Збогување на спикерот и криза на британскиот парламент
10 септември 2019Џон Беркоу е шегаџија. Понекогаш се впушташе во бескрајни дебати, но беше повеќе од претседател на Долниот дом на парламентот кој само ги води седниците и ги ограничува навредите. Во прошталната изјава, тој самиот се нарече „заштитник на скромните претставници“, кој не им дозволуваше на алфа-мажјаците од владата да ги газат правата на пратениците. Долниот дом на британскиот парламент му должи благодарност. Но, и при самите пофалби на спикерот и неговиот начин на извршување на функцијата и водење на парламентот, се покажа колку во меѓувреме непремостливи станаа јазовите во британската политика.
Додека опозицијата и умерените ториевци упатуваа топли зборови кон Џон Беркоу, кој на крајот на октомври ја напушта функцијата, одделни ториевци демонстрираа нескриен презир. Тие сметаат дека спикерот беше пристрасен и наклонет кон опозицијата. А притоа, Беркоу во прв ред се залагаше за правата на парламентарците наспроти заканувачката и надмоќна влада.
Напад врз парламентаризмот
Десните конзервативци планираа одмазда и за таа цел ја отфрлија традицијата да не се истакнува противкандидат на спикерот во неговата изборна единица. Со оставката Џон Беркоу ја пресретна својата демонтажа од страна на сопствената партија. Борбата за моќ помеѓу владата и парламентот во меѓувреме стана толку жестока, што поддржувачите на Борис Џонсон се подготвени со валјаци да ги сплескаат и последните традиции на почитуваниот парламент, за на премиерот да му го отворат патот за неговиот Брегзит.
„Самите опасно го ослабуваме овој парламент на своја штета", им порача спикерот на пратениците, пред и самиот заедно со нив да мора да замине на петнеделната принудна пауза, одредена од премиерот. Но оној, за кого важи ова предупредување, има затворени уши. Борис Џонсон би сакал порадо да владее по теркот на силните моќници во Турција, Русија или други места, без здодевно вмешување на пратениците.
Пропагандна војна против пратениците
„Предавници на волјата на народот“ стои на протестните плакати кои со недели се истакнуваат пред Вестминстер. Перфидниот избор на зборови потекнува од десничарскиот печат, кој сплотен со премиерот ги убедува граѓаните дека парламентот е бескорисна празна дебатилница, каде само непотребно се троши време, наместо да се спроведе мнозинската волја за брз и што потврд Брегзит. Омаловажување на пратениците, нарекувајќи ги кукавици, малоумни и колебливци, во меѓувреме спаѓа во стандардниот репертоар на Борис Џонсон.
На овој начин тој удира со секира во корените на парламентарната демократија. Народните пратеници не се само чисти извршители на мнозинската волја на нивните изборни единици. Тие се граѓанидолжни најдобро што знаат и со целосна совест да го почитуваат заедничкото добро. Дури и ако мнозинство во Нотингем би изгласало скокање од авион, задача на нивниот пратеник би била да им објасни на луѓето дека во авионот немаат падобрани. И, доколку тие и понатаму би сакале да скокаат, да ги спречи во тоа.
Пратениците во британскиот Долен дом се обидоа да го направат токму ова во последна минута со закон против Брегзит без договор. Кога пред две години гласаа за негова реализација, мнгумина од нив и самите ги имаа потценето тешкотиите на напуштањето на ЕУ. Но, во меѓувреме намерата се покажа како исклучително силен отров, што внатрешно ја распарчува британската политика. А за нивните напори да спречат економски и политички пад, членовите на парламентот се ставани на срамен столб. Навреди, па дури и смртни закани на социјалните мрежи станаа секојдневие.
Автодемонтажа на мајката на демократијата
Велика Британија отсекогаш се гордееше со староста на своите институции, своите традиции и делумно чудните правила. Угледот на мајка на непоколебливата демократија спаѓаше во основата на британскиот имиџ, беше дел од нејзиниот престиж во странство. Но, од почетокот на кризата околу Брегзит, Британците најпрво ја загубија репутацијата дека се водени од разумност и прагматизам. А сега вчудоневидените соседи гледаат како владата во Лондон ги суспендира сопствените демократски институции, наштетува на нивниот углед и им го отежнува функционирањето.
Пратениците во Долниот дом сега мора да заминат на принудна пауза и не можат ништо да направат до кратко пред датумот за Брегзит. Тие се обидоа сѐ за да му ги врзат рацете на Борис Џонсон. Но, дали новиот закон против нерегулиран Брегзит е доволно силен за да го закочи премиерот, не е сигурно.
Парламентот пред сѐ е немоќен кога го ставија на спореден колосек. Во следните недели премиерот во Лондон може да прави што сака, зашто нема никаква демократска контрола. А кај овој премиер на уништувачки курс, токму тоа е посебно опасна состојба.