1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крај на старите и крах за новите патни исправи

13 февруари 2024

Поради крахот во издавањето на патни исправи ВМРО-ДПМНЕ ќе бара кривична одговорност од Оливер Спасовски. Кривична пријава за Спасовски и Заев уште лани во август е поднесена до ОЈО Скопје.

https://p.dw.com/p/4cL5c
Северна Македонија пасош
Фотографија: Petr Stojanovski

„Крај на патните исправи со ‘Република Македонија’“, „Од полноќ престанаа да важат патните исправи со името ‘Република Македонија’“, се дел од насловите со кои грчките медиуми ја пренесоа информацијата дека врз основа на Договорот од Преспа, кој стапи на сила на 12 февруари 2019 година, е истечен рокот од пет години во кој треба да се заменат пасoши, лични карти и возачки дозволи со претходното и да се издадат исправи со новото име на државата.

„Северна Македонија почна да издава нови лични документи за граѓаните на земјата дури во јули 2021 година. Поради недостиг на логистичка инфраструктура, голем дел од граѓаните на земјата досега не можеа да ги заменат своите лични документи, што резултираше со силни поплаки и тоа прашање доминира во медиумите во Скопје“, објавуваат грчките медиуми.

Во телевизиски репортажи се прикажани долгите редиците пред пунктовите за издавање лични документи, прелепувањето на регистерските таблички на возилата со налепницата „NMK", но и информации дека процесот се одвива отежнато.

„Според грчки дипломатски извори, за Грција е исклучително тешко да прифати дека пет години, во кои Скопје немаше комуникација со Атина, не беа доволно време за замена на пасошите на граѓаните“, пишува GR Times.

Медиумот потсетува и дека сѐ уште се чека ратификација на трите меморандуми за соработка со Северна Македонија, кои одамна требало да бидат изгласани во грчкиот парламент. Според последните информации од грчката влада, меморандумите ќе биле ставени нагласање по европските избори, „за да не се поттикне антисистемско гласање, особено во Северна Грција, каде  партиите што се движат десно од Нова демократија имаат силен изборен отпечаток и силна струја против Договорот од Преспа“.

Северна Македонија ред за пасоши
Според правни експерти, секој граѓанин кој не по свој вина ќе остане без патна исправа по 12-ти февруари 2024 година, и поради тоа ќе биде оневозможен во неговата слободата на движење, има право да поднесе тужба против државата и да бара надомест на материјална и нематеријална штетаФотографија: Petr Stojanovski

Трите меморандуми се однесуваат на формирање на Координативен комитет за економска соработка, забрзување на процесот на приклучување на Северна Македонија кон Европската унија и контрола на македонскиот воздушен простор со грчки авиони.

ВМРО-ДПМНЕ ќе бара одговорност

Неможноста на граѓаните да ги обезбедат личните документи во рокот предвиден со Преспанскиот договор, предизвика серија обвинувања до претходната влада.

„ВМРО-ДПМНЕ во име на сите граѓани ќе побара кривична одговорност од Оливер Спасовски, затоа што граѓаните кои извадиле пасош во период од 2018 година па до денес, а на кои државата не им издала соодветна патна исправа, се директно оштетени и доведени во омаловажувачка позиција да не можат да ги уживаат своите права“, најави пратеникот на оваа партија, Игор Јанушев.

„Ова е директно нарушување на човековите и граѓанските права на секој поединец во Македонија, затоа што некој ја злоупотребил својата должност и несовесно работел во службата. Оливер Спасовски е директно одговорен за ова, бидејќи со години наназад набавувал обрасци за лични и патни исправи и истите ги издавал, иако бил свесен дека тие ќе станат неважечки пред истекот на нивниот рок на важност. Со тоа, Спасовски не само што го оштетил државниот буџет, туку ги оштетил и граѓаните кои денес се соочуваат со ограничување на движењето и материјална штета“, рече Јанушев.

Оливер Спасовски
ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе побара кривична одговорност од Оливер СпасовскиФотографија: Petr Stojanovski

Ланска кривична за Спасовски и Заев

Граѓанка од Скопје уште лани во август поднела кривична пријава до Основното јавно обвинителство - Скопје за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ против тогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски како „сторител“ и за поранешниот претседател на Владата, Зоран Заев, како „соизвршител“.

Пријавата ја поднела бидејќи во период подолг од 30 месеци по влегувањето во сила на законската обврска за усогласување на документите (февруари 2019 година), на граѓаните им се издавале важечки, но неусогласени документи со законот, со рок на важење далеку подолг од задолителниот рок за усогласување од пет години. Против Спасовски кривичната пријава се однесува и на пречекорување на службените должности извршени спротивно на правниот систем, со негово усно прогласување за неважечки на издадени важечки документи согласно законите во рокот од петте години, во кој јавната администрација била должна да ги усогласи, а поради нивна вина тоа не го сторила, со што е предизвикана значителна материјална штета за граѓаните, покрај другите штети по здравјето, уставното начело за правна сигурност и.т.н.

На прашањето на ДВ дали се постапува по оваа пријава од ОЈО Скопје велат дека се преземаат дејства на проверки и претходни известувања.

Според правни експерти, секој граѓанин кој не по свој вина ќе остане без патна исправа по 12-ти февруари 2024 година, и поради тоа ќе биде оневозможен во неговата слободата на движење, има право да поднесе тужба против државата и да бара надомест на материјална и нематеријална штета која настанала како резултат на прекршување на тоа уставно право.