Упад во Капитол: Трамп обвинет за заговор
23 декември 2022Комисијата за истрагата за нападот врз Капитол го претстави завршниот извештај на 845 страници. Тој ги опфаќа сите сознанија до кои е дојдено во врска со случувањата на 6 јануари 2021 година. Со тоа е ставена точка на долгата истрага. Не се очекуваат нови откритија за позадината на нападот на Капитол или за улогата на поранешниот претседател Доналд Трамп.
Главно обвинение против Трамп е вмешаност во криминален „повеќеслоен заговор“, со цел да се поништат резултатите на претседателските избори одржани во 2020 година. Покрај тоа, како што се наведува, тој не ги спречил своите симпатизери да влезат во седиштето на Конгресот.
На својот последен состанок во понеделникот, членовите на комисијата, 7 демократски и 2 републикански конгресмени, препорачале поранешниот претседател Трамп да биде кривично гонет. Тие, меѓу останатото, го обвинуваат Трамп за поттикнување и помагање на бунтот, како и за попречување на официјалниот процес. Сѐ уште не е јасно дали Министерството за правда на САД ќе ја следи оваа препорака.
Сведок го обвинува Трамп за застрашување
Паралелно со конечниот извештај, Истражниата комисија објави и траскрипти на разговорите со сведоци, видео снимки и други доказни материјали. Од нив произлегува дека поранешната службеничка во Белата куќа, Кесиди Халинсон, ги обвинува блиските сорабоници на Трамп оти извршиле притисок во врска со сведочењето пред истражниот одбор.
„Колку помалку може да се сетите, толку подобро“
Како што тврди, од опкружувањето на Доналд Трамп ѝ биле понудени работа и финансиска поддршка - па, и за високи судски трошоци. За возврат од неа се барало да ја намали својата улога во Белата куќа и да остане лојална. Покрај тоа, нејзиниот адвокат Стефал Пасантини, кој во Белата куќа за време на Трамп беше советник за етички прашања, ја советувал да биде воздржана пред комисијата. „Колку помалку може да се сетите, толку подобро“, ја советувал Пасантини.
Хачинсон, исто така, изјавила оти Трамп бил свесен дека би можело да дојде до насилство за време на нападот на Капитол. Според нејзините тврдења, Трамп во својата лимузина се конфронтирал со телохранителите од тајната служба кога се обидел да го фати воланот за да се одвезе до Капитол.
Трамп ги отфрли овие обвинувања и јавно ја навредуваше Кесиди Хачинсон.