1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Личните карти ќе важат и по истекот на рокот

ДТЗ
12 јануари 2024

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека се работи со забрзано темпо и веќе се издадени 1.200.000 пасоши во државата, откако граѓаните со денови чекаа за нови лични документи.

https://p.dw.com/p/4bAEF
македонска лична карта
Личните карти ќе важат и по истекот на рокотФотографија: Fatos Musliu/DW

Личните карти ќе важат за внатрешна употреба и по истекот на рокот, додека за пасошите се разгледуваат сите опции. Ова го најави премиерот Димитар Ковачевски, откако претседателот Стево Пендаровски деновиве предложи да се пролонгира рокот за замена на документите поради промената на уставното име, поради хаосот кој се создаде пред шалтерите на МВР.

Забрзано темпо

Премиерот информираше дека вработените во МВР веќе имаат издадено 1.200.000 пасоши во државата, што значи дека се работи со големо темпо.

„Јас знам дека сите сакаат повеќе да критикуваат, меѓутоа треба да се каже и фала на оние вработени кои работат деноноќно, и на сликање на граѓаните, и на изработка на документите, и на издавање на документите, така што 1,2 милиони пасоши не е мала бројка. Верувам дека ќе се продолжи со такво темпо, а ние ќе ги испитаме сите можности со цел доколку биде потребно да се направи пролонгирање во делот на пасошите, бидејќи тие им служат за граѓаните да можат да патуваат надвор од земјата“, рече Ковачевски. 

Пендаровски деновиве во телевизиско интервју иницираше продолжување на рокот за издавање на новите лични документи. Тој смета дека со брза интервенција на законите за лична карта и за патни исправи, може да се пролонгира рокот за вадење нови лични документи до септември или октомври. Во моментот законскиот рок за замена на документите е до средината на февруари. Тоа создаде големи гужви и нервози на пунктовите на МВР. 

Разговори со Грција

Пендаровски рече дека е подготвен да разговара со својата грчка колешка, но дека размената на информации околу Договорот од Преспа треба да оди преку Министерството за надворешни работи.

македонски пасош
Се разгледуваат повеќе опции и се бара решение за пролонгирање на рокот на важење на пасошитеФотографија: Petr Stojanovski

Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи денеска во својот кабинет оствари средба со грчката амбасадорка во земјава, Софија Филипиду. Покрај за актуелните политички состојби и за развојот на билатералните односи меѓу С Македонија и Грција, Османи и Филипиду размениле мислења и за активностите и мерките што Владата ги презема во насока на спроведување на обврските од Преспанскиот договор.

Иницијатива до Уставен суд

Во меѓувреме опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе поднесе претставка до Уставниот суд со која ќе ги оспори измените на Законот за патни исправи од 2021 година. Со претставката ќе бара да се стави времена мерка на овие законски измени, со што всушност ќе се пролонгира рокот за издавање на пасошите со новото уставно име.

Ковачевски вели дека секоја иницијатива може да биде разгледана и дека Уставниот суд ќе го каже своето мислење.

Иницијативата на ВМРО – ДПМНЕ за личните документи до Уставниот суд ќе биде поднесена на почетокот на наредната недела. Наќе Чулев од ВМРО-ДПМНЕ, вели дека откако техничкиот министер од опозицијата ќе застане на чело на МВР, ќе се направи нова реорганизација во делот на издавање на лични документи и ќе се отворат нови пунктови.