1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Израел мобилизираше 300.000 резервисти

агенции
9 октомври 2023

Поради војната со исламистичката организација Хамас, Израел мобилизираше околу 300.000 резервисти.

https://p.dw.com/p/4XIh4
Џамија урната во израелски воздушен напад во Кан Јунис, во Појасот Газа
Џамија урната во израелски воздушен напад во Кан Јунис, во Појасот ГазаФотографија: Ibraheem Abu Mustafa/REUTERS

Израел нареди мобилизација на 300.000 резервисти и комплетна изолација на Појасот Газа, кој е долг околу 40 километри, а широк околу 12 километри. Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант изјави: „Нема да има струја, храна и гориво.“

Причина за најголемата мобилизација во израелската историја за толку кратко време се нападите од страна на исламистичката организација Хамасврз Израел кои почнаа во саботата (7.10). Во големиот напад на Хамас пред два дена загинаа најмалку 700 луѓе, а беа повредени околу 2400.

Израел, кој во конфликтите коишто ги има одамна има високо технолошка воена предност, е потресен од неочекуваниот истовремен напад од Хамас од земја, воздух и вода. 

Штети во израелскиот град Ашкелон по ракетните напади од Хамас
Штети во израелскиот град Ашкелон по ракетните напади од ХамасФотографија: Ohad Zwigenberg/AP/picture alliance

Земјата изрази загриженост и соопшти дека е згрозена откако повеќе од илјада милитанти навлегоа во јужните еврејски населби преку граничната барикада која властите ја сметаа за непродорна. Во еврејските населби вооружени борци на Хамас влегувале од куќа во куќа убивајќи ги жителите или земајќи ги во заложништво во Газа, додека испаниченото население се криело во домовите или гинело возвраќајќи го огнот. Меѓу заложниците однесени во Газа има и деца и еден преживеан од Холокаустот кој е во инвалидска количка, велат израелските власти.

Околу 250 тела на загинати беа пронајдени на место, каде што се одржуваше музички фестивал во пустината Негев, во најголем дел млади лица. Израелците се бесни поради потфрлањето на тајните служби, но се обидуваат да ги остават настрана длабоките политички поделби од последните години подготвувајќи се за како што најави Нетанјаху „долга и тешка војна”.

„Никогаш порано не биле убиени толку многу Израелци од едно единствено нешто, а камоли пак од активности на непријателот во само еден ден“, рече портпаролот на армијата, Џонстан Конрикус. Повеќекратниот пролонгиран напад, додаде тој, го донесе „најстрашниот ден во израелската историја“, кој Конрикус го дефинира како „11.септември и Перл Харбор во едно”.

Бомбардирање на Газа

Израелската армија реагираше со масовно бомбардирање на Појасот Газа, во кое, според палестински наводи, загинале 493 лица. Во воздушните напади на Израелците со земја се срамнети станбени блокови, џамии и Централната банка. Прекинат е дотурот на електрична енергија, а има и недостиг од средства за основните потреби, затоа што се затворени сите гранични премини.

„Ситуацијата е и психолошки и економски неодржлива“, вели 37-годишната Амал Ал Сарзави, која со своите преплашени деца нашла засолниште во училиште во Газа.

Расчистување на штети по израелски воздушен напад во Појасот Газа
Расчистување на штети по израелски воздушен напад во Појасот ГазаФотографија: Mohammed Abed/AFP/Getty Images

Покрај тоа, Израелците нападнаа и зграда каде што, според претпоставките, биле сместени членови на Хамас, како и повеќе командни места на исламистичката организација. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги предупреди цивилите во Газа да ги напуштат сите објекти на Хамас, за кои најави дека ќе бидат „срамнети со земја”. Портпарол на израелската армија соопшти дека задача на армијата е да ја ослабне Хамас толку што таа веќе нема да биде закана за Израелците. Од страна на Израел не се исклучува можноста за копнена офанзива во Појасот Газа.

Многу жители на Појасот Газа најавуваат отпор. „Нема да се предадеме, овде сме за да останеме”, како 23-годишниот Мохамед Сак Алах, кој додава: „Ова е наша земја и ние нема да ја напуштиме.“

Палестинците во окупираниот Западен брег даваат поддршка и се судрија со израелските безбедносни сили во излив на насилство во кој од саботата загинаа 15 Палестинци.

Тензиите на Блискиот Исток се зголемија откако смртниот непријател на Израел, Иран, и неговиот либански сојузник Хезболахго величаа нападот на Хамас, иако Техеран во понеделникот се огради од каква било улога во воената операција. Хамас ги повика „борците на отпорот” во окупираниот Западен брег и во арапските и исламските земји да се приклучат на нивната „Операција Ал Акса поплава”, започната половина век по израелско-палестинската војна од 1973 година. САД ветија „солидна” поддршка за Израел и најавија дека ќе испратат муниција и тешка воена опрема како помош за клучниот сојузник, како и дека ќе постават носач на авиони во источниот Медитеран.

Израелски војници во контрола на теренот кај Здерот по нападите од Хамас (9.10.2023)
Израелски војници во контрола на теренот кај Здерот по нападите од Хамас (9.10.2023)Фотографија: Amir Cohen/REUTERS

Осуда и протести

Про-палестински групи во Ирак, Пакистан, САД и други земји излегоа на протести, а во Германија и Франција се зголемени мерките на безбедност во близина на еврејските храмови и училишта.

Конфликтот предизвика шок во светот и страв од негова поширока ескалација. Цената на нафтата се зголеми за четири проценти поради стравувањата дека може да дојде до проблеми со доставувањето од регионот богат со нафтени резерви.

Западните држави го осудија нападот од Хамас, организација која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка. Има информации за загинати или заробени странски државјани од земји како Бразил, Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Ирска, Мексико, Непал, Тајланд, Украина и САД. Во египетскиот град Александрија полицаец отвори оган врз „случајни“ израелски туристи, убивајќи двајца од нив и нивниот египетски туристички водич, пред да биде уапсен.

Израел, кој изминатите години со посредништво на САД постигна серија договори за нормализација на односите со повеќе арапски држави, издаде предупредувања за патување за своите државјани, особено на Блискиот Исток.