1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борис Џонсон како диктатор

Барбара Везел
29 август 2019

Британскиот премиер Борис Џонсон планира тврд Брегзит по секоја цена. Не се воздржува ни од суспендирање на парламентот. Таков вид политика практикуваат латиноамериканските воени диктатури, смета Барбара Везел.

https://p.dw.com/p/3OfK9
UK Boris Johnson tritt in die 10 Downing Street ein
Фотографија: Getty Images/J. J. Mitchell

Спикерот на британскиот парламент го нарече потегот на премиерот - монструозен. Тоа е сепак воздржан израз за планот на Џонсон да ги стави вон сила правата на парламентот. Сега се одмаздува слабоста на британскиот систем, кој има преголема доверба во традицијата. Недостасува модерен устав кој би можел да спречи вакви самоволија.

Акт како во воена диктатура

„Повратете си ја контролата“, беше еден од главните слогани на кампањата за Брегзит пред три години. Меѓутоа, гласачите тогаш сигурно не мислеа целата власт да ја доверат во рацете на Борис Џонсон

Напротив: стануваше збор да се реализира предимството на британскиот парламент. Никој не ја декларираше целта еден на избори неизбран премиер, кој веројатно не располга ни со парламентарно мнозинство, самиот да одлучува околу Брегзит и со тоа за судбината на земјата.

Поранешниот премиер Џон Мејџор и други политичари сега се обидуваат препадот на Џонсон да го спречат по судски пат. Ќе се покаже дали уште функционираат институционалните осигурувачи на Велика Британија. Опозицијата се обидува преку итна дебата идната недела во последен момент да го спречи упадот и преземањето на власта од страна на Борис Џонсон. Но, за тоа остануваат само неколку дена, зашто веќе на 10 септември парламентот повторно ќе треба да оди на принуден одмор, а ќе се состане повторно кратко пред датумот за Брегзит. Кратките рокови оневозможувата спроведување на мнозинската волја на пратениците.

Но, вина сноси и опозицијата, Лабуристичката партија, која дозволи да може да дојде до ваква неиздржлива ситуација. Таа три години денгубеше со својата двосмисленост и нерешителност, никогаш не го разбра вистинското политичко значење на Брегзит и ја пропушти шансата да го запре возот.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел

Она што сега го прави Џонсон е претстава од политичка лудница достојна за некоја латиноамериканска диктатура. Тоа е антидемократски, сосема во духот на новите уништувачи од типот на Трамп и Болсонаро. Ним им е важна нивната и моќта на нивните финансиери од кругот на супербогатите. За нив демократските постапки и институционалните контроли се само одвратна додавка.

ЕУ не смее да се стави во улога на помагач

Во последните денови кружеа гласови дека со мали дополнителни регулативи, може да биде најдено решение околу прашањето за ирската граница. Но, дури и ако ЕУ била спремна на вакви работи кратко пред датумот за Брегзит и без темелни преговори и проверки, во оваа ситуација сега не смее да стане помошник на самоволието на Џонсон.

Брисел не смее да учествува во играта во која една земја членка ги става вон сила своите демократски процедури, за на препад да ја напушти ЕУ. Само за потсетување: Брегзит се базира на референдум кој имаше само необврзувачки карактер и беше изгласан со тесно мнозинство.

Велика Британија мора да пружи отпор

Сега е крајно време преостанатите демократи меѓу британските конзервативци, опозицијата, научниците, интелектуалците и сите кои се сметаат за разумни граѓани, да организираат отпор. Со години се имаше впечаток дека многумина Британци живеат во состојба на иреалност. Како некогаш да ќе се разбудат од лошиот, комшмарен сон за Брегзит и сѐ ќе биде повторно како порано.

Борис Џонсон е најопасниот политичар кој во последните децении се вселил во Даунинг стрит. Тој е жеден за моќ, опортунист и целосно неодговорен. Тој изнесува, како последно на Г7, непоткрепени тврдења, им се заканува на партнерите во ЕУ, се улизува кај американскиот претседател и притоа следи само една цел: да ја извлече Велика Британија од ЕУ по секоја цена. Како што се гледа сега, за таа цел Џонсон е спремен дури и да го развласти парламентот и да ја стави вон сила демократската структура на земјата. Ова е потег во манирот на Владимир Путин. На оние во Велика Британија, кои сега нема да се разбудат и да се бранат, им нема веќе помош.