1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Законски измени: возачките дозволи ќе важат до 31 декември

ДТЗ
12 февруари 2024

Во наредните 10 месеци ќе треба да се заменат околу 270 илјади возачки дозволи. Тоа е изводливо, вели претседателот Стево Пендаровски, којшто е задоволен што партиите постигнаа консензус за ова прашање

https://p.dw.com/p/4cJvs
Собрание
Законски измени: возачките дозволи ќе важат до 31 декемвриФотографија: Petr Stojanovski/DW

Со законски измени по итна постапка, партиите во Собранието избуткаа пролонгирање на рокот за замена на возачките дозволи. Гласаа 110 пратеници, со што се отвори патот возачките дозволи со ознака „Република Македонија“ да важат до крајот на годината. Граѓаните до 31 декември ќе треба да ги заменат со нови на кои стои ознаката „Република Северна Македонија“, согласно одредбите од Преспанскиот договор. 

Дека важноста на возачките дозволи ќе се продолжи за 10 месеци најави и претседателот Стево Пендаровски. Тој  пред еден месец побара да се пролонгира рокот за замена на личните документи, поради промената на уставното име, до септември или октомври, но грчките власти испратија порача дека мора да се почитуваат одредбите од Преспанскиот договор. 

„Безмалку сите пратенички групи дадоа поддршка за измена на законот за возачки дозволи со која ќе се продолжи рокот за важење во внатрешноста на државата. Мислам дека во тие 10 месеци ќе треба да се заменат околу 270 илјади возачки дозволи и тоа е изводливо“, изјави денеска Пендаровски. Претседателот оцени дека е добро што се оди конечно во добра насока и што партиите постигнаа консензус коjшто е од значење за сите граѓани.

регистарски таблички НМК налепница
Граѓаните имаат обврска да стават налепници НМК на регистрацијатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Брзо решение

Законските измени на Законот за безбедност на сообраќајот и на други закони коишто се однесуваат на важноста на возачките дозволи беа иницирани од Никола Мицевски, Мартин Костовски, Вјолца Адеми, Аднан Незири, Димитар Апасиев и Павле Трајанов, а беа поддржани од сите пратеници присутни во салата. 

„Целта на измените е изнаоѓање брзо решение за проблемот со личните документи. Во интерес на граѓаните и со цел нивно ослободување од дополнителен пртисок и хаос, преку меѓусебен консензус сите координатори од партиите дојдоа до заедничко решение, на оваа седница да предложат измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, по скратена постапка. Се работи за мали измени, односно одредбата во која стои 12 февруари 2024 (денес), се менуваа со 31 декември 2024 или до крајот на годината“, изјави координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски. 

Надежите се дека на овој начин ќе се намалат гужвите и нервозите коишто се создадоа, по најавите за истекот на рокот на 12 февруари, до којшто граѓаните првично требаа да ги заменат сите документи.

лични карти
Досега 562.288 граѓани ги имаат заменето возачките дозволи. Бројот на издадени лични карти со новото уставно име е 1.083.048, додека издадени се и 1.255.782 патни исправи. Фотографија: Fatos Musliu/DW

Колку документи се сменети досега?

Досега 562.288 граѓани ги имаат заменето возачките дозволи. Бројот на издадени лични карти со новото уставно име е 1.083.048, додека издадени се и 1.255.782 патни исправи. Личните карти, со оглед на тоа дека законските измени коишто го наложуваат нивното заменување се уште се во собраниска процедура, ќе продолжат да важат и по 13 декември. 

Поинакви правила за пасошите

Што се однесува до пасошите, тука правилата се поинакви. Без пасош со новото име „Република Северна Макеоднија“ не ќе може да се напушти државата. За оние што се затекнале надвор, ќе се издаваат патни листови кои чинат 30 евра и со рок на важност од 30 дена. Со нив ќе може да се влезе во земјата, а потоа секој ќе треба да поднесе барање за да му се издаде нова патна исправа.  Техничкиот премиер Талат Џафери денеска од тетовско Селце порача дека ќе се разгледаат сите можности околу пролонгирање на роковите за замена на документи и преку Собранието, но и со одлуки на Владата.