1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пет милиони евра за нови лични карти, а старите уште важат

ДТЗ
12 февруари 2024

Како личните карти со „Република Македонија“ привремено ја „заобиколија“ законската обврска за задолжително менување на документите по истекот на петгодишниот рок на 12 февруари?

https://p.dw.com/p/4cKHN
лични карти
Граѓаните досега дале над пет милиони евра за нови лични картиФотографија: Fatos Musliu/DW

Граѓаните кои имаат важечки, неистечени лични карти со старото име на државата „Република Македонија“ ќе можат да ги користат за внатрешна употреба и по 13 февруари, но не ќе можат да патуваат со нив во Албанија, Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Со оглед на тоа дека станува збор за документи кои се користат пред се за внатрешна употреба, најавите се дека банките ќе исплаќаат плати и пензии и со старите документи, а со нив ќе може и да се гласа на пролетните избори. Тоа предизвика дилема револт кај граѓаните, особено по најавата дека без нови пасоши не ќе можат да ја напуштат земјата, но и дека би можеле да се соочат со казни ако навреме не обезбедат налепници НМК за регистарските таблички. Зошто личните карти со „Република Македонија“ привремено ја „заобиколија“ законската обврска за задолжително менување на документи по истекот на петгодишниот рок на 12 февруари? 

Над пет милиони евра од замената на личните карти 

Иако првично беа упатувани апели да се заменат документите до средината на февруари, личните карти со „Република Македонија“ чиј рок не е истечен ќе продолжат да важат и по 12 февруари, бидеќи Законот за личната карта се уште не е изменет.  Но, и покрај тоа милиони евра се слеале досега од џебот на граѓаните во државниот буџет поради замената на личните карти со новото име на државата.

Иако не се стапени во сила, граѓаните во периодот од јули 2021 година, па до крајот на 2023 година поитале да извршат замена на 1.007.885 лични карти на коишто стои името „Република Македонија“.

Само од почетокот на годината се издадени над 75 илјади нови лични карти, со што вкупниот број на издадени лични карти со новото уставно име е 1.083.048, покажува статистиката на МВР. 

Ако се има предвид дека замена на лична карта со новото име на државата чини 310 денари по редовна постапка, проценките се дека само од замената на документите за внатрешна употреба се слеале над пет милиони евра во буџетот. 

Народниот правобранител, Насер Зибери и дел од партиите во повеќе наврати укажуваа дека трошоците за обновување на исправите за сите граѓани кои поднеле барање за нови исправи, а дадени им се исправи со стариот образец, со името Република Македонија, по стапувањето на сила на измените на Уставот, треба да ги сноси државата.  

пасошко МВР
Личните карти со „Република Македонија“ ќе важат и по 12 февруари бидеќи Законот за личната карта се уште не е изменет. Фотографија: Petr Stojanovski

Закочени законски измени 

Измените на Законот за лична карта, со коишто оваа обврска би станала задолжителна, повеќе од една година чекаат на усвојување во Собрание. Согласно Преспанскиот договор, граѓаните требаше да ги сменат личните карти, пасошите и возачките дозволи во рок од 5 години од влегувањето во сила на уставните измени - а тој рок е 12 февруари 2024 година. Но, усогласувањето на личната карта остана заглавено во собраниските процедури, додека поминаа законите за патни исправи и за безбедноста во сообраќајот. Собранието по итна постапка во понеделникот (21.02) донесе законски измени со кои го пролонгираше рокот за замена на возачките дозволи до 31 декември. 

Што се однесува до измените на Законот за личната карта, тие беа иницирани во март 2021 година, но останаа неусвоени затоа што во истиот пакет беше ставено и усогласување со Законот за употреба на јазиците. Текстот го помина само првото читање. Со цел надминување на блокадата, неколку месеци подоцна МВР донесе позаконски акти и правилник, со кој и без законските измени, се овозможи да се печатат обрасци со новото име на државата. 

Обврските од Договорот од Преспа  

Замената на документите во коишто треба да биде впишано новото име на државата - Северна Македонија е предвидена со Договорот од Преспа. Согласно овој договор потпишан во 2018 година, официјалното име на земјата е „Република Северна Македонија“, што претставува уставно име и ќе се употребува erga omnes, како што е предвидено во оваа спогодба. Скратеното име на земјата е „Северна Македонија“. 

Државјанството ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, како што ќе биде заведено во сите патни документи. Во однос на важноста на веќе постоечките документи и материјали издадени од властите, со договорот е предвидено да има два преодни периода, еден „технички“ и еден „политички“.

„Техничкиот“ преоден период се однесува на сите официјални документи и материјали на јавната администрација за меѓународна употреба и за документите за внатрешна употреба, но кои може да се користат и надвор од државата. Важноста на ваквите документи и материјали ќе се обновува најдоцна во рок од пет години по влегувањето во сила на оваа спогодба. 

„Политичкиот“ преоден период ќе се однесува на сите документи и материјали, коишто се исклучиво за внатрешна употреба во земјата. Издавањето на ваквите документи и материјали ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со Европската Унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш.