Нов тежок удар од Врховниот суд за Борис Џонсон
24 септември 2019Одлуката на судот е уште еден тежок удар за премиерот Борис Џонсон кој го суспендираше парламентот на период од 5 недели, тврдејќи дека се работи за рутинска одлука. Претходно, Џонсон го загуби и мнозинството во парламентот, откако во серија беа донесени закони и одлуки спротивни на неговите барања.
Највисокиот британски суд оцени дека владата на Џонсон всушност сакала да го затвори парламентот со цел да оневозможи дебата за Брегзит.
Врховната судијка Бренда Хејл рече дека суспензијата на парламентот „била незаконска затоа што имала за цел да ја ограничи или спречи можноста на парламентот да си ги изврши уставните функции без вистинско оправдување“.
Врховните судии едногласно ја донеле одлуката.
Џонсон ја правдаше одлуката со потребата неговата влада да изработи нова законодавна програма, откако пред неколку месеци ја презеде функцијата. Критичарите го обвинуваа дека единствената цел била да се замолкне парламентот.
Спикерот на британскиот парламент Џон Берков ја поздрави одлуката на судот и повика на итна сесија на Долниот дом.
„Долниот дом на парламентот мора да се состане без одложување. Со таа цел, веднаш ќе ги консултирам партиските лидери“, вели Берков.
Корбин бара оставка од Џонсон
Во реакција на судската одлука, лидерот на британските опозициски Лабуристи, Џереми Корбин го повика Џонсон да размисли за напуштање на функцијата и да распише предвремени парламентарни избори.
„Го повикувам Борис Џонсон со историските зборови ’да ја разгледа својата позиција’“, изјави Корбин пред делегатите на партискиот конгрес на неговата партија, проследен со бурни извици: „Џонсон надвор!“.