1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Нетанјаху: Секој член на Хамас е мртов човек

ЕМФ | агенции
12 октомври 2023

Новоформираната израелска влада на национално единство најави остри чекори против Хамас. Секој негов член „е мртов човек“, изјави премиерот Нетанјаху.

https://p.dw.com/p/4XQlc
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху (д.) и Бени Ганц
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху (д.) и Бени Ганц (архивска фотографија)Фотографија: Tal Shahar/UPI/IMAGO

По нападот на Хамас, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се закани дека ќе ги убие сите членови на радикалната исламска палестинска организација. „Хамас, тоа е 'Исламска држава' и ние ќе ги здробиме и уништиме како што светот ја уништи 'Исламска држава'“, изјави вчеравечер (11.10) Нетанјаху во својот прв говор пред членовите на новиот т.н. воен кабинет. По најсериозниот напад врз Израел од неговото основање пред 75 години, Нетанјаху и опозицискиот политичар Бени Ганц претходно се договорија за заедничка „влада на национално единство и воен кабинет“. Во заедничката изјава се вели дека тричлениот „воен кабинет“ ги вклучува Нетанјаху, Ганц и министерот за одбрана Јоав Галант.

Израелската армија продолжува со бомбардирање Хамас-цели во Појасот Газа

Во меѓувреме израелската армија продолжи со бомбардирањето во Појасот Газа. Во моментов во тек е голем напад врз цели на Хамас во Појасот Газа, објавија израелските вооружени сили на Телеграм рано изутринава. Според армијата, меѓу 1.200 загинати во терористичките напади на Хамас врз Израел има 189 војници. Огромното мнозинство од загинатите во големите напади се цивили.

Се зголеми и бројот на загинати воПојасот Газа - на 1.200, пренесоа палестински медиуми, повикувајќи се на Министерството за здравство на Појасот Газа. Според тие информации, повредени се околу 5.600 луѓе. Поради војната, околу 340.000 од 2,3 милиони жители на регионот се раселени, соопштија ОН. 65 отсто од раселените лица во моментов се во сместувалишта за итни случаи.

Турција преговара со Хамас за ослободување на заложниците

Според турски владини информации, Турција во меѓувреме преговара за ослободување на цивилите кои Хамас ги зеде како заложници за време на големите напади врз Израел и ги однесе во Појасот Газа. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган нареди преговори меѓу преговарачи од Анкара и милитантната исламистичка група, изјави претставник на турската влада.

За разлика од САД, ЕУ и Израел, Турција не го класифицира Хамас како терористичка организација. Во текот на вечерните часови терористичката милиција информираше за ослободување на израелска заложничка и нејзините две деца. „Една израелска доселеничка и нејзините две деца се ослободени откако беа уапсени за време на судирите“, изјавија бригадите Еседин ал-Касам, вооруженото крило на Хамас, на палестинскиот телевизиски канал Ал Акса. Меѓутоа, израелските медиуми наведуваат дека жената не била киднапирана во Појасот Газа и дека била ослободена претходно.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема