Милиони Германци мора да штедат на јадење
31 јули 2023Податоците на Евростат кои се однесуваат на 2022 година покажуваат дека голем број Германци не се финансиски во состојба да купуваат месо и риба кога сакаат, а истото важи и за вегетаријанските алтернативи на оброците со месо. Според Евростат, во 2022 година дури 11,4% од населението не може да купува месо или риба секој втор ден. Во 2021 година тоа биле 10,5% од населението, или речиси десет милиони луѓе.
Особено тешко погодени се самохраните родители. Од нив дури 19,3%, или речиси секој петти самохран родител, секој втор ден не е во состојба на своите деца да им сервира месо или риба, или споредливи вегетаријански оброци. Во таа категорија разликата помеѓу 2021 година (16,7%) и 2022 година (19,3%) е голема.
Шефот на пратеничката група на Левица, Дитмар Барч, критикува дека и овие бројки се одраз на сиромаштијата и инфлацијата во земјата. Повторно, меѓу оние што најмногу страдаат се децата. Барч критикува дека владата не прави ништо во врска со зголемувањето на цените. „Супермаркетот стана место на наплата“, вели тој и бара барем привремено укинување на данокот на додадена вредност за основните прехранбени намирници, како и државни контроли на цените во супермаркетите и воведување минимално финансиско обезбедување на децата.