Германската економија продолжува да тоне
28 септември 2023Новата прогноза на економските експерти фрла потемна слика за германската економија од првичната која беше објавена пролетва, кога проценките велеа дека економијата ќе порасне за скромни 0,3 отсто во 2023 година.
„Најважната причина за оваа ревизија е тоа што индустријата и приватната потрошувачка се опоравуваат многу побавно од она што го очекувавме пролетоска“, вели Оливер Холтемелер, потпретседател на Институтот за економски истражувања во Хале.
Прогнозата за следната, 2024 година, е нешто пооптимистичка. Експертите очекуваат Бруто домашниот производ (БДП) следната година да порасне за 1,3%.
Извештајот наведува дека големиот раст на цените на енергенсите во 2022 година го забавил опоравувањето на Германија од пандемијата на коронавирусот. Инфлацијата ја цеди куповната моќ на населението, додека најновото зголемување на каматните стапки од страна на Европската централна банка и нанесе тежок удар на градежната индустрија.
Куповната моќ се враќа
Неодамна и очекувањата на бизнисмените паднаа на пониско ниво, мотивирани од политичката несигурност која придонесува кон проблемите во економијата.
Оттука, и прогнозата за 2024 година е намалена за 0,2 процентни поени од првичната која беше објавена изминатата пролет.
Експертите нотираат дека „зголемувањето на платите во меѓувреме го следело зголемувањето на цените, цените на енергенсите паднале, а извозниците ги издржале повисоките цени, а па куповната моќ се враќа“.
Оттука, експертите очекуваат „падот да се намали до крајот на оваа година, а од следната да започне раст“. Се очекува годинава невработеноста да скокне на 2,6 милиони луѓе, а следната година благо да падане. Се очекува и намалување на инфлаторниот бран, од 6,1% годинава на 2,6% следната 2024.