Шолц најави забрана за активности на Хамас во Германија
12 октомври 2023Канцеларот Олаф Шолц најави забрана за активностите на терористичката организација Хамас во Германија. Освен тоа, треба да се забрани и палестинската мрежа Самидун. Германскиот канцелар во својата владина изјава во Бундестагот му даде уверување на Израел во солидарноста на Германија во борбата против теророт на Хамас. Секој што ги велича злосторствата на Хамас во Германија или дури и ја поддржува организацијата, прави кривично дело, рече Шолц. Властите строго ќе го следат тоа, додаде канцеларот. Здружението Самидун јавно ги прослави нападите на Хамас.
„На страната на Израел“
Израел се разбуди во кошмар, оцени Шолц. Во големиот напад на Хамас загинаа повеќе од илјада луѓе, а илјадници беа повредени. Во Израел секој знае некого што е погоден, рече канцеларот, додавајќи: „Драги пријатели во Израел, ние жалиме и ја делиме вашата загриженост.“
Според германскиот канцелар, „Израел, според меѓународното право, има право да се брани од овој варварски напад“. Шолц бара враќање на безбедноста: „Во овој момент за Германија има само едно место, а тоа е местото на страната на Израел. Безбедноста на Израел е германски национален интерес.“ Историјата на Холокаустот ја прави Германија должна да се залага за безбедноста на Израел. Шолц рече дека побарал од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да го информира за тоа каква помош му е потребна на Израел. Тоа вклучува и практична помош, како што е грижата за ранетите, рече тој: „Но, веднаш ќе ги испитаме и другите барања за поддршка од Израел“.
Германија сака да помогне за ослободување на заложниците
Шолц информираше дека во координација со Израел се работи на ослободување на заложниците во Појасот Газа. Меѓу нив има и Германци. „Се плашиме дека Хамас ќе продолжи да ги злоупотребува како жив штит во следните неколку недели“, рече канцеларот. Шолц, исто така, смета дека Иран е соодговорен за големиот напад врз Израел од страна на радикално исламистичкиот Хамас. „Засега немаме цврсти докази дека Иран конкретно и оперативно го поддржал овој кукавички напад на Хамас“, рече Шолц. Но, „без иранската поддршка во изминатите неколку години, Хамас немаше да биде способен за овие невидени напади на израелска територија“.
Германскиот канцелар опомена дека „Хезболах во Либан не би смеел да интервенира во борбите“. Постои ризик од тоа „разорен пожар“ да се прошири сѐ до Северна Африка. Канцеларот предупреди дека соседите на Израел треба да се однесуваат мирно: „Би било непростлива грешка да се нападне Израел.“ Шолц во владината изјава во Бундестагогт рече и дека се прашува каде е осудата на нападот на Хамас од страна на претседателот на Палестинците, Махмуд Абас и палестинските автономни власти. Хамас не му нуди на палестинското население „ништо освен сиромаштија и страдање“.