Судовите се караат, пресудите паѓаат како круши
4 април 2023Зошто се дозволува пресудите од првостепениот суд да паѓаат пред повисоките судови? Ова прашање министерот за правда Кренар Лога им ги постави на судиите во Кривичниот суд во Скопје, откако неколку пресуди кои предизвикаа огромен инерес во јавноста беа укинати и вратени на повторно одлучување. Кај некои од пресудите ваквите одлуки доведоа до застарување на делото и отворија врата за избегнување на одговорноста.
Додека судовите меѓусебно си ја префрлаат одговорноста за паднатите пресуди, Министерството за правда го повика Судскиот совет веднаш да реагира и да преземе мерки за утврдување на околностите врз основа на кои е донесена пресудата, но и да се поведе постапка вклучувајќи ја и дисциплинска ако се утврди дека некои свесно или несвесно со своите постапки дозволиле довербата во правосудниот систем да падне на најниско ниво.
Суштествени повреди
Апелациониот суд во понеделникот (3.04) ја укина пресудата за организаторите за 27 април кои добија затворски казни и топката ја префли кај Кривичниот суд кој треба одново да ја почне постапката.
Кривичниот суд, според нив, сторил суштествени повреди, но недоволно образложил зошто ги одбил за амнестија обвинетите организатори за собраниските инциденти од 27 април. Ова се главните причини поради кои повисокиот суд ја укинал пресудата со која на вкупно 25 години затвор беа осудени поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, во случајот за организаторите на настаните од 27 април.
„При утврдување на фактичката состојба првостепениот суд не утврдил со сигурност во што се состојат дејствијата на секој од обвинетите преземени во насока на остварување на битието на кривичното дело за кое се обвинети. Првостепениот суд сторил и суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка од член 415 став 3 од Законот за кривична постапка, односно го повредил правото на одбрана на обвинетите која влијаела врз законитото и правилното донесување на пресудата и врз правото на обвинетите на правично судење, бидејќи не го расправил во доволна мера прашањето за одредбите кои се однесуваат за амнестија на кривичното гонење“, се наведува во обраложението.
Зошто повисокиот суд чекал една година?
Но, од Кривичниот суд возвратија дека во однос на одлуката за предметот во јавноста познат како „Организатори 27-ми април“, повисокиот суд можел брзо и мериторно да одлучи по жалбите на обвинетите лица, особено што причина за укинување на затворските казни е примената или непримената на Законот за амнестија.
Предметот повеќе од една година се наоѓал кај повисокиот суд, па доколку причината за укинување на пресудата е од техничка природа, односно примена на Законот за амнестија, тогаш судот можел веднаш да одлучи, пред сѐ заради заштита на правата на обвинетите кои беа во притвор и под мерки, но и заштита на самата постапка која може да застари.
„Мора да се има предвид дека со укинување на пресудата и нејзино враќање на повторно постапување, се прават дополнителни трошоци, одолговлекување и загрозување на правото за судење во разумен рок, кое е на штета на сите нас“, посочуваат од Кривичниот суд.
Како аргумент во своја полза тие наведуваат дека сите високо профилни предмети, без разлика на статусот на обвинетите, во Кривичниот суд се водат во крајно транспарентна постапка со присуство на медиумите, невладините организации и претставниците на меѓународните организации кои ја следат и ценат работата на правосудните органи, што не е случај и со повисоките судови.
Кој е виновен?
Но, Министерството за правда бара да се утврди кој е виновен за пропустите. По укинувањето на пресудата и за „организаторите на 27 април“, министерот Кренар Лога посочува дека „намерните или ненамерните пропусти за суштествени повреди и натаму остануваат дозволива пракса за некои судии.
„Затоа, неопходно е веднаш да се добие соодветен одговор, зошто ова се дозволува во континуитет, односно зошто во првостепената пресуда не биле утврдени сите спорни околности, ниту битни факти поврзани со кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.
Кривичниот суд на ваквата прозивка одговори со повик до медиумите и стручната јавност да анализираат каде и поради кои „суштествени повреди“ предметите со години чекаат правосилност и застаруваат, а граѓаните ја губат довербата во судството.
Пресудата беше изречена во јули 2021 година, по што одбраната се жалеше пред повисокиот суд. Групата беше обвинета дека на почетокот на 2017 година, по неуспешните преговори за формирање Влада, со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на државата, подготвиле и реализирале план да оневозможат мирно примопредавање на власта на новоформираното парламентарно мнозинство.
Претходно реакции во јавноста предизвика и одлуката на Апелациониот суд да ги укине затворските казни и да го врати на повторно судење случајот за масовното прислушување „Таргет-Тврдина“ и предметот „Трезор“ за набавка на британска опрема за следење на комуникациите во рамки на УБК. И во овие пресуди беа пронајдени суштествени повреди и слабости.
Поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков е на чекор да се спаси од судскиот процес за изборните нерегуларности, откако Апелациониот суд во Скопје го одложи рочиштето за случајот „Титаник 2“ за 13 април. Но, само неколку дена претходно, на 7 април, застарува делото за коешто Мијалков се гони - примање награда за противзаконито влијание. Со тоа пропаднаа во вода шансите за второстепениот суд да донесе одлука пред да застари делото.