1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Ќафасан и Блаце се поминува и со стари лични карти

ДТЗ
13 февруари 2024

Албанија и Косово им излегоа во пресрет на македонските граѓани коишто ги немаат заменето личните документи. На Богородица само со сите важечки документи може да се помине границата кон Грција

https://p.dw.com/p/4cLxK
граница
На Ќафасан и Блаце се поминува и со стари лични картиФотографија: Nord-Mazedonien Regierung

Албанија и Косово им излегоа во пресрет на македонските граѓани коишто се уште ги немаат заменето личните документи согласно Договорот од Преспа. На првиот ден по истекот на петгодишниот рок за замена на пасошите и личните карти за патување надвор од земјата, според информациите од МВР, на граничните премини Ќафасан и Блаце, се пропуштаа граѓани и со стари лични карти. На граничниот премин Богородица ситуацијата е поинаква. Само оние со важечки документи можат да ја поминат границата кон Грција. 

Во Бугарија и Грција само со важечки документи 

Грчките погранични служби на граничниот премин Богородица-Евзони, според агенцијата МИА, не им дозволиле влез на патници од Македонија, кои имале сообраќајни дозволи со старото име на државата. Тие биле вратени, а покрај сообраќајните дозволи детално ги прегледувале и останатите патни исправи. На овој граничен премин до 12 часот поминале околу 300 патници.

Проблеми и застој не се забележани на границата со Бугарија. На граничниот премин Делчево - Станке Лисичково кон Република Бугарија, сите македонски граѓани коишто ја поминале границата имале важечки патни исправи и документи.

Старите лични карти „поминуваат“ на Ќафасан

Албанија одлучи да не го блокира влезот на македонски граѓани со стари лични карти во земјата. На граничниот премин Ќафасан, со соседна Албанија, од полноќ до 10 часот утрово, вкупно 837 патници направиле влез и излез од државата.

На граничниот премин „Табановце“, според МВР, протокот на патници и возила се одвива со видно намален интензитет. Од полноќ до 7 часот изутрината излез извршиле 524 патници, додека влез оствариле 640 патници. Но, во Србија можат да влезат само граѓаните со нови документи со името „Северна Македонија“. 

„Доколку на влез дојде државјанин на РСМ со патна исправа без натпис „Северна Македонија“ од наша страна лицето ќе се евидентира во систем и ќе му се дозволи влез во РСМ“, информираат од МВР. 

Косово Блаце
Албанија и Косово им излегоа во пресрет на македонските граѓани коишто се уште ги немаат заменето личните документи согласно Договорот од Преспа. Фотографија: DW/Esat Ahmeti

Нови правила

Новите правила за премин на границата стапија на сила од полноќ, кога согласно Договорот од Преспа помина петгодишниот рок за замена на старите документи со нови на кои стои името Република Северна Македонија. Станува збор за меѓународен договор, ратификуван во македонското Собрание, но и во собранието на Грција, врз основа на кој земјата стана членка на НАТО и врз основа на кој ги отпочна преговорите со Европската Унија. 

Околу 650 илјади граѓани коишто не успеаја навреме да ги заменат пасошите, се „заробени“ во земјата. Оние што се затекнале надвор, ќе можат да влезат во Македонија со патни листови, кои со одлука на Владата ќе можат бесплатно да се добијат. 

Дел од граѓаните се револтирани што не успеаја да ги заменат документите, поради преоптовареност на МВР и немањето доволно обрасци. Тие вината ја бараат во МВР. Но, експремиерот и лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски вели дека пандемијата ги нарушила каналите на снабдување и можноста за брзо издавање на документите.

„Она што е важно дека голем дел од патните исправи се заменети. Секое ширење на паника и давање на популистички изјави кои не се во насока на решавање на проблемот, туку за себе истакнување не носат ништо добро. Затоа вчера пратеничката група на СДСМ и претседателот на Собранието, низ разговор со сите политички партии дојдоа до консензус дека треба да се продолжи рокот на важењето на личните документи кои се за внатрешна употреба“, изјави денеска Ковачевски.

Собранието вчера со итни законски измени, ја пролонгираше важноста на возачките дозволи до 31 декември. МВР во меѓувреме донесе правилник со кој до 31 декември го продолжи и рокот за ставање налепница на која е испишана ознаката „НМК“. Со одлука на Владата, возачките и сообраќајните дозволи, како и патните листови за иселениците ќе бидат бесплатни.