Богата Германија, сиромашни луѓе
20 декември 2023Првите се дојдени половина час порано. Секоја среда бездомни лица во простории на црковната заедница Табор во Берлин може да јадат, пијат, да се стоплат и да ги користат тоалетите. Наскоро членовите на заедницата сакаат на овие лица да им нудат и топол оброк. По мирисот уште се чувствува дека претходната ноќ многу луѓе ја поминале тука. Црквата веќе 30 години еднаш неделно нуди место за преноќување за бездомници. Се собираат просечно 40 лица, некогаш дури и до 60. Добиваат и јадење. Двајца лекари волонтери им санираат рани или им помагаат ако се болни. Сабине Албрехт е свештено лице во заедницата. „Тука доаѓаат оние кои немаат каде и често се во очајна состојба“, вели таа. Вели дека тие се разликуваат од луѓето кои доаѓаат во средите. Некои се по потекло од источна Европа, некои од нив дури и работат, но во очајни услови. Многу од нив имаат проблем со зависности, имаат искуство со насилство или психички болести. Албрехт раскажува за еден маж кој „веќе 20 години преноќува кај нас“. За двајца од гостите, како што консеквентно ги нарекува 59-годишната Сабине, таа го организирала и закопот. Како човек се справува со толку јад? „Не помага да имаш комплекс на помагач, мора да си цврст и не смееш ништо да сфаќаш лично”, децидна е Албрехт.
Со тоа алудира и на агресивни и груби луѓе, за кои се потребни личности како Маргот Мозер, која од самите почетоци учествува во организацијата на преноќувањата за бездомници. 79-годишната жена заедно со уште други двајца волонтери до денес активно придонесува – можеби затоа што и таа самата секогаш морала да излезе на крај со бројани пари. Таа сака да помага, но нема илузии. „Кај некои лица е прашање на глупост – ќе се вселат кај партнерот, се откажуваат од својот стан и кога ќе пукне тиквата, се наоѓаат на улица”, ги објаснува Мозер честите случаи. Кој во денешно време останува без покрив над глава, тешко наоѓа ново место за живеење.
Многу бездомници не се статистички заведени
„Немањето кров над глава е страшен општествен проблем", вели Верена Розенке, шефица на Сојузната работна група „Помош за бездомници“ во разговор со ДВ. За Розенке главната причина се состои во тоа дека нема доволно станови по пристапни цени. Работната група е чадор на сите услуги и институции за помош во случаи на нужда со станбен простор во Германија. Според нивните последни пресметки за 2022 година, во Германија 607 илјади лица биле бездомни. Од нив околу 50 илјади без било какво сместување живеат на улица. Бирото за статистика пак опфаќа само лица регистрирани во организирани сместувалишта и така бројот изнесува околу 372.060 луѓе.
Разликата е во начинот на броење. Работната група ги собира бројките од цела една година, а не само на еден произволно избран ден, а ја брои и скриената бездомност, односно луѓе кои немаат сопствен дом и живеат кај пријатели, членови на семејството или спијат кај туѓинци.
Да се превенира губење на станот
Верена Розенке смета дека воопшто не смее да се дозволи да дојде до такво нешто. „Превенцијата е најважна. Мора да спречиме луѓето да го изгубат својот станбен простор. Многумина не знаат дека може да бараат пари за домување или како да поднесат барање за социјална помош”, вели Розенке. За општините е поевтино да ги преземат заостанатите кирии, отколку да финансираат скапи преноќувања во хотели или друг тип сместувалишта.
На Розенке ѝ паѓаат многу мерки на памет кои брзо, а за помали пари, може да спречат бездомништво. На пример да се финансираат соработници во институциите за помош за бездомници кои би се занимавале со аквизиција на простор од приватни понудувачи. Друга можност е санацијата и трансформација во социјални станови на просторот наменет за помош на бездомниците. Социјални станови моментално се како златна прашина, премногу ретки.
Клучна е изградбата на социјални станови
Сојузната влада имаше за цел годишно да се градат околу 400 илјади нови станови, од кои 100 илјади требаше да бидат социјални. Од таквите цели владата е светлосни години оддалечена.
За Розенке тоа и онака е скромна бројка, затоа што со 100 илјади социјални станови годишно како што беше ветено од владината коалиција, немаше во доволна мера да се контрира на недостигот од станбен простор, а покрај тоа се потребни дополнителни 100 илјади станови по пристапни цени.
„Во изминатите години беа изградени едвај 25 илјади нови социјални станови“, се жали шефицата на Работната група и додава дека „тие не се доволни ниту за да се амортизира тоа што бројот на социјални станови се намалува заради истекот на таквите обврски на сопствениците". Розенке бара фиксни квоти за бездомници, затоа што заради предрасудите тие лица често воопшто и немаат шанса да станат кираџии. За сите овие точки од работната група се во преговори со владата која најави дека со помош на акциски план сака да го искорени бездомништвото во Германија до 2030 година. Акцискиот план треба да биде усвоен на пролет, но може да поминат и години додека да биде преземен од покраинските власти и да стапи на сила. Розенке вели дека некои законски измени би можеле веднаш да покажат ефект, како на пример забрана за раскинување на договорот за кирија заради заостанат долг, ако долгот биде порамнет. Таа додава дека за такво нешто сепак недостига „политичка волја“.
Во меѓувреме во црквата има само уште десетина луѓе. Еден маж лежи до парното греење. Албрехт се смее и вели: „Некои прават така за конечно да се стоплат”. Двајца мажи читаат книги, пред нив леб и кафе од црквата. Изгледаат како негувани, нешто постари студенти. И на Албрехт и паднале во очи. „Сѐ почесто тука има луѓе за кои никогаш не би помислила дека се во некаква нужда, или бездомни”, посочува таа.