Средниот слој во Германија се топи
4 декември 2021Многу вработени во Германија во текот на изминатите години паднале во долниот општествен слој според приходите и се загрозени од сиромаштија, покажува студија на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и фондацијата Бертелсман.
Во 1995 година 70% од населението се вбројувале во групата со средни примања, а во 2018 година тука припаѓале само 64% граѓани. Топењето на средниот слој најмногу се одвивало до 2005 година, но во периодот потоа не се забележува никакво опоравување, иако германската економија помеѓу финансиската криза и корона-кризата бележеше раст од околу два процента годишно, а невработеноста се намалуваше.
Повеќе: Германија: Богатите сѐ побогати, сиромашните - посиромашни
Од пад во сиромаштија се особено загрозени луѓето кои сѐ уште се дел од средниот слој, но се на дното според висината на платите во оваа категорија. Тука се вбројуваат самците со нето плати помеѓу 1500 и 2000 евра, како и семејства со двајца возрасни и две деца со месечни примања од 3000 до 4000 евра месечно.
Пандемијата ја влоши ситуацијата
Според авторите на студијата, само од 21014 до 2017 година околу 22% од лицата на возраст од 18 до 64 години паднале во долниот општествен слој според приходите, и се или веќе сиромашни или се соочени со сиромаштија. Има индиции дека пандемијата на коронавирус ја влоши ситуацијата. Во текот на актуелната криза работа губат и лица со средни примања - 8% од оваа група кои имале работа пред пандемијата, во јануари 2021 биле невработени. Особено се погодени младите на вораст од 18 до 29 години. Од оваа група, во пандемијата со сиромаштија се соочиле 10% од оние кои пред кризата припаѓале кон средниот слој. Тоа го покажува и споредбата помеѓу генерациите - додека од т.н. „бејби бумери“ (генерациите од 1955 до 1964) 71% се нашле во средниот општествен слој веднаш по вработувањето, тоа им успеало само на 61% од таканаречените милениумци (генерации од 1983 до 1996).
Образованието е еден од факторите кои стануваат сѐ поважни за да се имаат повисоки примања. Значително е намален бројот на лица на возраст од 25 до 35 години кои успеале да се вбројат во средниот слој, а притоа се со средно образование. Друга причина за топењето на средниот слој е дампингот на плати во многу сфери, кој трае со години. Во меѓувреме една шестина од вработените со полно работно време работи во секторот на ниски пплати, од каде премин на подобро платени работни места е реткост.
Повеќе: Сиромаштија на старост
За да се зајакне средниот слој, ОЕЦД и фондацијата Бертелсман бараат уривање на бариерите на пазарот на работна сила. На пример, луѓето кои работат со скратено работни време или „мини-џоберите“ би требало да добиваат повеќе шанси за дообразување. Би требало да се зголемат и платите на работните места каде има претежно жени, како во сферата на негата. „Ако сакаме да го зајакнеме средниот слој, треба да се подобри обемот и квалитетот на работата на жените“, гласи заклучокот на авторите на студијата.
Од земјите членки на ОЕЦД, поголемо топење на средниот слој отколку во Германија е забележано само уште во Шведска, Финска и Луксембург.