1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку ќе чини вадењето на нови лични документи?

ДТЗ
17 мај 2023

Граѓаните имаат уште седум месеци за да ги заменат старите лични документи со нови. Во просек, за новите документи едно четиричлено семејство ќе треба да издвои околу 50 евра повеќе.

https://p.dw.com/p/4RV0c
пасоши
Нови лични документи до 2024 година со ново име и со зголемени цениФотографија: Petr Stojanovski

Граѓаните имаат простор уште седум месеци за да ги заменат старите лични документи со нови, на коишто ќе биде впишано уставното име на државата - Република Северна Македонија. Роковите истекуваат на почетокот на 2024 година. Нови документи се обврзани да извадат и оние чии документи сè уште важат, но се издадени со старото име на државата.

За многумина ваквата законска обврска ќе значи и зголемен товар за буџетот, ако се има предвид дека рипнаа цените на услугите во МВР. Во просек, за новите лични документи едно четиричлено семејство ќе треба да издвои околу 3.000 денари повеќе. 

Законски рок

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, одлуката за зголемување на цените за вадење нови документи ја оправдува со зголемувањето на цените на репроматеријалите. 

„Следната година – 2024 година е рокот во кој треба да бидат заменети личните документи бидејќи дадовме рок при примената на Уставот на Република Северна Македонија и Законот за јазиците. Во однос на зголемувањето на цените, ние објаснивме дека набавните цени за репроматеријалите се зголемени за 90 проценти и затоа направивме зголемување кое не е големо“, рече Спасовски во вторникот (16.05) при промовирање на услугата за вадење државјанство во електронска форма. 

Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи
Роковите за водење нови документи истекуваат на почетокот на 2024 година.Фотографија: Regierung Nordmazedoniens

Колку ќе чинат новите документи

Надлежните најавуваат два вида на цени. Оние што ги менуваат пасошите на 5 години, значи лицата до 27 години, ќе имаат иста цена на услуги, додека за другите имајќи предвид дека важењето на документот е 10 години, цената е зголемена.

„Пасош за лице до 27 години изнесува 1.500 денари (овој износ е непроменет), но за прв пат се прави разлика во цена на пасош за лица до 27 години и лица над 27 години. Пасош за лице над 27 години изнесува 2.000 денари што е зголемување за 500 денари“, велат од МВР за ДВ.

Лична карта изнесува 310 денари што е зголемување за 120 денари. Возачка дозвола изнесува 410 денари што е зголемување за 130 денари.

Итна постапка

Во однос на обрасци за итна постапка цените се следни: пасош по итна постапка изнесува 6.100 денари што е зголемување за 1.600 денари. Возачка дозвола, пак, по итна постапка изнесува 1.230 денари што е зголемување за 390 денари.

Овие цени се во сила од 26 април.

„Причини за промена на цените се веќе зголемени набавни цени на увезени обрасци, зголемените трошоци за одржување на системот кој се врши од страна на странски економски оператор, набавката на нови машини поради укажана потреба од замена на веќе дотраени машини за персонализација, како и набавка на дополнителни количини обрасци по очекувани нови повисоки цени поради состојбите на светскиот пазар, велат од МВР.

За покачувањето на цените влијаела и измената на софтвер со цел побезбедно работење и воведување на нови сервиси за граѓаните, како и зголемени тековни трошоци за персонализација на обрасци и нивна дистрибуција.

пасоши МВР
Во просек, за новите документи едно четиричлено семејство ќе треба да издвои околу 3.000 денари повеќе. Фотографија: Petr Stojanovski

Налепници место нови регистарски таблици

Владата на седница во вторникот (16.05) ја прифати одлуката на МВР за ставање налепници со „НМК“ ознака на регистарските таблици. Со ставањето налепница на регистарските таблици, според информацијата од МВР, во целост се почитува обврската за ознаката на новиот код на Република Северна Македонија на регистарските таблици на возилата, од една страна, а од друга страна, финансиските издатоци за ова решение се речиси неспоредливи со износот потребен за замена на регистарските таблици со нови регистарски таблици.

Во оваа насока е предвидено ставање налепници со „НМК“ ознака, на возила коишто имаат таблици со „МК“ ознака, со што ќе се избегнат дополнителни финансиски трошоци, за издавање повеќе нови документи, коишто се поврзани со бројот на регистарската таблица. Тоа ќе им олесни и на транспортерите кои патуваат во Европската Унија. На овој начин тие имаат можност, на транспортните возила да ги задржат постоечките таблици, со што ќе бидат заштитени од потребата за промени во целокупната документација во државите членки на ЕУ.