1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Парламентарната демократија го победи Борис Брегзит

6 септември 2019

Сведоци сме на еден премиер и на еден начин на водење на државата кој нема ништо „бритиш“ во себе. Воопшто не е „бритиш“, премиер од високата класа да развие демагогија и популистички дискурс. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/3P9Wu
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Препотетноста е смртта на автократите.

Има некое чудно ветренце во ова доцна лето кое ни кажува една работа, а тоа е дека и препотентните понекогаш губат, односно знаат да се изгубат. Енергичниот британски премиер кој требаше да биде позитивниот премиер против касандрите кои протестираат, тој што требаше да ги прегази сите, почнувајќи од „марксистот“ Корбин, па сѐ до своите бунтовнички ториевци, се најде понижен, прегазен, асфалтиран по трите порази во само два дена.

Британскиот парламент во вторникот го усвои дневниот ред на Долниот дом, во средата го изгласа законот против Брегзит без договор и на крајот го одби и барањето на Борис Џонсон за нови избори. Едно е јасно - премиерот веќе нема мнозинство во Долниот дом, има бунт во партијата и опозиција која ја презеде законодавната агенда во Долниот дом.

Прашањето на Брегзитот дури го подели и семејството Џонсон. Помалиот брат на Борис, Џо Џонсон си поднесе оставка од позицијата вицеминистер и ја напушти парламентарната група на ториевците во Долниот дом. Помеѓу семејството и националниот интерес, помеѓу братот, партијата и државата, Џонсон помалиот ја одбра државата.

Со други зборови Борис Џонсон мораше мизерно да се предаде пред две очигледности. Првата, дека Велика Британија и понатаму е парламентарна демократија, и тоа доста резилиентна ако се земе предвид дека нејзиниот шизофрен Устав, вековните конвенции, слабите тежи и контратежи, му дозволуваат на еден „силен човек“ да ги злоупотребува или форсира законите. Втората очигледност е дека Долниот дом беше и остана стоички против Брегзит без договор.

Борис може уште еднаш да побара избори, нешто што најверојатно ќе го направи веќе наредната недела, но опозицијата тоа може да го одложи за понатаму, барем до ноември месец. За избори е потребно двотретинско мнозинство и лабуристите не паѓаат во таа стапица: „Да се прифати понудата за избори сега наликува на понудата на јаболкото за Снежана од страна на лошата кралица", ќе му одговори Корбин на Џонсон.

На премиерот рацете му се опасно врзани од страна на Вестминстер, Европа нема намера да му попушти по ниедна цена затоа што барањата на Џонсон се неприфатливи, и воедно, тука е и проблемот Фараж кој со своите 15 проценти рејтинг според анкетите, доколку сака може да го блокира и условува премиерот, притоа приморувајќи ги конзервативците кон уште порадикални и ултра евроскептични позиции.

Заробен во истиот лавиринт како и Тереза Меј

Џонсон од самиот старт ги стави сите карти на нужноста Британија да излезе од ЕУ до 31 октомври, и пред се, тоа да го направи без договор. Тоа беше неговата сила на почетокот благодарение на фактот што голем дел од земјата е преморена од Брегзитот. Сега тоа му се враќа како бумеранг и како казна, особено ако Парламентот го примора повторно да преговара со ЕУ. Силниот, енергичен премиер се најде заробен во истиот лавиринт како и Тереза Меј. Му останува уште една деструктивна можност, сѐ да фрли низ вода, и тогаш навистина не знаеме какво Обединето Кралство ќе добиеме. Односно, како и со затварањето на Парламентот, Џонсон може повторно да ја исфорсира ситуацијата презентирајќи пред Долниот дом закон од само една реченица со цел распишување на нови избори. Нешто што други не би го направиле, но што не е невозможно, ниту пак забрането, имајќи предвид дека Обединетото Кралство нема пишан Устав.

Großbritannien Brexit | House of Commons, Unterhaus | Boris Johnson, Premierminister
На Борис Џонсон рацете му се опасно врзани од страна на ВестминстерФотографија: picture-alliance/Xinhua/UK Parliament/R. Harris

Во секој случај сведоци сме на еден премиер и на еден начин на водење на државата кој нема ништо „бритиш“ во себе. Самиот референдум за Брегзитот беше работа која излегува од матрицата на британската консолидирана демократија. Како што воопшто не е „бритиш“, премиер од високата класа да развие демагогија и популистички дискурс, каде ќе се претставува како лидер на масите, трибун на плебсот, човек од народот, кој се бори против политичарите и големата моќ.

Централната идеја на парламентарната демократија е дека таа е индиректна, нешто за што Велика Британија била можеби и најиздржливот и најсилен застапник. Идејата дека државата ја претставува „народната волја“, е концепт кој потекнува од јакобинска Франција, нешто што Британија отсекогаш го отфрлала. Во парламентарна демократија поимот „народ“ не постои, како што не постои „народна волја“, или гласот на народот. Политичарите се избрани за да претставуваат различни интереси, кои потоа можат да бидат предмет на дискусија во Парламентот, во надеж дека ќе се дојде до решенија преку компромиси. Поинаку кажано, фанатичното евоцирање на народната волја, изразена притоа преку еден необврзувачки референдум, ги стави конзервативците во позиција да се претворат во бранители на една политичка традиција која сериозно е во конфликт со британскиот парламентарен систем.

Победи парламентарната демократија

Ако треба целата проблематика околу Британија, Брегзитот и Борис да ја кондензираме во еден заклучок, тогаш тоа би било дека оваа недела победи парламентарната демократија. Победи како систем пред интересите на партиите и пред интересите на новите автократи. Апсурдот со Брегзитот и успешноста на парламентарниот систем, барем оној британскиот, каде постојат луѓе со р'бет кои работат застапувајќи ги националните интереси, е што дури и самите партии на еден начин станаа обсолетни, барем во услови кога не се распишуваат избори. Со други зборови, британскиот парламент покажа толкава резилиентност, што денес двете главни партии би можеле слободно да се распуштат, и сепак да се создадат сосема нови изборни сили врз основ на тоа како актуелните пратеници би се позиционирале во однос на клучните национални прашања.

Други колумни од авторот: 

Македонија гори поради своите Болсонаровци!

(Thinker Tailor Zaev Spy) Зошто никој не го спасува војникот Заев?

Револуција каква што не заслуживме!

Акциски план против лажни вести или лов на вештерки?!

Се разбира дека такво нешто нема да се случи, но не делува како лоша ментална, па и политичка гимнастика, особено откако Борис си дозволи од редовите на ториевците да избрка дваесетина врвни и деценски парламентарци, меѓу кои и Николас Сомс, внукот на Винстон Черчил, кој беше член на конзервативците цели 37 години. Многумина си поставуваат прашање каква е таа партија во која нема место за внукот на Черчил?! Целта на Џонсон се сведе на откинување на гласовите од радикалната опција на Фараж, но на тој начин успеа да го изгуби центарот, корените на партијата и целата нивна историја. Да се разбереме, историја која воопшто не е плишана, затоа што конзервативците во британскиот имагинариум се симбол за тачеризмот, приватизации и неолибералното кредо. Но, тоа е и партијата на естаблишментот, на стабилноста и умереноста, на прагматизмот, нешто што нема врска со денешниот популистички обид на Џонсон да се претвори во премиер кој ја инкарнира народната волја.

Корбин како помало зло

Чистките кај ториевците го направија своето, остатокот го прават и големите британски медиуми како Фајненшел Тајмс и Економист, столбовите на капитализмот кои за прв пат јавно застанаа на страната на лабуристите, прифаќајќи го Корбин како помало зло. Банкарите од „Сити“, почнуваат сериозно да преферираат влада водена од Корбин, отколку излез од ЕУ без договор предводен од Џонсон. Тони Блер ја објасни оваа конфузија каде високите финансии кокетираат со „марксистот“ кој важи за антикапиталист, кој сака да ги зголеми даноците и да им обезбеди акционерско учество на работниците во големите компании. „Од Корбин и неговата програма не ми се допаѓаат многу нешта, но ќе го поддржам затоа што е против Брегзит и запирањето на Брегзит за мене е апсолутен приоритет“.

Зад оваа логика може да се прочита една јасна политичка линија: политиките и програмите на партиите се менуваат и во рок од неколку години, но излезот од ЕУ е одлука која ако не засекогаш, тогаш барем на долги патеки драматично ги менува работите. Ако овој заклучок го зграпчиле и конзервативните финансиски кругови, тогаш тоа може да биде пресудно за исходот на идните и мошне веројатни предвремени избори.

Така за крај се враќаме на почетокот и оваа одново научена или од поодамна заборавена лекција. Илузиите во животот скапо чинат. Пост-идеолошката политика ги натовари поедините лидери со преголем културолошки, психолошки и политички товар, со преголеми одговорности кои во отсуство на хетерогеност преминуваат во неодговорно владеење. Таа одговорност порано беше поинаку дистрибуирана, или тоа барем сѐ уште е случај кај паметните лидери и партии. Распределена на што повеќе луѓе, одговорноста станува корална, политиката се хомогенизира, одлуките стануваат системски и помали се шансите за самоволие, арбитраност, партиска произволност. Добрата вест во ова доцна лето е што лидерите и ден денеска мора да одговараат пред истите правила на отчетност и транспарентност, да имаат слух и капацитет за компромис, способност за разумна политика, демократски квалитети кои се во спротивност со апсолутизмот. Во демократија тие се правилата. Тој што ги нема или не ги разбира, тој што вози на слепо и така носи одлуки, тој што понесен од лесниот ентузијазам ќе се залета кон триумфот, најчесто ризикува да излета од патот и да се смачка во некој ѕид. А ние добро знаеме, сме имале и имаме премногу самољубени политичари за да не сме ги виделе ефектите од нивното трагично владеење, па и нивниот личен траги-комичен крај.

Мислам дека добивме одговор на едно многу важно прашање: А за што служат сите овие десничарски автократи, суверенисти, националисти? За што служи Борис Брегзит?

Тие служат за да ги разбудат, да ги реактивираат демократските чувства и правила на однесување кои самата демократија, што поради мрзливост, што поради расипливоста на нештата, самата ги има заборавено или напуштено. Ако успее да ги прележи овие детски болести, демократијата ќе излезе само подобра и посилна.