1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската економија падна во рецесија

БГ /АФП
25 мај 2023

Германската економија падна во рецесија во текот на зимските месеци. Високата инфлација ја нарушува потрошувачката и го кочи економскиот раст.

https://p.dw.com/p/4RnMu
Германија Рецесија
Голем пад на индустриското производство во ГерманијаФотографија: Joern Pollex/Getty Images

Во првите три месеци од 2023 година, економијата се намали за 0,3 проценти, покажуваат податоците на државната агенција Дестатис, што е намалување на првичната прогноза за раст од нула проценти. 

По падот за 0,5 проценти во последните три месеци од 2022, тоа е втор последователен квартал на негативен раст на германската економија, што е основа за „техничка рецесија“. 

Причина за негативниот тренд се високите цени на енергенсите по руската инвазија врз Украина, кои особено влијае врз домаќинствата и стопанството. 

Високата цена на енергенсите предизвика инфлација која во април достигна 7,2 степени, мало намалување од пикот кон крајот на 2022 година. 

„Постојаното зголемување на цените и натаму е товар за германската економија на почетокот на годината“, соопшти Дестатис. Влијанието особено го почувствуваа потрошувачите кои мораа да го намалат трошењето на храна и облека. 

Загриженост во Берлин 

Негативните резултати во растот не се изненадување по серијата слаби економски индикатори.

„Раните индикатори укажуваат дека состојбата ќе остане слаба и во вториот квартал на 2023“, вели Јенс-Оливер Никлаш, аналитичар во ЛББВ банката. 

Германија Инфлација
Граѓаните помалку трошат поради високата инфлацијаФотографија: Micha Korb/picture alliance/dpa

Индустриските нарачки, кои се показател за производството во фабриките, доживеаја огромен пад во март споредено со истиот месец минатата година.  

Официјалните прогнози за економскиот раст годинава беа околу 0,4 проценти, но новите бројки ќе ги загрижат властите во Берлин.

Канцеларот Олаф Шолц претходно укажуваше дека Германија сторила доволно за да избегне рецесија. Последната рецесија во Германија се случи за време на пандемијата на коронавирусот на почетокот на 2020 година, кога големи сектори од економијата останаа затворени.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема