Светската економија е заслабена - долг пат до закрепнување
7 јуни 2023Најголемиот светски извозник - Кина во мај ги почувствува последиците на падот на глобалниот економски раст. Извозот на Кина во однос на минатата година е намален значително повеќе од очекуваното, за 7,5 проценти, како што соопштија кинеските царински власти. Пад бележи и увозот и тоа за 4,5 проценти, иако побавно од предвидувањата. Очигледно дека кинеското стопанство, и покрај укинувањето на строгите анти-корона мерки во декември ланската година, уште не доживува полет.
Светскиот пад на конјунктурата и заслабената внатрешна побарувачка го кочат очекуваното закрепнување по пандемијата. Додека кинеската извозна машинерија се движи видно побавно, се влошуваат и изгледите за раст на втората по големина економија во светот, која фактички добро стартуваше оваа година. Но, во меѓувреме важни конјунктурни рани индикатори испаднаа полошо од прогнозите.
ОЕЦД очекува глобален раст од 2,7 проценти
Меѓутоа, по неколкуте слаби години, светската економија во тековнава година би требало повторно да бележи раст. ОЕЦД, Организацијата за економска соработка и развој, смета дека светската економија се наоѓа на курс на бавно закрепнување и за 2023 година очекува глобален пораст од 2,7 проценти, додека според прогнозата за 2024 година е можно и мало подобрување - 2,9 проценти.
Но, патот до силен и траен економски раст е уште долг, предупредува ОЕЦД, зашто глобалната економија и натаму ќе остане видно под просекот од десетте години пред пандемијата на коронавирус.
Оптимистички е што се смета дека долниот праг е веќе надминат, цените на енергијата и вкупната инфлација се намалуваат, тесните грла во снабдувањето попуштаат. И финансиската состојба на приватните домаќинства е релативно солидна, соопшти ОЕЦД.
Само мало проширување на индустриското производство
ОЕЦД за оваа година предвидувастагнација на економијата во Германија и повторен пораст дури во 2024 година – од 1,3 проценти. Високата инфлација ги „топи“ приходите и заштедите, со што се кочи приватната потрошувачка. Еден решавачки импулс за закрепнување на германската економија досега изостанува: германската индустрија на почетокот на вториот квартал од годината бележи само мало проширување на нејзината продукција и заостанува зад предвидувањата. Вкупното производство во април во споредба со претходниот месец се зголемило за 0,3 проценти, соопшти Сојузниот завод за статистика, додека во март индустриското производство бележеше пад од 2,1 процент.
„И во идните месеци се очекува разочарувачки обем на индустриското производство. Зашто, заостанатите порачки од периодот на пандемијата уште се обработуваат, а кај новите нарачки и индикаторите за расположението владее надолен тренд“, оценува Јерг Кремер, шеф-економист во Комерц банк.
Прогнозите се преоптимистички
И Александер Кригер, главен економист во приватната банка Хаук Ауфхојзер Лампе, прирастот во индустриското производство го гледа само како „капка вода на врел камен“. Поаѓајќи од тоа, оваа банка од Франкфурт на Мајна ја коригираше нејзината прогноза за економски раст на минус 0,3 проценти.
И Јерг Кремер, врз основа на актуелните конјунктурни податоци, очекува веројатен пад на растот на германската економија: „Прогнозите на многумина економисти се сеуште премногу оптимистички.“