1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борис Џонсон и „ситницата“ со Брегзит

22 август 2019

Премиерот Борис Џонсон во Берлин наиде на одбивање. Канцеларката Меркел не сака нови преговори за Брегзит. Се чини дека Џонсон беше подготвен и на вакво нешто. „Ќе успееме“, рече тој и тоа на германски јазик.

https://p.dw.com/p/3OIw8
Berlin, Angela Merkel trifft Boris Johnson
Фотографија: Reuters/F. Bensch

Значи ова е човекот - Борис Џонсон, за кој толку многу се зборуваше во Берлин деновиве. Во принцип сѐ беше исто како и при било која посета на премиер на странска држава – воените почести Џонсон и канцеларката Ангела Меркел ги проследија седнати на столчиња. Ова е веќе неколку недели редовен протокол во Берлин откако канцеларката имаше неколку напади на тресење. На крајот на краиштата, Џонсон инаку секогаш расположен за политичко подбивање, овојпат, беше пријателски настроен кон канцеларката.

Гласни протести против британскиот премиер

Покрај оградата на седиштето на канцеларката имаше повеќе луѓе од вообичаено, а нивните гласни дофрлања како „Не за Брегзит" и „Лажго“ одекнуваа дури и во дворот. Пријателски прием изгледа сосем поинаку. Потоа Џонсон и Меркел дадоа куси изјави. Лоша практика која е вообичаена во Берлин веќе некое време – медиумите добиваат само информација за тоа што ќе се разговара на средбата и ништо повеќе. И покрај тоа фоајето на првиот кат во зградата на канцеларката е преполно со новинари. Меркел и Џонсон се трудат да изгледаат пријателски настроени.

Џонсон на германски изјави – „Ќе успееме"

Меркел изјави: „Честопати од германска страна повторуваме дека ни е жал за истапувањето, но тоа е факт дека ќе се случи". Германија претпочита излез на Велика Британија со договор, но е подготвена и за тврд Брегзит. Џонсон речиси и не реагираше на оваа изјава и почна да набројува – во однос на човековите права, климатските промени, и во однос членството во НАТО – имаме заеднички вредности насекаде.

Berlin, Angela Merkel trifft Boris Johnson
Воените почести Џонсон и канцеларката Ангела Меркел ги проследија со седењеФотографија: AFP/O. Andersen

Но, потоа Џонсон рече – ни остана само уште оваа „ситница“ со Брегзит. Тој исто така сака излез на неговата земја од ЕУ базиран на договор, и на германски јазик додаде: „Wir schaffen das!" (Ќе успееме). Ова го кажа Меркел на почетокот на бегалската криза пред добри четири години. Денес ова е најпознатата реченица искажана во времето на Меркел. И двајцата, Меркел и Џонсон потоа зборуваа за можните алтернативи за излез од ќорсокакот. Но, кои се тие, не е баш јасно.

Среда Берлин, четврток Париз

Набљудувачите во Лондон сметаа дека целта на патувањето на Џонсон во Берлин и потоа во Париз, е вината за евентуален тврд Брегзит што порано да им се префрли на Европејците. Од други извори пак се вели дека Џонсон верувал дека можел да поентира со канцеларката Меркел, но не и со францускиот претседател Емануел Макрон. Но, и Меркел во вторникот за време на посетата во Исланд јасно кажа: „Секако дека ќе размислуваме околу практични решенија, но не треба повторно да го отвораме договорот за истапување."

Џонсон сака да го отвори прашањето за ирската граница

Џонсон последно сака да изврши притисок пред сѐ за нови преговори околу таканаречениот „бекстоп“. Со овој аранжман во договорот со ЕУ се предвидува Велика Британија по истапувањето од ЕУ да остане дел од заедничката царинска унија со Унијата сѐ додека не се најде решение за проблемот со границата меѓу ЕУ-членката Ирска и Северна Ирска која ѝ припаѓа на Велика Британија. Ова решение Џонсон го нарече „недемократско“.

Но за државите во ЕУ, пред сѐ заштитата на членката Ирска е екстремно важна. Стравувањата се дека доколку дојде до истапување без договор, меѓу Ирска и Северна Ирска повторно ќе има рампа. Меркел сепак изјави дека доколку има волја може „дури и во наредните триесет дена да се најде решение за бекстопот" – што значи и пред датумот за истапување, 31 октомври.

Вицеканцеларот Олаф Шолц: никој не треба да чека промени

Германскиот министер за финансии и вицеканцелар Олаф Шолц во средата звучеше уште погрубо. „Спремивме договор и никој не треба да очекува дека нешто ќе се менува во правилата што во него се дефинирани."

Deutschland Auftakt der Gesprächsreihe Geteilte Geschichte(n)
Невообичаено остри зборови од претседателот ШтајнмајерФотографија: picture-alliance/dpaW. Kumm

И претседателот Франк Валтер Штајнмајер, спротивно на сите обичаи, зазеде став за Брегзит. Претседателот вообичаено се воздржува од коментари за дневната политика. „Сите варијанти кои може да бидат предложени веќе биле предмет на разговори." Штајнмајер имал впечаток дека на Џонсон му било побитно да најде виновник за ситуацијата.

Граѓаните во Берлин не сакаат Брегзит

На Парискиот плоштад недалеку од Бранденбуршката капија на само стотина метри од седиштето на канцеларката, ставовите за Борис Џонсон и Брегзитот се јасни. „Се надевам дека нештата ќе останат како што се сега. Подобро е за Европа", вели еден маж чиј став го отсликува расположението и на повеќето други граѓани. Постара жена се потсетува на времињата во Европа по војната и вели: „Не може нешто што со мака заеднички било создавано некој сега да го расцепкува." Друга жена сака Европејците да останат цврсти. „Би биле глупави ако му попуштат сега на оној Џонсон. Тогаш ни јас веќе нема да гласам за нив." Во моментов уште изгледа како Европа од 27 држави да е единствена во ставовите. Тврд Брегзит на 31 октомври е сѐ поверојатен.