1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мајката на парламентите го победи таткото на лагите

Барбара Везел
24 септември 2019

Британскиот Врховен суд му нанесе фатален пораз на премиерот. Принудниот одмор за Долниот дом е противправен. Борис Џонсон е зрел за давање оставка, смета Барбара Везел.

https://p.dw.com/p/3QB64
Karikatur Klatsche für Boris Johnson

Ароганцијата губи. Тоа важи за непочитувањето на уставните правила кои во Велика Британија се замена за Устав. Тоа важи и за непочитување на законите и на независноста на судиите. Исто така важи и за непочитувањето на Парламентот и неговите права и задачи. Борис Џонсон сметаше дека може да се стави над сето ова и по примерот на авторитарните владетели на сила да ја “избутка” својата претстава за Брегзитот. Одлуката на Врховниот суд како секира се заби во антидемократските амбиции на премиерот.
Судски преседан
Судиите од највисокото судско тело во Лондон едногласно донесоа одлука каква што никој не очекуваше. Тие одлучија дека прекинот на работата на Парламентот е целосно и од сам почеток противправен. Само еден час подоцна неколку пратеници симболично ги зазедоа своите места во Долниот дом. Единственото за што судот имаше милост со Борис Џонсон е да не констатира експлицитно дека ја излажал Кралицата кога ја натера да го прати Парламентот на принуден одмор. Но, самото образложение на одлуката укажува на една таква лага. Еден од адвокатите за време на расправата формулираше дека ова било битка меѓу мајката на Парламентите и таткото на лагите. Од таквата битка како победник излезе парламентарната демократија. Задача на пратениците е да бараат отчет од владата и таквото право и обврска не може премиерот произволно и со погрешна аргументација да го укине, недвосмислено констатира судот.
Одлуката е повеќе од само фатален политички удар за Џонсон. Еднаш и засекогаш утврдува дека извршната власт не може балансот на моќ меѓу парламентот и владата произволно да го поместува во своја корист. Нејзиното делување е секогаш и под секакви околности подложно на контрола од страна на избраните народни пратеници. Британски правници одлуката ја карактеризираат како правен земјотрес бидејќи таквиот принцип сега е утврден и од страна на највисокото судско тело со што станува дел од правниот поредок.
Џонсон е зрел за давање оставка
Во нормални околности ваква одлука би претставувала неодложна причина за повлекување од функцијата. За прв пат во британската историја Врховниот суд одлучува дека премиер делувал противправно за прашање од толку елементарно значење. Но, Борис Џонсон веројатно ќе се држи до својот принцип дека дрскоста победува, иако Врховниот суд јасно му ги повлече границите. Опозицијата сега мора да се стегне за да му стави крај на Даунинг стрит. Преодна влада би била најдобар излез од политичкиот ќорсокак, дури и што се однесува до натамошното третирање на Брегзитот. Џонсон не ги повреди демократските начела само со принудното паузирање на парламентот, туку дозволи и да се упатуваат закани кон врховните судии. Во секој случај предупредувањето за Врховниот суд, да не се меша во Брегзитот, дојде токму од седиштето на неговата влада. Врховните судии и не го сторија тоа, но затоа јасно покажаа што мислат за тоа кога еден премиер ја напаѓа независноста на судиите. Борис Џонсон во краткото време на неговото владеење нанесе поголема штета на демократските институции во земјата отколку други за цела една деценија. Тој покажа дека генерално не ги почитува законите и правилата во Велика Британија кои ги стави под своја штикла. Тоа доведе до спектаклот да Ториевецот и поранешен премиер Џон Мејџор, меѓу другите, покрене тужба пред Врховниот суд против актуелниот премиер. Конзервативната партија треба да си го спаси остатокот од веродостојноста и со сопствени сили да се раздели од уништувачот на нејзините вредности и принципи.
Силата на поединецот
Настрана од тоа дека Врховниот суд ги утврди и засили правата на Парламентот, во таквата постапка во Лондон има друг охрабрувачки аспект. Тоа покажува дека поединечни граѓани не се беспомошни кога се уништуваат демократските принципи. Бизнисменката Џина Милер со лични и финансиски жртви по втор пат водеше битка за одржување на парламентарната демократија пред Врховниот суд и по втор пат извојува победа. Таа во последниот случај имаше поддршка од шкотски пратеници и поранешниот премиер Џон Мејџор, но сепак таа лично беше човекот кој го покрена процесот и благодарение на јасната и силна аргументација на нејзиниот адвокат ги убеди судиите. Нејзиниот пример покажува дека вреди да се бориш, дека поединци не мора молчејќи да прифаќаат кога влади демонтираат една демократија. Бестрашност и одлучност на секој еден граѓанин може да ги придвижат нештата. Еден човек по име Борис Џонсон кој си помисли дека е над правото, треба засрамен да се повлече во некоја дупка. Сега задача на опозицијата е да се затвори таа дупка и да се осигура дека тој долгорочно ќе исчезне од британската политика. Потоа ќе остане само по примери од римско време заборав да го прекрие неговото име. Оти за суетниот премиер не може да има пострашна казна.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел