Сето тоа е неверојатно валкано. Стотици илјади евра во готовина во чанти и куфери, скапи часовници, накит и укажувања за платени луксузни одмори спонзорирани од страна на држава од Персискиот залив. Зад сето тоа наводно стои Катар. Корупцискиот скандал во Европскиот парламент би можел да потекнува од второкласен мафијашки трилер. Додека полицијата викендов вршеше претреси по куќите на осомничените, таткото на главно осомничената Ева Каили се обиде да избега со куфер во кој имало 600.000 евра.
Огромна штета за Европскиот парламент
Освен матните околности на оваа корупциска афера, во која покрај сега разрешената потпретседателка на Европарламентот вмешана е семејна клика од поранешни европратеници и поранешни вработени во ЕП од Италија, штетата за Европскиот парламент изгледа неизмерна. Огромното мнозинство европратеници даваат сѐ од себе, на пример, деноноќно работат на сложеното законодавство за животна средина на ЕУ, а мала група бескрупулозни колеги со еден удар ја уништуваат нивната репутација.
Освен тоа, ова е скандална шокантна глупост. Платите на европратениците се петцифрени, а надоместоците за трошоци се повеќе од штедри. Зошто жената ја уништува својата кариера од чиста алчност, а потоа ги остава парите во торби и во куфери во хотелски соби и апартмани? Дали Ева Каили и нејзините пријатели претпоставувале дека ништо нема да биде откриено и оти никој нема да ѝ даде дојава на полицијата? Белгиските обвинители веќе извесно време ги прислушувале телефоните на осомничените, а многу непријатни детали допрва ќе излезат на виделина.
Во секој случај, повеќемесечната пропагандна работа за Катар веќе беше забележана во Европскиот парламент, а и тоа дека водечки синдикалец, од сите луѓе, го пофали квалитетот на законите за работни односи во заливската држава. Едноставно никому не му паднало на памет дека може да станува збор за таква отворена и безобразна корупција. И сите чесни, добронамерни и вредни парламентарци се чувствуваат изневерени и колективно гледаат дека им е урнисан угледот.
Унгарецот Виктор Орбан веднаш го стави прстот во раната преку Твитер: Токму корумпираниот Европски парламент сака да ја обвинува Унгарија за корупција? Всушност, ЕП особено се спротивстави на Орбановото разградување на демократијата и на неговата автократска влада, и ги повика другите институции конечно да заземат став против него. Сега Европарламентот се дискредитираше самиот себеси и го загуби кредибилитетот. Тоа е поган удар за единствените избрани политички претставници на европските граѓани.
Откако ќе се уништи угледот...
Лошата работа е што направената штета е речиси невозможно да се поправи. Скандалот долго ќе се памети поради неговите размери и поради меѓународното медиумско известување. И ги потврдува сите оние, а во прв ред од десницата, кои и онака агитираат против ЕУ и фрлаат сомнеж врз нејзините политики и институции.
Фактичката моќ на Европскиот парламент и натаму е ограничена. Иако во последниве години се здоби со права на соодлучување, голем дел од неговото влијание сè уште се состои од „мека моќ“. Но, секој што настапува со морална надмоќ и ја користи борбата за европските вредности и демократијата како политичка алатка мора да биде и недопирлив. „Чистите раце“ се основа за влијанието на Европскиот парламент. Ако автократите и десничарските популисти можат да го вперат прстот кон пратениците и да се потсмеваат на нивните скандали, тогаш загубата е голема.
Новите антикорупциски прописи се само фластер на раната
Секако, ЕП мора да го зајакне надзорот над работата на пратениците со нови правила и да преземе мерки против корупцијата. Тука досега портата беше ширум отворена, бидејќи имаше само прописи за лобирањето од страна на фирми, а не од страна на трети земји. А токму меѓу нив ќе има и секакви осомничени кои треба да се истражат, од Азербејџан, кој веќе привлече внимание со корупцискиот скандал во Советот на Европа, до Русија.
Но, таквите прописи, во најдобар случај, можат да помогнат да се спречи повторување на слични скандали. Уништената доверба не може да се поврати, раната не може да се залечи - за многу пратеници ова е горчливо сознание. Кога Европскиот парламент ќе му ја додели наградата Сахаров за граѓанска храброст на украинскиот народ на свечена церемонија денеска, гордоста за сопствената институција и нејзиниот углед ќе настрадаат, а говорите ќе имаат непријатно горчлив вкус.