1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоЕвропа

Корупциски скандал во ЕП: Делумно признание од Ева Каили

ЖА / агенции
20 декември 2022

Притворената поранешна потпретседателка на Европскиот парламент, Ева Каили, делумно признала вина во корупцискиот скандал - таа го овластила својот татко да сокрие куфер полн со пари, јавуваат неколку медиуми.

https://p.dw.com/p/4LEEd
Обвинетата бивша потпретседателка на ЕП, Ева Каили
Обвинетата бивша потпретседателка на ЕП, Ева КаилиФотографија: Vladimir Rys/Getty Images

Како што известуваат дневните весници „Ле соир“ и „Ла република“ денеска, повикувајќи се на документи од истрагата, 44-годишната грчка политичарка признала меѓу другото дека пред своето апсење го овластила својот татко да сокрие големи суми пари.

„Каили ни призна дека отпорано знаела за недозволените активности на својот животен сопатник со Панцери и дека низ нејзиниот стан биле шверцувани куфери со пари“, стои во цитатот од истражниот судија кој го пренесуваат весниците.

Каили моментално се наоѓа во истражен затвор, исто како и нејзиниот партнер, како и поранешниот италијански европратеник Антонио Панцери. Таткото на Каили на 9 декември беше уапсен при обид да скрие куфер полн со пари во бриселски хотел, откако Каили му испратила предупредување поради опсежната рација спроведена од страна на белгиските власти. Каили исто така се обидела да предупреди и уште двајца европратеници, пишуваат двата весници.

Адвокатот на Ева Каили, Андре Рисопулос, во одговорот на барањето од весниците за изнесување став, изразил лично незадоволство што новинарите добиле пристап до документите, без да потврди дали станува збор за делумно признание на вина.

Во меѓувреме, по дадената дозвола од суд во италијански град Брескиа, во Белгија е испорачана сопругата на обвинетиот Антонио Панцери, против која е издаден европски налог за апсење. Обвинителството ја товари за корупција, перење пари и членство во криминално здружение. Досега таа беше во куќен притвор заедно со својата ќерка, за чие испорачување исто така се води постапка.

Сопругата на Панцери тврди дека немала никакви сознанија за активностите на својот маж.Поранешниот социјалдемократски италијански европратеник Антонио Панцери се смета за една од  централните фигури во корупцискиот скандал  поврзан со  примање мито од заливските држави Катар и Мароко,  заедно со поранешната потпретседателка на ЕП, Ева Каили.