1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Кина, Русија и Хамас

Autorenbild | Alexander Görlach
Александар Герлах
11 октомври 2023

Новата Студена војна меѓу слободните нации во светот и земјите во кои владеат автократи најде нов терен на кој ќе се пренесе конфликтот: Израел, смета Александар Герлах.

https://p.dw.com/p/4XNnb
Шефот на кинеската држава Ши Џинпинг (во средина лево) и рускиот претседател Владимир Путин (во средината десно) во Москва
Државна посета: Шефот на кинеската држава Ши Џинпинг (во средина лево) и рускиот претседател Владимир Путин (во средината десно) во Москва, во март 2023Фотографија: Russian Presidential Press Office/AP/picture alliance

Бруталниот, нечовечки напад на терористите на Хамас врз цивилите во Израел беше осуден од демократските нации ширум светот. Од друга страна, Русија и Кина, две членки на светскиот Совет за безбедност, соопштија дека и двете страни сега мора да бидат поумерени и да не го ескалираат конфликтот. Со тоа, диктаторите Ши Џинпинг и Владимир Путин уште еднаш ѝ покажуваат на глобалната заедница дека меѓународното право веќе нема да важи во новиот светски поредок што сакаат заедно да го воспостават.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој сака да ја споредува својата Турција со Отоманската империја и сонува слични империјални соништа како Ши и Путин, го повторува истото и ги повикува двете страни на умереност. Ердоган повеќе од еднаш се обиде да ги придобие луѓето од арапскиот свет преку радикални антиизраелски политики. Во исто време, тој не дозволи Путин и Ши да го вовлечат во нивниот табор, кој сѐ повеќе се оддалечува од цивилизираните норми поставени од Обединетите нации. Анкара продолжува да одржува контакти со Украина, која беше нападната од Русија. Турскиот претседател го осудува грабежот на територии од страна на Москва и бара окупираните подрачја да му бидат вратени на Киев.

Студен апарат

Блиските сојузници Русија и Кина, наспроти тоа, во војната во Украина целосно се потпираат на најголемиот непријател на Израел, Иран. Беспилотните летала стигнуваат до линиите на фронтот во Украина од Иран. И пекиншкиот и московскиот диктатор се среќаваат со највисоки претставници на иранскиот режим.

Алаксандар Герлах, автор на колумната
Алаксандар Герлах, автор на колумнатаФотографија: privat

Меѓутоа, без Иран, Хамас и Хезболах не би биле во состојба да го нападнат Израел од Појасот Газа и од Либан. Преку нивните пораки за псевдо-еквидистанца кон Израел и кон Палестина, што треба да прозвучи како благородна декларација за неутралност, Кина и Русија застануваат на страната на Хамас.

Во соопштението на Министерството за надворешни работи на Пекинг ниту се споменува ниту се осудува Хамас. Неемпатичното соопштение на студениот апарат на Комунистичката партија беше со право критикувана, вклучително и од лидерот на мнозинството во американскиот Сенат, Чак Шумер, кој изрази шокираност дека масакрот на повеќе од 250 млади луѓе на музички фестивал од страна на Хамас воопшто не предизвика изрази на сочувство.

Масакр врз сопствената младина

Но, овде не може да се очекува емпатија од Пекинг. Во 1989 година, светот беше сведок како кинеското раководство ја масакрира сопствената младина која мирно протестираше за поголема слобода во изолираната земја. Се вели дека десетици илјади биле убиени од страна на армијата во раните денови на јуни истата година. До денес, самото зборување за масакрот на плоштадот Тјенанмен во Кина на Ши подлежи на строги казни.

Тешки односи: Рускиот претседател Владимир Путин во посета на Ерусалим (јануари 2020 година)
Тешки односи: Рускиот претседател Владимир Путин во посета на Ерусалим (јануари 2020 година)Фотографија: Alexei Nikolsky/Russian Presidential Press/Tass/dpa/picture alliance

Во актуелната геополитичка ситуација, која, поради однесувањето на Москва и на Пекинг е заострена до степен до кој одамна не била, постои опасност Русија и Кина воено да го поддржат Иран во неговата борба против државата Израел. Како и со другите конфликти со слободниот свет, Путин и Ши ќе се потпрат на тоа дека Израел е омразен во делови од светот. Амбивалентното говорење за умереност, кое свесно избегнува да каже кој е одговорен за колежот, може да најде приемчиви уши кај некои групи во слободниот свет, кои навистина сметаат дека самите Израелци се виновни што биле брутално нападнати од Хамас.

За жал, Ши и Путин можат да бидат сигурни дека со тоа што ќе застанат на страната на Хамас, Иран и конечно на меѓународниот терор што произлегува од Техеран, тие можат да ги искористат поделбите во западните општества за спроведување на сопствените цели. На крајот од краиштата, и Путин, кој веќе започна војна, и Ши, кој утре би можел да започне инвазија врз демократската островска држава Тајван, веројатно ќе бидат среќни што САД сега треба да го фокусираат своето внимание на војната на Хамас против Израел и на тој начин ќе имаат помалку слободни ресурси за да се спротивстават на нивните махинации.

Александар Герлах е виш соработник на Советот Карнеги за етика во меѓународни односи и вонреден професор на школата Галатин на Универзитетот во Њујорк, каде што предава теорија на демократија. По престојот во Тајван и во Хонгконг, овој регион во светот, особено подемот на Кина и што тоа значи за демократските држави во Азија, стана централна тема на неговата научна работа. Бил на различни позиции на универзитетот Харвард и на универзитетите во Кембриџ и Оксфорд. Александар Герлах живее во Њујорк и Берлин.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи