Брегзит - големата измама на Борис Џонсон
4 септември 2019Во британскиот парламент вчера (03.09.2019) летаа искри. Борис Џонсон доби неколку лажички од истиот лек кој тој самиот од задните парламентарни клупи ѝ го даваше на Тереза Меј. Тој мораше да влезе во судир со противниците од својата сопствена партија, кои аргументираа потрезвено и поинтелигентно од него. Тоа беше очигледен доказ дека неговата готовност и површниот шарм не се дораснати на вистинска жестока политичка расправа. Маската на Борис Џонсон почнува да се лизга. Неговите соперници му го приредија првиот голем пораз, подготвувајќи подлога за закон против т.н. тврд Брегзит.
Симболичко губење мнозинство
Му се случи и симболичко губење на неговото мнозинство во парламентот од само еден глас. Долгогодишниот ториевски пратеник Филип Ли стана за време на говорот на Борис Џонсон во парламентот и молчешкум премина на седиште на страната на либералите во опозициските клупи. На еден партиски и владин шеф не може на појасен начин да му се покаже својот презир.
Доволно зборува и писмената изјава на парламентарецот, во која се обвинува за лаги и целосна неодговорност. Ли ја критикува владата на Џонсон за минирање на демократијата и британското единство преку агресивната стратегија за Брегзит. Овој пратеник едноставно го презеде малку порано она со што премиерот им се закани на конзервативните пратеници и доброволно ѝ заврте грб на партијата.
Симболичкиот гест демонстрира на колку лабави нозе стои владата на Џонсон. Фактички, со недели е јасно дека кај конзервативците има дваесетина пратеници кои не се согласуваат со курсот на владата, зашто таа со сета сила стреми кон нерегулиран Брегзит, за да ја задоволи потребата од идеолошката чистота на десничарите кај ториевците и да ја одвои Велика Британија од секаква поврзаност со ЕУ.
Големата измама на Брегзит
Триковите и растегнување на правилата отсекогаш биле дел од политиката. Но, тие не смеат да ја чепнат суштината на демократијата. Ама Борис Џонсон има други планови, зашто тој е уништувач на системот и истовремено спаѓа во сортата на новите целосно неодговорни политичари. Дали во Велс ќе ги снема последните работни места во челичната индустрија или поради Брегзит ќе пропадне британската автомобилска индустрија, нему му е сеедно.
Зашто, неговата визија за Велика Британија е истата која ја сонуваат шпекулантите на финансиските пазари, кои поддржуваат тврд Брегзит: Велика Британија со малку државна контрола, мали даноци и малку правила. Еден вид меѓународна пиратска држава, во максимална можна мерка ослободена од сите сојузи и врски во меѓународниот соживот.
Уверливост? Безумие!
Но, Борис Џонсон во врска со оваа цел ги лаже своите граѓани и својот парламент од утро до мрак. Тој тврди дека се зголемени изгледите за нов договор со ЕУ. А од Брисел пак се вели дека воопшто не се ни преговара сериозно. Џонсон тврди дека има нови предлози околу ирската граница. Но, од Даблин може да се чуе дека тој има намера да ги разлабави обврските од мировниот Договор на Велики Петок. Џонсон убедува дека ЕУ ќе попушти дури тогаш, кога тој уверливо ќе може да се закани со тврд Брегзит. Тоа пак е бесмислица, зашто ЕУ и онака веќе смета на тврд Брегзит и нема да ги направи отстапките кои Џонсон се обидува да ги изнуди.
Целата конструкција на оваа наводна преговарачка стратегија всушност е лажна слика. Интерните извештаи од владата ги потврдуваат претпоставките. Британците имаат премиер кој со децении сака да ги лаже при донесувањето важни политички одлуки. Кој го испраќа парламентот на принуден одмор за да го елиминира отпорот. Пратениците му приредија прв пораз и сакаат да му ги врзат рацете. Дали тоа на крајот ќе функционира не е јасно, зашто премиерот веќе размислува со какви трикови може да саботира пролонгирање на датумот за Брегзит.
Колку се итри противниците?
За премиерот без мнозинство нема излез освен нови избори. Ќе се води изборна битка во која Борис Џонсон може да ја демонстрира својата способност за безгранично манипулирање со вистината. Дали Британците ќе му веруваат во сказните, останува отворено прашање. Тоа ќе зависи и од подготвеноста на опозицијата и нејзините умни потези заради бркање од власт на големиот Брегзит-измамник.