Спасовски: Процесот е прашање на институции, не на поединец
14 февруари 2024Менаџирањето на замената на документите е прашање на институции, а не на поединец, вели за ДВ поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, како коментар на најавата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека ќе бара кривична одговорност од него за крахот со издавањето нови патни исправи.
Партијата вчера го прошири барањето и го повика Јавното обвинителство да поведе постапка и против поранешниот премиер Димитар Ковачевски и неговата влада во целина.
„Го повикуваме Јавното обвинителство да постапува согласно закон и да поведе постапка, но и Народниот правобранител да ги заштити граѓаните кои ги извадиле соодветните документи. Очекуваме од Јавното обвинителство и Народниот правобранител да поведат постапка против Спасовски и Ковачевски и владата во целост, која ја довела целата нација во заблуда и материјален трошок“, повика вчера (13.02) пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
„Овие најави се политички мотивирани и немаат врска ниту со правото, ниту со процесот, ниту со интересите на граѓаните“, вели Спасовски.
„Тоа е истата политичка партија која што фрлаше молотови коктели врз Собранието, која спроведуваше активна блокада, ја кочеше работата на Собранието и институциите, која блокираше дури и пакет мерки за поддршка на граѓаните. Работата на МВР беше цел на постојани напади од оваа политичка партија поради неселективната борба против корупцијата и криминалот, и поради тоа што го размонтиравме партизираниот систем МВРО-ВМРО. Перманентна деструктивност, би рекол. Менаџирањето на замената на документите е прашање на институции, а не на поединец. На партиски прес-конференции од белиот дворец истите тие тврдеа дека имаат решение и ќе го решеле проблемот со личните документи, пасошите и возачките дозволи. И еве видовме. Направија паника за 5 минути дека ќе се казнувале граѓаните. Тоа е истата партија која јавно прави притисок против стратешките одлуки и на секој можен начин гледаат да одмогнат, да направат штета, да предизвикааат хаос“, изјави поранешниот министер за внатрешни работи.
Внатрешна контрола
Актуелниот технички министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, не ги коментираше барањата на ВМРО-ДПМНЕ, но изјави дека побарал извештај од одделот за внатрешна контрола. Минатата недела назначил помошник во внатрешна контрола и му дал упатство во заедничка соработка со шефот на тој оддел да утврдат: како бил планиран процесот, како бил изменаџиран од аспект на динамика, како бил изменаџиран во делот на пасоши, возачки дозволи и други лични документи, да утврдат дали е тоа согласно со процедурата и како е тоа утврдено во рамките на внатрешни правила и прописи на МВР. Веднаш штом ќе биде изготвен тој извештај, Тошковски најави дека ќе го објави во јавноста.
Според правни експерти со кои разговараше ДВ, за да се утврдат фактите, треба да се знае кои државни органи биле надлежни за извршување на Спогодбата во делот на промена на личните документи со новото име на државата и какви дејствија преземал секој од нив поединечно. Во случајов, тоа се шест. Собранието, кое е надлежно за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуцијата 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на ОН, за донесување на Уставниот закон за спроведување на амандманите на Уставот (од XXXIII до XXXVI), како и за донесување на законите кои се дел од правната рамка што беше предмет на усогласување со амандманите (XXXIV, XXXV, XXXVI и XXXVII). Надлежна е и Владата, како носител на извршната власт и предлагач на измените на законите кои биле предмет на усогласување со Спогодбата. Следи МВР, во чија надлежност е издавањето на личните документи, но и МНР во чија надлеженост е издавање на дел од личните документи што се однесуваат на дипломатски и службен персонал. Надлежност има и Министерството за правда како носител на активностите во областа на уставните измени (амандмани) и на Законот за употреба на јазиците, како и Секретаријатот за законодавство - самостојна стручна служба на Владата која дава мислења за усогласување на предлозите на законите и на другите прописи со Уставот, со законодавството на ЕУ и со меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.
„Од тоа какви дејствија преземал секој орган поединечно во рамки на процесот на спроведување на одредбите од Спогодбата во делот за лични документи - зависи успешноста на целиот процес“, објаснуваат нашите соговорници.
На пример, само ако Собранието доцни со донесување на законските измени за личните документи, тоа директно го намалува рокот што преостанува за издавање на исправи со новото име на државата.
Ковид, избори...
Она што не можело да се предвиди во посочениот период е ковид-пандемијата, екстерен фактор што влијаел врз процесот на набавка на документи. За тоа сведочат и изјавите што во тој период (февруари 2020 година) ги давал Наќе Чулев, тогашен технички министер за внатрешни работи, предложен од ВМРО-ДПМНЕ.
„Алармантна е ситуацијата во областа на патните исправи. Патни исправи тип Б веќе речиси и да нема. Патни исправи тип А на македонски јазик има до кај 10-ти февруари. Тоа е резултат на лошо планирање“, реагирал Чулев.
Од МВР тогаш посочувале дека пандемијата предизвикала значајни промени во начинот на функционирање на сите државни органи, а го отежнала и процесот на преговори со економскиот оператор од Германија за набавка на обрасците за новите документи.
„Во неколку периоди имаше и целосен прекин на реализацијата на проектот за нови лични документи поради затворање на границите и аеродромите во државите, имајќи предвид дека за некои активности беше неопходно физичко присуство од страна на тимовите на економскиот оператор Veridos GmbH“, изјавувале од МВР.
Врз процесот влијало и формирањето на преодна Влада, кога покрај нов технички министер и неколку нови раководни лица, бил изменет и дополнет составот на Управниот комитет за имплементација на Рамковната спогодба склучeна со Veridos GmbH, поради што некои одлуки на Управниот комитет во однос на набавката на новите документи биле дополнително или повторно разгледувани, а пак периодот на избори предизвикал одложување на донесувањето на голем број закони кои веќе биле во собраниска постапка.
Исто така, и донесувањето на Законот за употреба на јазиците наметнало обврски во процесот на усогласување на личните документи, не само во однос на бројноста на различните специмени за сите јазици предвидени во законот, туку и од технички аспект - да се предвиди простор во рамки на утврдените димензии на образецот за да се впишат податоците преведени на соодветните јазици согласно со законот.
Вакуум од две години
Практично се создал вакуум од две години од стапувањето на сила на Конечната спогодба - до почетокот на издавање на личните документи на граѓаните. Од Veridos GmbH биле изработени и т.н. „тестни лични документи“, кои пред почетокот на тестирањето биле дополнително усогласувани од двете страни, паралелно со инсталирање на потребната хардверска опрема, време за обуки на вработени во МВР и МНР, прилагодување на машините за персонализација на новите типови лични документи, спроведување процес на миграција на податоците од стариот во новиот систем на лични документи и цела низа други нужни постапки.
Според правни експерти, во случајот е важно е да се утврди дали еден субјект одлучувал за датумот на почеток на издавање на новите лични документи, или датумот претставува вкупен резултат од обврските и активностите за комплетирање на сите постапки и фази во процесот на осмислување, преговарање, набавување, пропишување и издавање на личните документи. И второ, колку тие постапки објективно биле пролонгирани од непредвидени глобални случувања (пандемија) или државно - политички случувања во наведениот период (избори, вонредни мерки и.т.н.), а колку од ненавремено постапување на надлежните.