1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Околу 650.000 граѓани со стари пасоши „заробени“ дома

ДТЗ
13 февруари 2024

Техничкиот премиер Талат Џафери ги повика граѓаните да не чекаат до последен момент и навреме да ја започнат постапката за менување на документите.

https://p.dw.com/p/4cLXR
пасоши
Околу 650 илјади граѓани со стари пасоши не можат да ја напуштат Македонија Фотографија: Petr Stojanovski

Околу 650 илјади граѓани со стари пасоши од денеска не можат да ја напуштат Северна Македонија. Од полноќ, согласно Договорот од Преспа потпишан со Грција, истече рокот на патните документи со старото име на државата „Република Македонија“. Со тоа излез ќе им биде дозволен само на оние кои поседуваат документи со „Северна Македонија“, додека влез во земјата од странство ќе биде дозволен со патни листовикоишто можат да се издават во дипломатско-конзуларните претставништа. Таксата за нив е 30 евра, а имаат рок на важност од еден месец. 

„Не чекајте - сменете ги пасошите“ 

Техничкиот премиер Талат Џафери денеска ги повика граѓаните да не чекаат до последен момент и навреме да ја започнат постапката за менување на документите.

„Јас се надевам дека 650.000 граѓани во ист ден - денеска, ниту имаат потреба, ниту има можност да ја напуштат државата. Граѓаните треба да се обратат до подрачните единици на МВР за да почнат постапка за замена на патните исправи“, изјави Џафери кој присуствуваше на поставување камен – темелник за изградба на обиколница на Тетово. 

Талат Џафери
Техничкиот премиер Талат Џафери денеска ги повика граѓаните да не чекаат до последен момент и навреме да ја започнат постапката за менување на документите Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Собранието во понеделникот (12.02) изгласа законски измени со кои ја пролонгираше важноста на возачките дозволи до 31 декември 2024 година, а продолжена е важноста и на личните карти.

МВР во меѓувреме почна со издавање налепници НМК за регистарските таблички на возилата. Согласно договор од Преспа, кодот за земјата на регистарските таблички на возилата на Втората страна ќе биде НМ или НМК. За сите други намени, кодот на земјата останува да биде МК и МКД, како што е официјално определено од Меѓународната организација на стандардизација (ИСО).  

„Ги направивме првите чекори за прашањето за внатре комуницирање и движење безбедно на граѓаните. Во однос на потребите за комуницирање со надвор секако дека се преземаат организациски процедури за да се обезбедат соодветните документи и процедури за издавање на соодветните документи“, вели Џафери. 

налепници НМК
До станиците за технички преглед се дистрибуирани околу 350 илјади налепници, од кои најголем ден уште во текот на вчерашниот ден беа разделени.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Многу барања - малку обрасци 

Според податоците на МВР, досега 562.288 граѓани ги имаат заменето возачките дозволи. Бројот на издадени лични карти со новото уставно име е 1.083.048, додека издадени се и 1.255.782 патни исправи. Личните карти, со оглед на тоа дека законските измени коишто го наложуваат нивното заменување се уште се во собраниска процедура, ќе продолжат да важат и по 13 февруари. 

Според министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, издадени се 525 илјади активни возачки дозволи кои не се дуплираат. Со старото име во важност се 272 илјади возачки дозволи. „Тоа се важечки возачки дозволи кои не се обновени со новото име и сега со законските измени за безбедност во сообраќајот тие ќе важат до 31.12.2024 година“, изјави тој за емисијата „Топ тема“ на Телма. 

Во моментов, според Тошковски, има околу 30 илјади македонски и околу 60 илјади албански обрасци за возачки дозволи, а до март се очекува да пристигнат уште 160 илјади. Возачките дозволи и лични карти се печатат на иста машина. што се однесува до пасошите, има уште околу 5 илјади македонски и околу 10 илјади албански обрасци за патни исправи. До крајот на месецот треба да пристигнат околу 250 илјади обрасци.

Во однос на налепниците за регистарските таблички, до станиците за технички преглед се дистрибуирани околу 350 илјади налепници, од кои најголем ден биле разделени уште во понеделникот на 12 февруари.