1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските финансии во тешка состојба

Ханс-Јоахим Фивегер / АРД
24 октомври 2023

В четврток ќе биде претставена новата даночна проценка. Јавните буџети ќе мораат да сметаат со помали приходи во однос на прогнозираните поради заслабената економија. Се заканува натамошно влошување на ситуацијата.

https://p.dw.com/p/4Xwuk
Германските финансии во тешка состојба
Германските финансии во тешка состојбаФотографија: picture-alliance/dpa/J. Büttner

И самото поднесување на предлог-буџетот за 2024 година беше тежок чин. Сојузниот министер за финансии Кристијан Линднер (ФДП) зборуваше за „интензивни советувања во рамките на владата“. Тоа се должеше од една страна на желбата за трошење пари од различни министерства, а од друга страна на фактот што времето на од корона предизвиканите исклучоци од должничката кочница е минато.

Кавгата околу кратењата кај додатокот за родителите со мали деца и тоа како да изгледа  основната детска заштита  меѓутоа веројатно е само најава за она што ќе следи при борбите за прераспределба на парите за следните години. Линднер веќе најави дека претстои уште едно „квалитативно консолидирање“ на буџетот: „Превисоки давачки за камати, растечки социјални трошоци“ – со ваква комбинација  Германија не е опремена за иднината.

Буџет за 2024 година: Уште не се финансирани сите планирани издатоци

Сојузниот буџет за идната година уште не е „скроен“. Кај проценката на  даночните приходи, на која се надеваа некои коалициони политичари, на крајот ќе испадне дека ќе се соберат помалку пари од прогнозираните. Буџетскиот политички експерт од ЦДУ, Кристијан Хазе укажува и на следново: за некои од планираните мерки на владината коалиција, и натаму не се обезбедени финансии.

Така, за разлика од буџетот за тековнава година, нема ставка за т.н. „ациска пензија“ (форма на старосно осигурување при која дел од придонесите за пензиско осигурување се инвестираат во фонд на акции, н.з.). Освен тоа, ќе треба да се финансира и зголемената социјална заштита. Крајно, се очекува државата да преземе и дополнителен дел од трошоците за миграцијата при претстојните разговори со покраините.

Кристијан Линднер Германија
Германскиот сојузен министер за финансии Кристијан Линднер нема лесна задачаФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture-alliance

Специјалните фондови овозможуваат повисоки долгови

Кон буџетот со неговите расходи од (досега) околу 450 милијарди евра, се надоврзуваат и многу дополнителни милјарди, кои течат преку т.н. специјални фондови.

Фактички, во 2024 година ќе бидат направени повеќе од 100 милијарди евра долгови, а не само 17 милијарди, колку што стои во предлогот на Линднер, критикува портпаролот на АфД за буџетска политика, Петер Берингер. Како контрааргумент, заменикот претседател на пратеничката група на Зелените, Андреас Одреч укажува на актуелните кризи – од енергетската, па до климатската криза, кои не би можеле да бидат совладани без специјални фондови.

Наскоро треба да почне отплата на долговите

Меѓутоа, специјалните фондови, кои актуелно овозможуваат дополнителни инвестиции, за само неколку години ќе го намалат маневарскиот простор на политиката. Зашто, од 2028 година ќе треба да бидат отплаќани направените долгови, еден по друг.

Професорот Јерг Рохол, претседател на Советот на научници во Министерството за финансии, зборува за заканувачки леден ѕид. Меѓу другото, и затоа што специјалниот фонд за Бундесверот ќе биде потрошен отприлика во истиот период. Ветувањето на канцеларот Олаф Шолц (СПД) за годишно издвојување од два проценти од економскиот учинок за одбрана, тогаш ќе мора целосно да биде финансирано од буџетот.

Социјалните осигурувања буџетски ризик

Засега никој нема претстава како можат да се совладаат овие предизвици, признава политичарот од ФДП, Ото Фрике. Тој укажува и на друг фактор, кој би можел да влијае на планирањето на буџетот во идните години, имено – претстојното заминување во пензија на т.н. бејбибумери, бројна генерациска група вработени: „Тоа го засега пензиското осигурување, но и здравственотото осигурување и негата, а во краен ефект за сојузната држава ќе значи дека таа ќе мора да издвојува дополнителни пари за таа цел од буџетот.“

Германија економија
Јавните буџети ќе мораат да сметаат со помали приходи во однос на прогнозираните поради заслабената економијаФотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Зголемените камати го стеснуваат буџетскиот маневарски простор

Во ризиците за идните буџети спаѓа крајно и развојот на полето на каматите. Комбинацијата од повисоки задолжувања и растечки камати води до тоа наскоро секое десетто евро од буџетот да мора да се слева во финансирањето на долговите. Притоа, државата, благодарение на добриот бонитет во споредба со други земји, и натаму плаќа релативно ниски камати.

Но, Хелге Браун, претседател на Буџетската комисија во Бундестагот, предупредува: ако задолжувањата растат и натаму, Германија може да го загуби добриот бонитет: „А тоа би значело дека издатоците за камати значително ќе пораснат“, предупредува Браун, поранешен шеф на кабинетот на Ангела Меркел.

Со оглед на ова, Браун пледира, слично како и сојузниот министер за финансии Линднер, јасно ставање приоритети во буџетот: потребна е „предност за инвестиции и за внатрешната и надворешна сигурност“. Издатоците, кои „се претежно потрошувачки ориентирани и предизвикуваат дополнителна бирократија“, треба да бидат изоставени.

Како можат издатоците да бидат „праведно и фер“ финансирани?

Политичарот од Зелените Одреч, напротив го става фокусот на инвестиции во образованието, инфраструктурата, безбедноста и новите климатски технологии и предупредува од исклучително кратковид поглед ограничен врз буџетот и  штедење на погрешни места:  „Тоа на крајот ќе чини уште повеќе.“

Од аспект на Одреч, пред општеството се налага дебата „како овие издатоци можат да бидат финансирани праведно и фер.“ Зашто, прилично е сигурно: предизвиците пред државниот буџет во следните години ќе бидат уште поголеми отколку што се сега.