1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија остана без пасош за ЕУ

14 февруари 2024

Бесцелно е да прашаме дали некој од сивите еминенции во власта, па и во опозицијата, остана без пасош со новото име, затоа што е јасно дека тие и овојпат се повластени. Пишува Соња Крамарска

https://p.dw.com/p/4cMkG
Македонија пасош
Македонија остана без пасош за ЕУ.Фотографија: Petr Stojanovski

Македонија остана без пасош за ЕУ. Не успеа да го извади навреме пред да ја фати рокот за промена на пасошите. Вака накратко може да се опише тоа што се случуваше во финалето на петгодишниот рок за имплементација на новото име Република Северна Македонија во личните документи на граѓаните. Знаците за катастрофата беа присутни уште од самиот почеток. По потпишувањето на Преспанскиот договор на 17 јуни 2018 и неговото стапување во сила на 12 февруари 2019 година, обврската за промена на името во пасошите, личните карти и возачките дозволи, како и налепниците на автомобилите, беше целосно заборавена. Бидејќи Преспанскиот договор имаше ефект на политичка бомба, на „споредните работи" како никој да не мислеше. 

Но петте години брзо поминаа и реалноста нѐ изненади сите. Како снегот што го изненадува Комуналец во декември, па не е спремен да го исчисти и допрва ги проверува машините дали работат. Државата заглавена во предизборни препукувања не ни забележа дека се приближува катастрофа. Институцијата задолжена да го спроведе новото име во личните документи на граѓаните покажа дека не е кадарна за тоа. Но покажа и нешто уште полошо, а тоа е дека свесно ги измамила граѓаните издавајќи им пасоши со старото име на државата иако се знаеше дека тие нема да важат по 12 февруари 2024 година. 

Првиот човек на МВР Оливер Спасовски кој требаше да ја организира транзицијата, пропадна во земја. Заедно со своите претседателски амбиции. Државата не спроведе ниту една кампања во јавноста за да ги потсети граѓаните на обврската за имплементирање на новото име. Таа задача остана на медиумите, кои за волја на вистината информираа за тоа уште од почетокот на 2023 година, но очигледно тоа не беше доволно. Забуна внесоа и изјавите на државните претставници. Министерот во тоа време Оливер Спасовски, очигледно грижејќи се повеќе за својот рејтинг, даваше дозирани изјави со цел да не предизвика реакција кај граѓаните. 

Соња Крамарска
Соња КрамарскаФотографија: Privat

Кој ја криеше вистината?

„Никој нема да биде казнет ако до февруари не извади документи со новото име на државата“, рече Спасовски во август 2023 година, притоа „заборавајќи“ да додаде дека граѓаните нема да може да излезат од државата односно да влезат во друга држава со пасоши на кои пишува Република Македонија наместо Република Северна Македонија. Тој во таа прилика даде и друга оптимистичка изјава. „Досега документи со името Северна Македонија извадиле околу еден милион граѓани“, рече, тврдејќи притоа дека „според динамиката што ја имаат, успешно ќе се завршат сите промени на личните документи во предвидениот рок".

Но тоа не се случи. Оваа површност и погрешни проценки кои доаѓаа од највисоко место, денес скапо ја чинат државата. Нејзиниот углед е драматично нарушен, како дома, така и во меѓународни рамки. Нашите граѓани кои се затекнале во странство ќе мора да се вратат во државата со таканаречени патни листови издадени само за таа намена. Тоа во старт значи поткопување на угледот и дигање на веѓите на граничните службеници низ светот кои треба да пропуштат патник без регуларен пасош. Не е секој упатен во балканските случки за да знае дека некоја држава Северна Македонија склучила договор со друга држава и дека требало да ги смени пасошите за да имплементира ново име на државата во нив.

Меѓутоа државата има и ќар. Според последните податоци сепак има 1 милион и 210 илјади променети пасоши, и околу 1 милион и 100 илјади променети лични карти, како и 540 илјади возачки дозволи. Притоа, според достапните податоци само од замената на личните карти кои се неколкупати поевтини од пасошите, досега државата инкасирала над пет милиони евра. Проценките што беа објавени се дека од промената на пасошите, пак, државата ќе инкасира околу 32 милиони евра. Се разбира, никој не се сети дека државата треба да се откаже од овој непланиран ќар и да ги издава бесплатно документите кои што се менуваат на нејзино барање, а не затоа што им истекол рокот. Политичките елити и овојпат, како во случајот со зголемувањето на своите плати за 78 отсто, не мислеа на граѓаните, а во својот егоизам дури и заборавија дека наскоро од истите тие граѓани ќе бараат гласови за да се одржат на власт. 

Џафери и Маричиќ во Брисел 

Но, така е тоа во држави во кои политичката одговорност е мислена именка и стои само во учебниците по политички науки. Бесцелно е да прашаме дали некој од сивите еминенции во власта, па и во опозицијата остана, без пасош со новото име. Се разбира никој не останал. Техничкиот премиер Талат Џафери и вицепремиерот Бојан Маричиќ во вторникот (13.02.2024) први ја имаа честа да ги поминат границите на Северна Македонија на пат кон Брисел. Тие денеска ќе ги уверуваат бриселските претставници дека Скопје и со старо-новата влада останува на европскиот пат и ќе се залага за целосна интеграција во Европската унија. Меѓутоа тие зборови стануваат апсурдни во низата настани дома, турканиците пред шалтерите на МВР, долгите колони пред станиците за технички преглед и хистеричните повици кон властите да ја олеснат постапката за замена на документите. Несомнено, овој хаос е досега најсериозниот удар врз капацитетите за лидерство на Европскиот фронт на СДСМ. 

Од одговорност, секако, не може да се изземат и граѓаните кои го чекаа последниот момент да ги сменат личните документи. Таа административна некултура и одбивање да се прифатат државни одлуки и норми скапо ги чини и нив. Многу деловни планови, приватни и службени патувања, посети на роднини и пријатели ќе бидат одложени или откажани затоа што навреме не е завршена обврската за аплицирање на за нов пасош. Среќа во несреќата е што наближуваат избори, па институциите односно политичките партии премолчено постигнаа договор, веројатно и со Грција, личните карти, а од пред два дена и возачките и сообраќајните дозволи да важат до крајот на 2024. 

Да биде цинизмот поголем, за имплементацијата на новото име на државата се грижи министер од ВМРО-ДПМНЕ, партијата која го негира Преспанскиот договор и која организираше протести против неговото склучување. Тоа се историски лекции кои говорат посилно од сите аргументи и сведочат дека ставовите не го обликуваат времето, туку времето ги обликува ставовите. Оваа партија, која сериозно претендира за власт на претстојните избори, ја напушта воинствената кота од која испалуваше тешка артилерија против договорот од Преспа и ја презеде задачата да се грижи за исполнувањето на последните обврски кои преостанаа од него. Тоа е бездруго историска пресвртница која заслужува посебна анализа.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема