Колку е несовршен светот, па и оној на кој сакаме да се угледаме! Особено во онаа точка, која во овој момент изгледа како најдлабоката рак-рана на македонското ткиво - судството, кое треба да ја гони распространетата корупција.
Во јавноста постојано се зборува за европските вредности што треба да ги следиме, но без некое лажно прикривање, во основа се мисли за американските демократски вредности. За македонските граѓани американскиот Фарос е светилникот кон којшто треба да се оди. Да, овдешната јавност внимателно го следеше случајот со катарската корупција на донеодамнешната потпретседателка на Европскиот парламент, Гркинката Ева Каили. Па се фалеше упорноста и одважноста на белгискиот обвинител кој ја гони целата мрежа на оваа корупцијаво врвовите на ЕУ. Едно од прашањата што се поставува е – дали со иста таква одважност и упорност ќе се гонеше Каили во нејзината земја од грчки обвинител? Таа сѐ уште е во притвор во Брисел. Голема дилема е дали во Атина воопшто би била ставена во притвор. Дали на белгискиот обвинител му беше полесно да гони функционери на ЕУ кои не се Белгијци (во случајот Италијанци се најмногу заплеткани)? И што значи синтагмата за европски вредности – тие што се наведени во европскиот договор или нормите во поединечни земји? Затоа американскиот светилник изгледа како најсилен на хоризонтот.
Црни листи, поединци низ Европа кои се обележани според Магнитски законот, прекршители на демократијата, поткопувачи на правата на луѓето, личности забраздени во корупција... Додека овде го следевме во основа примитивното препукување меѓу Апелацискиот суд во Скопје и Кривичниот суд околу тоа чија е вината што апелациските судии ја укинаа пресудата за организаторите на 27 април, во исто време ја гледавме спектакуларната драма што се одвиваше во Њујорк, кога поранешниот претседател Доналд Трамп беше уапсен, му беа земени отпечатоци и во судот на Менхетен му беше прочитано обвинението од 34 точки за недозволена исплата на „пари за молк“ пред изборите во 2016 година. И тоа на позната порно актерка, за да не зборува за нивната наводна афера.
Планетерен спектакл
Планетарен спектакл, без никакво сомневање. Не само што првпат во историјата е покренато обвинение за еден актуелен или поранешен претседател на САД, туку затоа што во американското судство го гледавме она што ни се чини како брилијантен приказ на независноста. Но некои детали од таа слика почнаа да се замаглуваат, некои камчиња од мозаикот како да беа испаднале. Настаните од 6 јануари 2021 и нападот на Капитолотпокажаа колку може за само еден миг да биде ранлива и најславната и најдолговечната демократија. Но во исто време, како системот, особено судовите, знаат да ги чуваат вредностите.
Процесот против Трамп треба да биде образецот што треба да биде водилка за демократскиот свет. И излезе дека работите не се идеални како што изгледаат, дека во таа ветена демократија, возот, па и судскиот, може да се заниша на шините, па дури и да излета. Она што е највредно и што навистина треба да биде образец за светот е како американската јавност се обидува да ги најде одговорите коишто изгледаат заплеткани. Тоа е моќта на американизмот - да не ги закопува работите, туку да ги изложува на виделина.
За обвинителот што го гони Трамп, Алвин Брег, се знаеше дека е поврзан со Демократската партија, дека претходно имаше успешни случаи против компаниите на Трамп за тоа што избегнувале да платат данок. Веќе се знае и тоа дека републиканското мнозинство во Претставничкиот дом сака да го гони самиот обвинител затоа што отвори случај против Трамп.
Но податоците што испливаа последниве два дена за судијата пред кого е случајот, Хуан Мерчан, ја ставија под сомнеж неговата непристрасност како ќе го води процесот. Новинарите открија, според јавно достапните федерални податоци, дека Мерчан донирал 35 долари за демократите во 2020 година, меѓу кои биле и 15 долари за кампањата на противникот на Трамп, Џо Бајден.
Без сомнение, донациите се минорни, дури и екстремно мали. Но и толку мали донации се доволни тој да биде предмет на напади од поранешниот претседател како „судија што го мрази Трамп“. Правните аналитичари во САД се прашуваат како еден судија, кој суди во можеби најважното американско јуридикциско подрачје, може да си дозволи да дава донации за партиски кандидат, без оглед дали се тие минорни.
Како поранешен претседател и де факто лидер на Републиканската партија, Доналд Трамп е еден од најмоќните луѓе во Америка. Но, како кривично обвинет во судницата на Менхетен тој е под надлежност на некој друг: судијата Мерчан. Кога тие се видоа лице в лице во вторникот и кога обвинителите покренаа некои од неодамнешните објави на поранешниот претседател на социјалните мрежи, вклучително и едно предупредување дека може да следи „смрт и уништување“ доколку биде обвинет, Мерчан побара од Трамп да се воздржи од коментари кои „веројатно ќе поттикнат насилство или граѓански немири“.
Во исклучително деликатниот процес, Трамп, кој веќе се кандидираше за изборите во 2024, не може да се воздржи да не држи политички проповеди за „лов на вештерки“, кои се најдобрата храна за неговата политичка база. Ако неговата неограничена реторика ја премине границата може да предизвика судијата да преземе мерки против него и да го замолчи. Но и кога судијата Мерчан би реагирал, ќе мора да биде внимателен, за да избегне каква било појава на пристрасност. Тој ја има ретката моќ да го ограничи говорот на поранешниот претседател. Прашањето ќе биде дали и како да ја користи.
Пред да биде изведен пред судот, Трамп го нападна судијата Мерчан со неговото целосно име: Хуан Мануел Мерчан. Судијата Мерчан е роден во Богота, Колумбија. Тој дошол во САД со своето семејство кога имал 6 години, пораснал во Квинс во Њујорк и ја започна својата правна кариера во 1994 година како помошник окружен обвинител во Менхетен. Од 2009 е во Врховниот суд на држата Њујорк. Откако големата порота го одобри обвинените против Трамп, тој е под заштита на вооружени судски службеници. Дали минорните донации за демократите може да бидат снежната топка која ќе се претвори во лавина и ќе го натера да се повлече од случајот, допрва ќе се види.
Колку чини спонзорството?
Еден друг, многу пославен судија, Кларенс Томас од Врховниот суд, последниве денови се најде во центарот на едно новинарско истражување, според кое тој одел на луксузни патувања спонзорирани од милијардер, донатор на Републиканската партија. Томас е главната перјаница на конзервативното мнозинство во Врховниот суд и тој е таму судија уште од 1991.
Според истражувањето на „ПроПублика“, тој често бил на патувања на луксузната јахта на милијардерот Харлан Кроу. Едно од патувањата, во Индонезија во 2019, чинело дури 500.000 долари. Едно од главните начела во американската политика е – не негирај го она што не може да се негира, туку обиди се да го свртиш, ако може, во своја корист. Кларенс Томас вчера веднаш реагираше велејќи дека ги следел правилата. Во изјавата Томас рече дека побарал „насоки од моите колеги и другите во судството“ и му било кажано дека „за ваквото лично гостопримство од блиски лични пријатели, кои немале работа пред Судот, не треба да се известува“. Тој ги опиша Кроу и неговата сопруга како „меѓу нашите најдраги пријатели“.
Дали тоа ги решава неговите судиски проблеми ќе се види допрва. Тоа сега изгледа како контратежа на републиканскиот обид да го оцрни судијата што го надгледува процесот против Трамп.
Погоре во САД, во Висконсин, во вторникот (4.04) се одржаа извонредно важни избори за судија на државниот врховен суд, на кои победи Џенет Проташевич, поддржана од Демократите. Ривал ѝ беше Ден Кели, кој претходно работеше за Републиканците и ја имаше главната поддршка од групите кои се против абортусот. Сега, оваа клучна држава во последните два претседателски избори ќе има либерално мнозинство од 4:3 во Врховниот суд. Претседателските избори во 2016 и 2020 година таму беа решени со мнозинство помало од еден процент и, по загубата, Трамп се обиде преку Врховниот суд да го претвори поразот во победа. Но и порај конзервативното мнозинство тоа не му успеа.
Новиот суд, контролиран од либералите, се очекува да донесе одлука за нерешена тужба со која се оспорува државниот закон од 1849 година за забрана на абортусот, донесен една година по државноста на Висконсин. Проташевич за време на кампањата рече дека ги поддржува правата на абортус.
Сѐ е политика, дури екстремна политика и онаму каде што судството изгледа непристрасно. Политичките и идеолошките преференции често се трансферираат во правдата, која треба да биде слепа при донесувањето на одлуките.
Тоа се демократските борби во Америка стотици години наназад. Некогаш во таа борба победуваат либералните тендеции, некогаш конзервативните, во голема зависност од расположението на општеството.
Рудиментирана караница
Кај нас тоа е многу попримитивно, рудиментирано. Судството ја оправдува својата работа, дури и во моментите кога довербата во него е на минорни стапки. Последниот случај со укинувањето на пресудите за организаторите на настаните од 27 априле извонреден приказ. Апелацискиот суд претходно врати на повторно судење пет предмети што ги покрена Специјалното јавно обвинителство. Апелациските судии забележуваат дека во процесите се направени суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка. „Првостепениот суд врз основа на расположивиот доказен материјал во недоволна мера ги расправил сите спорни околности и не ги утврдил со сигурност сите решителни факти што го чинат обележјето на кривичното дело и го определуваат неговото дејствие на извршување, при утврдување на фактичката состојба не утврдил со сигурност во што се состојат дејствијата на секој од обвинетите преземени во насока на остварување на битието на кривичното дело за кое се обвинети“, напиша Апелацискиот суд во своето соопштение за одлуката за организаторите на 27 април.
Кој е сега виновен – судиите во Кривичен се навистина нестручни, или политиката седнала на маса кај нивните колеги во Апелација. Од Кривичен реагираа остро, веројатно друго и не им преостануваше по толку многу предмети вратени на ново судење. Суштината на нивната реакција е насочена кон тоа - зошто Апелацискиот суд толку долго ги држел предметите ако имало суштествена повреда на постапката, наместо веднаш да ги врати на повторно судење? И ги прашува апелациските судии зошто не одлучувале мироторно. Но тоа не ги решава нивните проблеми. И не го фрла шеширот на одговорноста на друга закачалка.
Ниту пак проблемите со пресудите што се носат во овој суд се поврзани со транспарентноста на постапката, како што велат од Кривичен – „со присуство на медиумите, невладините организации и претставниците на меѓународните организации кои ја следат и ценат работата на правосудните органи“. Сѐ може да биде апсолутно транспрентно, но транспарентноста не подразбира автоматски и стручност во водењето на процесот и во одлучувањето. Па критикувајќи го министерот за правда поради неговата изјава околу новата укината пресуда, Кривичен вели: „Апелираме да се внимава со избрзаните, непроверени и штетни изјави кои не одат во правец на издигнување на судството и судиите и градење на респектабилна репутација во општеството, напротив ја деградираат независноста и непристрасноста“. И целата вина ја префрла кон апелациските судии: „Зачудува што ваквите ‘добронамерни’ критики не доаѓаат во време кога судењата се одржуваат пред очите на јавноста, туку откако Апелациониот суд, по повеќе од една година чекање, носи одлука“.
- повеќе од авторот: Може ли Турчин да биде лидер на ВМРО-ДПМНЕ?
Банална вистина е дека прво треба да се погледне во својот двор, а после да се бара ѓубре во туѓиот. Кривичен треба да размисли добро и да анализира зошто предметите паѓаат поради суштествена повреда на кривичната постапка, каде грешат судиите, дали се невнимателни, дали премалку им посветуваат внимание на сите детали во овие многу важни предмети, а не да се жали дека тие стоеле премногу долго во Апелацискиот суд. И да стоеле и со тоа тамошните судии да кроеле некоја своја политика, тоа не го решава клучниот проблем на кривичните судии – дека процесите (барем според оценката на нивните колеги од Апелација) не ги воделе како што треба. Тоа се важни дилеми за судиите – и од едниот и од другиот суд – и ако не можат сами да си ги решат треба да им се помогне. Тоа нема да ја наруши нивната независност или да ѝ одземе нешто, туку ќе му помогне на општество.
И на крај, за сите оние што постојано зборуваат за наводно неправедно осудените уставобранители и дека тоа било политичка одмазда. Па и пресудите за оние кои ете, понесени, се нашле во насилната толпа која упадна во Собранието на 27 април. Пред дестина дена жена од Пенсилванија, САД, беше осудена на три години затвор за упадот во американскиот Капитол на 6 јануари и затоа што влезе во канцеларијата на тогашниот спикер Ненси Пелоси.
Тоа е последната пресуда од судските процеси што се водат за бунтот и нападот на Капитол. Досега околу 1.000 луѓе – и со зборови, илјада - се обвинети за федерални злосторства поврзани со немирите на Капитол. Повеќе од 400 веќе се осудени, а над половина од нив добија затворски казни од седум дена до 10 години. Сите тие веруваа дека го бранат американскиот устав и им веруваа на лажните тврдења дека победата на Трамп била украдена.