствата беа повредени над 100 полицајци.