1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаГлобално

ОЕЦД со подобри прогнози за светската економија за годинава

ЕМФ | агенции
19 септември 2023

ОЕЦД ја ревидираше нагоре својата прогноза за раст за земјите од Г20 и за целата глобална економија за оваа година. Но, прогнозите за Германија се полоши од претходно.

https://p.dw.com/p/4WYYM
Седиштето на ОЕЦД во Париз
Седиштето на ОЕЦД во ПаризФотографија: Francois Mori/AP Photo/picture alliance

Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) денеска (19.08) соопшти дека светската економија имала неочекувано добар почеток на годината поради пониските цени на енергијата и повторното отворање на Кина по пандемијата на корона. Сепак, заострената монетарна политика на важните централни банки ќе има негативно влијание на среден рок, па затоа ОЕЦД ја намали претходната прогноза за следната година.

За глобалната економија годинава се очекува раст од 3,0 проценти - 0,3 проценти повеќе отколку во јунската проценка на експертите на ОЕЦД. Сега се очекува раст од 2,7 отсто за наредната година, односно 0,2 проценти помалку отколку што досега се очекуваше. Покрај високите основни каматни стапки, значително забави пред сѐ подемот на Кина, што на среден рок се одразува на глобалната економија.

Изгледите за Германија се влошуваат веќе оваа година. Додека ОЕЦД во јуни претпоставуваше дека германската економија ќе стагнира, сега се очекува пад од 0,2 отсто. За целата Еврозона, организацијата ја ревидираше својата прогноза за оваа година надолу за 0,3 проценти  - на раст од 0,6 отсто. ПокрајГерманија, претходните очекувања се влошија особено за Италија.

ОЕЦД исто така ги ревидираше надолу своите очекувања за Кина - за 0,3 проценти. Забележително подобрување на прогнозата за тековната година има за земји како Мексико, Турција, Бразил, САД и Русија.

За следната година, експертите за Германија предвидуваат слаб раст од 0,9 отсто - 0,4% помалку отколку во јуни.

Кога станува збор за инфлацијата, експертите очекуваат таа „постепено да се ублажи во 2023 и 2024 година“, но сепак и натаму да биде „над целите на централните банки“ во повеќето земји. Затоа централната банка на САД, ЕЦБ и другите централни банки ги зголемија основните каматни стапки на рекордно ниво. „Дури и ако основните каматни стапки не се зголемуваат натамошно, ефектите од претходните зголемувања ќе продолжат да се чувствуваат во економиите извесно време“, предвидува ОЕЦД.