Американскиот Капитол не видел вакво насилство
7 јануари 2021Во својата 220-годишна историја, американскиот Капитол не посведочил вакво нешто: разгневена толпа која насилно се пробива меѓу неговите величествени мермерни столбови, во обид да ја спречи промената на власта, и да го сквернави седиштето на најголемата светска демократија.
Но насилниот упад од 6 јануари не е прв пат седиштето на Конгресот и Сенатот да биде погоден од насилство.
Во 1814, само 14 години по отворањето на објектот, британските сили се обидоа да го запалат за време на Војната од 1812. Британците најпрво ја ограбија зградата, а потоа ги запалија јужното и северното крило, уништувајќи ја конгресната библиотека. Ненадејниот дожд го спречи целосното уништување, но зградата се претвори во „највеличествената руина“, според архитектот Бенџамин Хенри Латроб.
„Дојдов да умрам...“
Низ вековите многу други настани оставиле траги врз зградата: бомбашки напади, атентати, протести...
Најпозната епизода се случи во 1950, кога четворица националисти од Порторико го открија знамето и извикувајќи „Слобода за Порторико“ испукаа бараж од 30 куршуми од гостинската галерија. Петмина конгресмени беа ранети од кои еден потешко.
„Не дојдов да убијам никого, дојдов да умрам за Порторико!“, извика нивната предводничка Лолита Леброн по апсењето.
Но и претходно и потоа, зградата беше цел на напади. Во 1915 еден Германец постави три стапчиња динамит во салата за приеми на Сенатот кои експлодираа кусо пред полноќ кога објектот беше празен. Бомбашот- кој претходно ја отрул својата сопруга, го застрелал финансискиот магнат Џеј Пи Морган и поставил бомба во брод со муниција кој требало да отплови кон Британија- се самоубил пред полицијата да стигне до него.
-повеќе на темата: Конгресот го потврди изборот на Бајден, Трамп вети уредно предавање на власта
Во поблиското минато, милитантната организација Временско подземје (Weather Underground) детонираше експлозив во 1971 во протест поради бомбардирањето на Лаос од страна на САД, а комунистичкото движење 19 Мај го стори истото во 1983 поради инвазијата врз Гранада. Во нападите немаше човечки жртви но предизвикаа огромна материјална штета и доведоа до преземање засилени безбедносни мерки во објектот.
Неуспешен атентат
Најсмртоносниот напад врз Конгресот се случи во 1998 година, кога ментално болен човек пукаше кон обезбедувањето и смртно рани двајца полицајци. Статуата на потпретседателот Џон Калхун се уште го носи белегот на еден од испуканите куршуми. Напаѓачот беше ранет и подоцна институционализиран во ментална институција.
Од инцидентите што оставија историски траги за одбележување е и обидот за атентат врз претседателот Ендрју Џексон во 1835. Напаѓачот се обиде да го застрела Џексон пред зградата, но пиштолите не испукаа, па претседателот го претепа атентаторот.
И конечно, во 1856, сенаторот Престон Брукс го нападна сенаторот Чарлс Самнер со својот стап за одење во салата откако Самнер одржа говор против робовладетелството. Самнер беше толку тешко повреден што минаа три години пред повторно да се врати на работното место. Брукс не беше казнет, но си поднесе оставка, за веднаш потоа да биде реизбран на функцијата.