Во Германија се сиромашни 14,2 милиони луѓе
26 март 2024Во извештајот којшто го објави Сојузот на социјални организации, установи и групи во Германија се вели дека во 2022 година имало 14,2 милиони сиромашни луѓе, или 100.000 повеќе отколку во годината пред тоа и речиси еден милион повеќе од 2019 година, односно пред пандемијата, енергетската криза и високата инфлација. Речиси две третини од возрасните сромашни лица се или вработени, или се во пензија.
Според Улрих Шнајдер, раководител на Сојузот на социјални организации, установи и групи, „трендот на постојано растечка сиромаштија на прв поглед изгледа запрен, но тој ни оддалеку не е завртен во обратна насока“. Ако се направи споредба со 2006 година, во 2022-та имало дури 2,6 милиони сиромашни повеќе, од кои една петтина се деца. Затоа, според Шнајдер, нема место за исклучување на алармот.
Од сиромаштија се најмногу погодени самохраните родители, семејствата со повеќе деца и луѓето со слабо образование, како и странците. Сиромаштијата кај децата се искачи на рекордно ниво - 22%. Тоа значи дека сиромашно е повеќе од секое петто дете. Кај самохраните родители стапката на сиромаштија е 43,2%.
Сојузот на социјални организации го базира својот извештај на дефиниција на сиромаштијата според која за сиромашен се смета секој кој има приход помал од 60 проценти од просечниот приход. Сојузот бара од германската влада преземање на решителна акција против сиромаштијата, во што, меѓу другото, би требало да се вклучи и зголемување на минималната плата на 15 евра за работен час, како и проширување на мрежата на згрижување на децата и ефективна основна детска заштита.